1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку е моќна ОПЕК?

Андреас Бекер / Е.М. Фиданоска27 ноември 2014

Во Виена денеска (27.11) ОПЕК дискутира за производството и цената на нафтата која со месеци бележи пад. Но дали ОПЕК воопшто има моќ да ја контролира цената?

https://p.dw.com/p/1Dtux
Фотографија: picture-alliance/dpa

Падот на цената на нафтата, според Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), е вистински проблем. Колку е пониска цената на нафтата, толку помали се приходите на 12-те земји членки (Саудиска Арабија, Обединети Арапски Емирати, Кувајт, Катар, Иран, Ирак, Нигерија, Либија, Ангола, Алжир, Еквадор и Венецуела). Овие земји заедно произведуваат повеќе од една третина од суровата нафта во светот и располагаат со најголемиот дел нафтени резерви. ОПЕК е основана во 1960 година со цел да влијае врз цената на нафтата преку контрола на производството и извозот.

Голема понуда, мала побарувачка

Причината за релативно ниската цена на нафтата во моментов - под 80 американски долари за барел (159 литри) е едноставна: понудата е повисока од побарувачката. Поради тоа што конјунктурата во големи делови на светот се развива послабо од очекуваното, потребно е и помалку нафта.

Истовремено, пред се‘ САД, најголемиот потрошувач на енергија во светот, разработија нови извори и ја зголемија понудата на нафта. При т.н. фрeкинг, нафтата и гасот се добиваат од длабоките карпести слоеви кои порано не беа достапни.

Според проценките на Меѓународната агенција за енергија, САД би можеле можеби уште наредната година да произведат повеќе нафта од Русија и Саудиска Арабија. Од летото цената на нафтата падна за околу 30 проценти, и тоа и покрај геополитичките кризи како што се конфликтот во Украина, санкциите на САД и ЕУ против Русија и засилената терористичка организација „Исламска држава“ во Сирија и Ирак.

Symbolbild Fracking Anlage
Фрекингот е скап методФотографија: Getty Images/S. Platt

За индустриските земји кои не произведуваат нафта, ниската цена на нафтата е благослов. Само во Германија претпријатијата и приватните домаќинства би можеле со тоа да заштедат 35 милијарди евра во наредната година, пресмета банката Уникредит. „Овој износ е речиси еден процент од брутодомашниот производ“, изјави за Ројтерс Андреас Рес, шеф економ во банката. „Тоа е големо олеснување кое ги намалува трошоците на претпријатијата и ја зголемува куповната моќ на потрошувачите.“

Мали квоти?

За земјите извознички на нафта, меѓутоа, ниската цена на нафтата значи помали приходи. Некои од нив, меѓу нив и Русија, поради тоа влегуваат во сериозни тешкотии. Тие можат да го финансираат својот буџет само ако цената на нафтата се задржи на одредено ниво.

Всушност, би требало да се очекува земјите на ОПЕК да се договорат барем за намалување на производството на нафта, со што ќе се намали понудата и ќе се зголеми цената. Во моментов, картелот официјално произведува 30 милиони барели дневно. Ова количество не е променето веќе три години.

Ölförderung
Земјите на ОПЕК произведуваат исти количества нафта веќе три годиниФотографија: AP

Но не сите членки се држат до квотите. Според податоците на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), картелот дневно произведува 500.000 барели нафта повеќе од договореното.

Од 1982 година, кога беа официјално воведени квотите на ОПЕК, земјите членки во 96% од случаите не се придржувале до договорените квоти, вели Џеф Колган, политиколог на Универзитетот Браун во САД и автор на книгата „Петро-агресија: Како нафтата предизвикува војна“.

Немоќната ОПЕК?

Научникот дури се сомнева дека ОПЕК може да ја контролира цената на нафтата. „Саудиска Арабија веројатно има моќ малку да влијае на цената на нафтата, затоа што поради своите големи производствени резерви може да го зголемува или намалува производствто како сака“, нагласува Колган во еден текст за „Вашингтон пост“.

„Меѓутоа, важно е тоа што ваква моќ има како одделна земја. ОПЕК како организација нема дополнително влијание. Повеќето земји членки на ОПЕК - од Венецуела до Ирак - ја црпат својата нафта најбрзо што е можно, без производствени резерви.“

Öl Raffinerie in Irak, Arbeiter
Повеќето земји членки на ОПЕК ја црпат својата нафта најбрзо што е можноФотографија: picture-alliance / dpa

Во предвечерјето на средбата на ОПЕК, од Саудиска Арабија дојдоа сигнали кои укажуваат на намалување на прозводствените квоти. Околу можните причини на Саудијците се шпекулира - сакаат ли да ја држат цената на нафтата ниска за да го направат скапиот фрекинг во САД помалку рентабилен или ги поддржуваат САД и ЕУ во нивните санкции против Русија, поради тоа што падот на цената особено многу ја погаѓа Москва?

ОПЕК како организација во оваа игра, во секој случај, е играч кој е се‘ позапоставуван, оценува политикологот Колган. „Светот треба да престане да верува дека ОПЕК влијае во голема мерка врз глобалните енергетски пазари. Таа тоа не го прави.“

И големиот скок на цената на нафтата во текот на изминатите години не беше предизвикан од страна на ОПЕК, потенцира Колган, туку од многу зголемената побарувачка од страна на азиските земји.