1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во кое лице на Ставрески да верува јавноста?

Катерина Блажевска3 март 2015

Јавноста и натаму ќе биде поделена во „кој Ставревски“ да верува. Иако некои министри треба веднаш да дадат оставки, Владата нема да им го дозволи тоа за да се одржи сликата за монолитност, сметаат аналитичарите.

https://p.dw.com/p/1Ek8o
Фотографија: Petr Stojanovski

Стигна брз одговор на шестата „бомба“, со која лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера (02.03) се обиде да ги претстави притисоците врз министерот за финансии во време на проектирање на буџетот, неговото незадоволство од начинот на кој се трошат државните пари за реклами и споменици, додека на МВР му се заканува исклучување на струјата, а во прашање е доведена работата на клучните ресори.

„Ништо од она што Зоран Заев го зборуваше, не е дел од реалноста. Слушнавме замена на тези и селективни разговори, надвор од вистинскиот контекст“, одговори синоќа на прес-конференција вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

„Македонската економија е во добра состојба и никакво сценарио за банкрот нема да се случи. Кондицијата на буџетот е одлична, а тоа го потврди и предвременото раздолжување кон ММФ. Граѓаните треба да се водат од реалноста и од фактите кои велат дека во последниве години невработеноста е намалена за една третина, креирани се 125 илјади работни места, во земјава како резултат на реформите дојдоа над 30 странски компании, а државниот долг е под 35 проценти од БДП или меѓу четирите најниски во Европа“, истакна Ставрески.

Според него, нормално е луѓето во Владата да имаат различни мислења, но сите тие се ставаат на маса, се разгледуваат, се разменуваат аргументи за на крај да се бира најквалитетно решение за граѓаните, согласно со програмата.

„Со таков пристап, на поттикнување дебата, што сметам дека е многу здрав, се донесуваа решенија и се води економска политика“, потенцира Ставрески.

Но, во дел од вчерашните разговори, чија автентичност тој не сакаше да ја коментира, бидејќи е дел од процес кој треба да добие правна разрешница, всушност се покажува дека до дебата тешко се доаѓало. Во еден од наводните разговори, Јанкулоска се жали дека нема каде да ги каже своите забелешки за буџетот на МВР.

ГЈ: Да имам можност, еве јас ќе кажам, ама јас немам можност кај да кажам.

ЗС: Не си ни пробала. Дали имаш можност, ќе знаеш ако пробаш. Како Нино (министерот за здравство Никола Тодоров, н.з) што проба, така и ти ќе пробаш.

ГЈ: Зошто во илјада други случаи се нема трпение. Еве, сега ќе се јавам и ќе побарам средба.

Сега, граѓаните треба да решат на кој Ставрески ќе му веруваат: на оној што вели дека се е во ред со буџетот и македонската економија или на оној глас, кој според Заев, е на министерот за финансии и во разговор со Јанкуловска се жали: „Расплинети сме до бесвест, само се прават некои мегаломански работи“, „Не се издржува, ги дувам приходите вештачки“, „Се‘ повеќе и повеќе борчиме“, „Ние не сме нормални“, „Ние сме лудаци“, „Кога ги нема парите, значи ги нема парите“ „Трошиме на чоколади, а немаме дома леб“, „Ситуацијата станува неиздржлива“, „Човекот (премиерот) изгубил контакт со реалноста“...

Zoran Stavreski Vize Ministerpräsident Mazedonien
Зоран Ставрески ги негира тврдењата на ЗаевФотографија: MIA

Мочуриште на лаги

Од содржината на разговорите и од објаснувањето на Ставрески, воопшто не е изненаден Петар Гошев, поранешен министер за финансии и гувернер на НБРМ. Тој подолго време предупредуваше за начинот на управување со јавните финансии на државата, за трошењето буџетски пари за мегаломански проекти, за отсуството на селекција на приоритети од највисоко значење за граѓаните...

„Секогаш јавните одговори на министерот за финансии и на премиерот, беа дека јавните финансии се во најдобар ред, дека се работи домаќински, дека критиките доаѓаат од недобронамерници, опозиционери, безмалку љубоморни на 'големите подвизи' на власта, дека долговите редовно се измируваат, дека земјата е ниско задолжена. Особено во последните две години, стигнаа сериозни предупредувања за менаџирањето со јавните пари и за нетранспарентноста на целиот фискален процес и од меѓународните финансиски институции (ММФ, Светска банка...), како и од Европската комисија. Но и тоа Владата го игнорираше, или се придржуваше до моментот на полетување на авионот со кој си заминуваа делегациите од тие институции“, вели Гошев. Тој потсетува дека Ставрески и пред неколку дена повторно „се исправи со нови лаги“.

„Ни кажа дека предвреме се раздолжил од долгот кон ММФ и дека, дури, заштедил на камати 'цели' 5 милиони евра. Но не ни кажа дека врати предвреме кредит со пониска камата, користејки друг кредит со повисока камата. Таа нова штета ја 'заборави'. Од министерот за финансии, кој во јавноста ги опоменуваше неговите критичари дека употребуваат недоличен речник кон неговата и владината политика, чувме какви квалификативи тој изрекувал за десетици свои колеги, вклучително и за неговиот шеф, кому со најголема понизност му помага во безумното арчење. И после се‘, повторно 'гордо' најави дека останува во одбрана на тоа лудило. Колку лица има овој човек и колку од неговите колеги се такви? Не ми е сатисфакција тоа што моите предупредувања (и на други аналитичари), со уште посочни зборови сам ги потврди министерот, втората виолина во ширењето на македонското мочуриште на лаги и бесперспективност, човекот кој очигледно повеќе ја сака функцијата отколку својата и честа на неговото семејство. Ќе бев задоволен ако тие навремени предупредувања влијаеја да се напушти таа патека која води кон бездната, бидејки совршено ми е познато колку чини и колку ќе не чини да се вратиме на вистинскиот колосек“, предупредува Гошев.

Mazedonien Abhöraffäre Zoran Zaev SDSM
Зоран Заев објави нови телефонски снимкиФотографија: Petr Stojanovski

Уште синоќа, Ставрески доби поддршка за настапот од неговата колешка и соговорничка во посочените разговори. На својот Фејсбук профил, Гордана Јанкуловска ја пренесе изјавата на Ставрески од неговата прес-конференцијата, со коментар:

„Ставрески го замолкна Заев: Со министрите и премиерот некогаш имаме различни мислења но секогаш го избираме најдоброто за граѓаните“.

Не смеат да заминат

По ваквиот „двоен настап“, јавноста се прашува со каков кредибилитет Ставрески и Јанкуловска ќе можат да застанат рамо до рамо со премиерот, да ги бранат владините политики и кој воопшто ќе верува во нивните изјави? Драган Малиновски, поранешен член на Државната комисија за спречување на корупцијата, смета дека споменатите министри би требало веднаш да си заминат од своите функции.

„Содржината на разговорите помеѓу Јанкуловска и Ставрески не би требало да предизвикаат никакво изненадување кај познавачите на актуелната политичка сцена. Како и да е, одделни аспекти мора да бидат соодветно анализирани. Притоа, тргнувам од претпоставката дека она што го чувме е веродостојно. Очигледно е дека ресорот финансии бил растргнат помеѓу мегаломанските апетити на премиерот, како и на останатите чинители на власта и оскудните можности кои ги нуди буџетот. Чувме како елементарните трошоци за функционирањето на полицијата и останатите установи, се во втор план, како последица на крајно неразумни трошења. Во такви услови, дури ни министерот за финансии немал сила, ниту пак авторитет, да ги контролира тековите во својот ресор. Таквото сознание е поразително и во јавноста открива една нова димензија за односите во највисокиот државен врв. По објавувањето на овие снимки, логично се поставува прашањето за возможноста од натамошното опстојување на овој персонален владин состав. Поради својата неискреност кон граѓаните, споменатите министри би требало веднаш да си заминат од своите функции, како би се спречило натамошно деградирање на институциите со кои раководат“, дециден е Малиновски.

Други се сомневаат во таков исход. Иако во презентираните разговори е видлив професионалниот стрес предизвикан од погрешните приоритети што ги наметнува премиерот, јавноста и натаму ќе биде поделена, а министрите нема да смеат да ја напуштат Владата, смета аналитичарот Алберт Муслиу.

„Оние кои решиле беспоговорно да веруваат во се‘ што ќе каже власта, разговорите нема да ги примат 'здраво за готово'. Другите ќе бараат одговорност затоа што се управувало како со приватен, а не со државен буџет, и тоа од лица со одговорни општествени функции. Без оглед на оправдувањата, приказните за монолитноста на Владата веќе не држат. Таа е длабоко нарушена, но на министрите нема да им биде дозволено да се исклучат од работата на Владата. Истите обиди ќе се прават и во партијата, со цел што повеќе да се намалат штетите, за таа да се спаси за во иднина“, вели Муслиу.

Случајно или не, додека јавноста беше преокупирана со прес-конференциската пинг-понг партија меѓу Заев и Ставрески, пратениците ги изгласаа измените во Законот за полиција, со кои се дозволува употреба на гумени куршуми за спречување инциденти во случај на поголемо насилство на протести. За разбивање на демонстрации, освен гумени куршуми, полицијата ќе може да користи и електрични парализатори и шок - бомби.

Ваквото законско решение уште повеќе ги зголеми стравувањата дека власта го подготвува тој контра-аресенал, за случаи ако „бомбите“ на Заев резултираат со протести на кои ќе се бара смена на власта.