1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Комеморациите во Аушвиц без Путин

Роман Гончаренко/ Ж. Ацеска26 јануари 2015

Војната во Украина фрла сенка и врз комеморациите по повод 70-годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц. Иако го ослободија советските трупи, сегашниот руски претседател Путин нема да биде присутен.

https://p.dw.com/p/1EQOe
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во центарот на вниманието би требало да бидат жртвите, а не политичарите. Затоа за комеморациите по повод 70-годишнината од ослободувањето на Аушвиц не се испратени формални покани до претседателите на држави и влади, соопшти полскиот Музеј Аушвиц-Биркенау.

Кој сака да учествува - е добредојден. Но, сепак, се заканува опасност таа желба да претвори во спротивност. Во јавноста досега помалку се дискутираше околу последните преживеани жртви на злогласниот концентрационен логор, отколку за отсуството на еден проминентен политички гостин.

Ни Аушвиц, ни Прага

Рускиот претседател Владимир Путин не доаѓа во Аушвиц. Неговиот портпарол соопшти дека „немало лична покана“, без да детализира дали таква била очекувана. Чешката телевизија пренесе дека Путин нема да дојде ни во Прага. Таму денеска и утре, 26 и 27.01., Светскиот форум за холокаустот ќе потсети на жртвите на националсоцијализмот. Но, за разлика од полскиот спомен-музеј, чешкиот претседател Милош Земан го покани рускиот претседател.

Како земја наследничка на поранешниот Советски Сојуз, Русија полага право на посебна улога во победата над Хитлерова Германија во Втората светска војна. Црвената армија го ослободи Аушвиц-Биркенау пред 70 години, на 27 јануари 1945. Во логоорот беа убиени над еден милион луѓе, првенствено Евреи.

Нови тензии поради Украина

Претходните руски претседатели не доаѓаа секоја година на одбележувањата во Аушвиц. Но, Путин беше присутен на 60-годишнината. Уште во 2005. година, атмосферата беше влошена поради Украина. Меѓу гостите беше и новоизбраниот украински претседател Виктор Јушченко, кој на власт дојде по т.н. Портокалова револуција. Русија го обвинува Запад за влечење конци во таа револуција.

KL Auschwitz. 69. Jahrestag der Befreiung. Grabkerzen am Mahnmal in Birkenau“
Комеморации по повод 69-годишнината од ослободувањето на АушвицФотографија: DW/ A. M. Pędziwol

Овојпат украинскиот претседател Петро Порошенко доаѓа во Аушвиц, а актуелната криза во Украина е многу поголема отколку пред десет години. Русија го обвинува Западот за поддршка на насилното соборување од власт на украинскиот претседател Виктор Јанукович во 2014. година. Од друга страна, западните влади ја обвинуваат Русија за анексија на украинскиот полуостров Крим и воено помагање на проруските сепаратисти во истокот на Украина. Двете страни во меѓувреме воведоа санкции.

Конфронтации со Полска

Ситуацијата во Украина и односите меѓу Запад и Русија се одразуваат и на земјите во соседството. Посебно загрозена се чувствува Полска. По 1945. година, комунистичка Полска беше дел од Источниот блок под доминација на Советскиот Сојуз. Денес оваа земја е членка на ЕУ и на НАТО, но очигледно се‘уште постои голем страв од силниот сосед Русија. Од избивањето на украинската криза, односите меѓу Варшава и Полска значително се заладени. Во август 2014. година Полска издаде забрана за прелет на авинот на рускиот министер за одбрана над нејзина територија поради „формални причини“.

Неколу дена пред комеморациите во спомен на жртвите на холокаустот, во Москва предизвикаа остри реакции изјавите на полскиот министер за надворешни работи. Жегож Шетина во едно интервју изјави дека украинските војници го ослободиле Аушвиц. Руските медиуми прилично бурно реагираа на таа изјава. Политичарите во Москва ја обвинија Полска за „фалсификување на историјата и цинизам“. Во Русија силни реакции предизвикува и фактот што Путин не патува во Аушвиц. Публицистот Максим Шевченко, близок до Кремљ, однесувањето на полските политичари го нарече „одвратен снобизам“. Дури и опозициониот политичар Борис Немцов зборува за „голема грешка“ на Полска.

„Отсуството на Путин се доживува како крајно отсуство на почитување кон сеќавањето на загинатите затвореници и нивните ослободители“, напиша Немцов во својот блог.

Сепак, на комеморациите нема да има дипломатски скандал. Москва соопшти пред неколку дена дека Русија ќе биде застапувана од шефот на претседателскиот кабинет, Сергеј Иванов.

Holocaust Gedenktag Auschwitz 27.01.2014
Да не се заборави минатотоФотографија: Reuters

Без состанок со Порошенко

Германските експерти за источна Европа различно го оценуваат овој случај. Да не се покани лично Путин не е скандал, вели Герхард Симон од Универзитетот во Келн во разговор за Дојче веле. „Ако сака, тој би можел да дојде“. Симон не исклучува дека Путин не доаѓа за да ја покаже уште посилно својата изолација.

„Можеби тој уште е под впечаток на искуството од Бризбејн во Австралија“, вели Симон. На состанокот на групата Г20 во ноември 2014. година, западните политичари наводно го избегнувале Путин поради неговата политика кон Украина. Путин предвреме го напушти самитот.

Кармен Шајде, историчарка и стручњак за источна Европа од Универзитетот Сент Гален во Швајцарија е убедена дека е погрешно што Путин не е лично повикан на комеморациите. „Тоа е грешка, тој секако требаше да присуствува на овој настан“, вели таа за Дојче веле. Без оглед на актуелните политички разијдувања, Путин требаше да биде повикан „за да се покаже дека имаме заедничко минато“.

Присуството на украинскиот претседател Порошенко исто така можеше да се искористи, смета Шајде. Неодамна пропадна планирната средба на Путин и Порошенко во Казахстан, каде требаше да присуствува и германската канцеларка Ангела Меркел, како и францускиот претседател Франсоа Оланд. Политикологот Симон од Келн се сомнева.

„Има толку многу прилики тие двајца да разговаат, за тоа не е потребна комеморацијата во Аушвиц“.