1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку се применуваат ЕУ стандардите за превод на правото на македонски јазик?

Свето Тоевски 4 јули 2014

Европското законодавство во овој момент брои меѓу 150 илјади до 200 илјади страници. Досега на македонски јазик се преведени околу 74 илјади страници, односно, околу 7 илјади поодделни правни акти.

https://p.dw.com/p/1CVWy
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Овие податоци се содржани во „CC VISTA“ базата за техничка и информативна помош на Европската Комисија. Според анализата на „Отворена Европа“, легислативата на ЕУ до 2020 ќе достигне 351 илјади страници. Дојче веле во изминативе неколку дена повеќекратно се обидуваше да добие официјална информација од Секретаријатот за европски прашања на Владата во врска со проблемите, динамиката и квалитетот на преводот на европските закони на македонски јазик, но до моментот на објавувањето на овој текст таквата информација не беше доставена. Несомнено е дека преведувањето на оваа планина од директиви, прописи, закони и други европски правни акти е огромен подвиг за секоја држава-кандидатка за интегрирање во европското семејство.

Околу ова директорката на Институтот за европска политика во Скопје д-р Малинка Ристевска - Јорданова и програмскиот координатор м-р Александар Јованоски истакнуваат: „Надлежниот Сектор во Секретаријатот за европски прашања прави план за преводот на законодавството на ЕУ на годишно ниво и со тоа се утврдува динамиката на преведувачкиот процес. Имајќи предвид дека легислативата на ЕУ бележи пораст, Македонија треба да има стратегија како може да држи чекор со преводот. Но, позицијата на 'статус кво' очигледно влијае врз преводот на европските правни акти. Преводот на европското право е еден од клучните показатели до каде е евроинтегрирањето на земјата.“

Професорката по уставно право и политички систем од Универзитетот „Кирил и Методиј“ од Скопје Тања Каракамишева - Јовановска коментира: „Преведувањето на законите на ЕУ се одвива во рамки на Секретаријатот за европски прашања, како и во одделите за превод и работа со проблематиката на европските закони во рамки на секое министерство поодделно. Но, процесот на преведување мора да се прошири и надвор од институциите: преку вклучување експерти од областа на правото на Унијата, кои ја владеат правната терминологија што се применува во нејзините институции. Институционалните капацитети на РМ во овој поглед треба да се подобрат со надворешни лица, кои имаат познавање од оваа проблематика, со што ќе се подигне нивото на политичка сериозност, но и на компетентноста во приспособувањето на македонското законодавство со европското законодавство.“

„Потребни се преводи, кои нема да ги направат неприменливи преведените европски закони

Назми Малиќи, експерт за евроинтеграции од ФОН Универзитетот во Скопје се надоврзува: „Со преводите на европските закони и со зголемувањето на динамиката на тој процес се здобиваме со култура на комуникација со европското законодавство. Преводите можеби немаат некој поизразен континуитет во овие неколку години и затоа ни се чини голема бројката од илјадници страници, кои допрва чекаат да бидат преведени на македонски јазик. Значи, би требало да постои континуитет секоја година во тоа преведување. Преводите треба да бидат квалитетни, бидејќи со тоа се придонесува кон кодификацијата на македонскиот јазик.“

justitia rechtsprechung Symbolbild
Фотографија: fotolia

Дел од македонските медиуми ги пренесуваат појаснувањата од Секретаријатот за европски прашања дека поголемиот дел од веќе преведените страници имаат статус само на работни верзии: „Всушност, сите преведени страници досега и оние што преостануваат да се преведат ќе имаат статус на така наречени ’работни верзии’ сé додека не ја минат фазата на верификација и објавување во „Службениот весник“ на ЕУ, а тоа е до моментот на прием на Македонија во Унијата. Дури и во првата фаза од процесот на преведување, се преземаат соодветни активности, во кои можноста за технички пропусти е сведена на минимум.“

Меѓутоа, во јавноста можат да се чујат критички забелешки дека честопати преводот на правните акти на ЕУ на македонски јазик или е лош, или е несоодветен. Дека се креираат некаков нов вид „административен јазик“ и терминологија, кои само го зголемуваат ризикот така преведените прописи и директиви на ЕУ на македонски јазик всушност да станат неприменливи. ДВ ги праша експертите: каков е квалитетот на веќе преведените европски закони?

Раководителката на катедрата за преведување и толкување при државниот Филолошки факултет во Скопје д-р Татјана Панова - Игњатовиќ вели: „Нашата катедра има долгогодишна и конструктивна соработка со Секторот за подготовка на националната верзија на правото на Европската унија („acquis communautaire“). Честопати на нивно барање сме им ги изнесувале нашите препораки за подобрување на квалитетот на преводите. Во процесот на преведување е неопходно да се вклучат дипломирани преведувачи, кои имаат искуство од потесната област, а не, како што е досегашната пракса, да се ангажираат и лица без филолошко образование, кои имаат само познавање на странски (англиски) јазик. За конкретните проблеми поврзани со непреводливоста или несовпаѓањето на називите ќе треба да расправаат и да ги решаваат стручните лица од македонската академска заедница кои треба да ги изедначат и да ги усогласат термините на македонски јазик заради негова стандардизација и соодветна примена при преведувањето на европското законодавство, при што мора да се постигне најјасен консензус.“

Symbolbild Rechtssprechung p178
Фотографија: BilderBox

„Европскиот стандард за преведување не се применува доволно при преводите на законите на ЕУ на македонски јазик“

Стандарди постојат и во преведувањето. За Македонија е најрелевантен европскиот стандард за превод „'EN15038“, издаден од Европскиот комитет за стандардизација. Во една своја јавно објавена стручна статија Ирена Кацарска - Ќимова, претседателка на Здружението на преведувачи на Македонија, тврди дека во преведувањето на европското право на македонски јазик не се применува во доволна мера овој европски стандард: „Поголем број европски земји го усвоија 'EN15038' како свој национален стандард, но, тој нема широка примена во Македонија, бидејќи сè уште не е пренесен од европското законодавство како македонски стандард.“

Во овој контекст д-р Соња Китановска-Кимовска од споменатата катедра за преведување и толкување дополнува: „Кога се зборува за квалитетот на преводот, Македонија го прифатила тој европски стандард за квалитет, но, тој воопшто не е актуелизиран, ниту се применува кај нас.“

Симона Груевска - Маџовска, експерт за лексикологија од Институтот за македонски јазик од Скопје, нагласува: „На интернет страницата на Секретаријатот за европски прашања се поставени ’Упатство за постапување при превод на правни акти и други документи’, ’Прирачник за преведување на правните акти на ЕУ’ и слични акти. Во нив многу прецизно е наведено како треба да се постапува при преводот и употребата на термините. Термините во прирачниците на овој секретаријат се сосема во духот на македонскиот јазик и не видов некои лоши решенија. Но, немам увид во извршените конкретни преводи, за да знам дали се во согласност со упатствата. Сите јазици, не само македонскиот, се судруваат со оваа нова терминологија и бараат соодветни решенија. Македонскиот јазик има несомнен капацитет за секаков тип превод, па и на посложените терминологии од различни области. Добриот резултат ќе биде осигурен, ако се ангажираат квалитетни преведувачи и квалитетни лектори навистина стручни во својата област, а не преведувачи и лектори што работат за најниски хонорари. Со успешните преводи македонскиот јазик се застапува како европски јазик заедно и рамноправно со останатите. Со преведувањето тој се збогатува и се развива, особено на лексички план.“

Simona Gruevska-Madzovska Sprachwissenschaftlerin aus Mazedonien
Симона Груевска - МаџовскаФотографија: privat

Проектот на преведување на правните прописи на ЕУ има далекусежни импликации и социјално, економско, правно и културно влијание врз повеќе општествени подрачја. Сепак, правното подрачје е најважно бидејќи не се работи само за преведување правни прописи, туку, всушност, за создавање прописи во рамки на македонското законодавство. Зборовите, изразите и термините кои преведувачите ќе ги изберат во иднина ќе бидат од најголема важност за судиите и за законодавците. Кога оваа држава ќе стане полноправна членка на ЕУ успешниот превод треба да биде и потврда повеќе дека македонскиот јазик со својот лексички капацитет е рамноправен јазик на писмената и усната комуникација во европското семејство.