1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кинеската економија во опаѓање

Томас Колман/бг6 март 2015

Во изминатите две децении кинеската економија бележеше двоцифрен раст, и во меѓувреме е втора во светот. Но, Кина сега мора да ја намали брзината, по можност без големи последици

https://p.dw.com/p/1EmUD
Фотографија: Reuters

Благо, тврдо или грубо? Какво ќе биде слетувањето на кинеската економија по високиот лет кој траеше повеќе од две децении? Тоа прашање не го поставуваат само економските експерти во Кина, туку и во целиот свет. Кинеското стопанство во меѓувреме израсна во второ во светот, и затоа едно грубо слетување би имало последици за целата светска економија. Стопанскиот раст од 6,9 до 7,1 процент кој кинеското раководство го планира за 2015 година, на прв поглед делува импресивно во споредба со динамиката на западните земји, но само на прв поглед.

Имено, земјите во развој како Кина имаат уште многу да надокнадат, принудени се на повисоки стапки на економски раст од развиените земји како Германија, за да се обезбеди доволен број работни места и за да е осигура социјалниот мир. Критичната граница, според експертите, е меѓу 6 и 8 проценти, значи Кина е во опасност да излезат од тој „коридор на стабилноста“. Кинеското државно и партиско раководство се одлучи за понизок стопански раст и сака реформа на домашното стопанство. Наместо инвестиции во што повеќе фабрики, чии производи се извезуваат ширум светот, сега треба да се засили домашната потрошувачка.

Negative Preisentwicklung auf dem Wohnungsmarkt in China 18.11.2014 Peking
Зграда во ПекингФотографија: Reuters/K. Kyung-Hoon

Нов модел за раст
„Раководството во Пекинг одамна увиде дека досегашниот модел на економски раст- кој се состои од многу штедење и премногу инвестиции и кој е капитално интензивен- не е одржлив“, вели американскиот економски експерт Нуриел Рубини. Но тоа наидува на противење и не може да се спроведе преку ноќ. „Претседателот Си Џинпинг веројатно прво сака да ја зацврсти својата политичка моќ. Притоа делува против интересните групи кои профитираа од стариот модел на стопански раст: државните фирми, покраинските власти, народната армија и јавниот сектор“, вели Рубини.

Германските компании го поздравуваат зајакнувањето на домашниот пазар во Кина, нагласува директорката на Германската стопанска комора во Пекинг, Алесандра Фос. Притоа, важен е начинот на кој кинеското раководство ќе ги спроведе најавените реформи. Тука пред сѐ се мисли на фер пристап до пазарот, намалување на бирократијата и владеење на правото.
Колку многу кинеската економија се разликува од другите големи национални стопанства, покажува освртот на Германија и САД: во Германија уделот на инвестициите во БДП во 2013 година изнесуваше 17 проценти (во САД-19 проценти), додека уделот на приватната потрошувачка беше околу 60 проценти (70 во САД). Од друга страна, во Кина во истата година уделот на инвестициите во вкупниот БДП беше дури 50 проценти, а приватната потрошувачка помала од 35 проценти.

Како до поголем раст?

„Тоа што во моментов најмногу ја кочи кинеската економија е пазарот на недвижности. Бројот на инвестиции во недвижности годинава ќе продолжи да слабее. Ќе се намалат државните издатоци, што ќе го оптовари растот на домашната економија“, вели Михаел Спенсер, директор на Германската банка за регионот Азија-Пацифик.

China People's Bank of China in Peking
Кинеската народна банкаФотографија: Teh Eng Koon/AFP/Getty Images

Кинескиот индустриски сектор во меѓувреме произведува вишок капацитети. На пример, индустријата на челик: уште кога цените на светскиот пазар беа во пад, во Кина во 2013 година беа отворени 20 нови погони. Последицата беше вишок производи и натамошен пад на цените. Кон крајот на ноември Кина наталожи околу 110 милиони тони челик. Исто или слично е и со бродоградилиштата или со производството на цемент и алуминиум, без оглед што кинеската влада уште на почетокот на 2014 година ги стави на мраз проектите за изградба на нови погони.

Според Рубини, надежта е дека претседателот Си Џинпинг, како и Денг Сијаопинг, најпрво ќе ја зацврсти својата моќ па потоа ќе почне со спроведување структурни реформи. „Сепак останува да се види дали Си својата моќ ќе ја искористи во добри цели или само за да ја зачува стабилноста на постојниот систем и режим“.