1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку се нормализирани односите Белград-Приштина?

Марина Максимовиќ / Симе Недевски19 април 2014

Една година по потпишувањето на Бриселскиот договор, ЕУ е задоволна. Белград вели оти „речиси целосно“ ги исполнил обврски, додека Приштина ја повикува Србија „повеќе да се ангажира“ во примената на договореното.

https://p.dw.com/p/1Bl3l
Фотографија: REUTERS

Една година откако премиерите Ивица Дачиќ и Хашим Тачи во име на Србија и на Косово ги ставија своите потписи на „првиот договор за главни прицинпи за нормализирање на односите“, а ЕУ порача дека „имплементацијата е приоритет“, со помалку или повеќе оптимизам се оценува дека договореното е делумно и исполнето. Брисел, од своја страна, е официјално задоволен со постигнатото, Белград смета оти „речиси 100 процентно“ го исполни својот дел од обврските, додека Приштина нагласува дека е „сторено многу“, но дека „Србија мора повеќе да се ангажира“ за имплементација на договореното.

Иако од самиот почеток на примената на договорот, Белград и Приштина разменуваа обвинувања на сметка на другата страна за „неангажираност и одолговлекување“, а упатените предупредуваа на „тешката имплементација“ која доаѓа со „самата територија“, во јуни минатата година прво дојде до размена на офицери за врски, а во септември е парафиран и договорот за енергетика и телекомуникации, чиј навистина најтежок, имотно-правен дел, остана да биде предмет на идни разговори.

Во ноември со одржувањето на општинските избори на Косово, вклучувајќи ги и општините со мнозинско српско население на северот, е исполнета уште една од петнаесетте точки од Априлскиот договор. Приштина нагласи дека го „положила европскиот тест“ со одржување на изборите на целата своја територија, со учество на сите заедници, додека за Белград изборот за легитимни српски претставници преставуваше основа за формирање на Заедница на српски општини. Меѓутоа, Заедницата на српски општини, чие формирање е предвидено со првата точка од договорот, сѐ уште не е заживеана. Затоа, велат во Белград, сега се чека Приштина да го исполни својот дел од договорените обврски.

Dialog Serbien-Kosovo
Фотографија: The Council of the European Union

Компликуваната имплементација доаѓа со самата територија

Договорот од 19. април 2013. година е наречен и „историски договор“, „пресврт во односите меѓу Србија и Косово“, но и „замав на патот кон евроинтеграција“. Меѓу останатото, врз основа на постигнатото со нормализирање на односите, Белград доби почеток на преговори за членство во ЕУ, а Приштина преговори за Договор за стабилизација и придружување. Пред крајот на минатата година, Белград и Приштина го финализираа договорот за интегрирање на сите оние кои сакаат да бидат дел од косовската полиција, а шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон со препораката за почеток за пристапните преговори со Србија изјави дека е „имперсионирана од напредокот и посветеноста“ на двете страни: „Кога ќе ја погледнете листата на постигнатото од Априлскиот договор таа е навистина имперсивна. Некаде дури отидовме подалеку и побрзо отколку што очекував. Сега работиме на последите детали кои се однесуваат на правосудството“, им порача Ештон на земјите-членки на Унијата.

Во овој момент, Белград и Приштина и натаму се наоѓаат пред финализирање на една од „најголемите теми“ во досегашниот дијалог со која северот се интегрира во едиснтвениот правосуден систем на Косово. Се очекува новата влада во формирање во Белград и властите во Приштина да го официјализираат овој договор на следната средба во Брисел.

Treffen Ashton, Thaci und Dacic
Фотографија: European External Action Service

Нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина е процес кој ќе трае

Во ЕУ често повторуваат дека првенствена цел на дијалогот меѓу Белград и Приштина е подобар секојдневен живот на обичните граѓани. И додека граѓаните на Косово велат оти е рано за оценка како и колку Бриселскиот договор го променил нивниот живот, нагласуват дека поделеноста на општеството е и натаму видлива, европскиот став е дека се очекувани пречки и проблеми, но оти е постигнато нешто што не се придвижувало цели 15 години.

„Одржувањето на изборите на цела територија на Косово, според косовски законски рамки, беше голема промена која стави две заедници, кои играа ’секоја пред својот гол’ на ’ист терен’“, смета советникот на специјалниот европски претставник на Косово, Александро Рота и додава: „По ноемвриските избори на Косово српските заедници на северот добија легитимно избрани лидери кои ги признаваат сите страни. Иако дел од соработката и натаму оди со наша помош, постои и засилена кооперација на локалните зедници со министерствата и администрацијата во Приштина, што е новост“.

Нема промени преку ноќ

Дијалогот и нормализирањето на односите на Белград и Приштина е процес кај кој не се очекуваат „промени преку ноќ“, но и оти е „лично импресиониран“ со постигнатото, вели директорот за Западен Балкан во Европската дипломатска служба, Фернандо Џентелини. Тој оценува дека до нормализација во областите како што се слободата на движење, имотните катастри или излегувањето на избори се основа за помирување меѓу заедниците на Косово: „Договорот не е само потпис и негова примена. Договорот бара константна енергија и работа. Мислам дека сите во овој процес се подготвени на тоа. Европската перспектива е навистина важна, но тие (Белград и Приштина, н.з.) сакаа животите на нивните граѓани да бидат нормални и да се решат проблемите на терен. Тоа придвижи се’“, вели Џентелини.

Своевремено, шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон најави можност по Бриселскиот договор, кој се води и како „прв договор за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина“, на ред да дојде и „втор договор“. Во овој момент во Брисел велат дека е реално да се очекува до ноември 2014. година, кога истекува мандатот на високата претставничка, да дојде барем до целосна примена на договореното и потпишаното на 19. април минатата година.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема