1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кина во војна против „мушички, тигри и голи службеници“

Хао Гуи/Јуе Фу/бг30 јануари 2015

Антикорупциската кампања во Кина е во полн ек. Секојдневно пристигнуваат вести за службеници кои се на мета на истражните органи. Но, без подлабоки реформи корупцијата не може да се спречи, велат експертите

https://p.dw.com/p/1ETHs
Фотографија: Reuters/Langfang Intermediate People's Court

Во Пекинг владее нервоза. Кинескиот главен град има најголем удел во бројот на државни службеници, и тоа трае веќе 600 години. Кон средината на јануари на редовно собрание во Пекинг се состанаа членовите на Централната дисциплинска комисија на Комунистичката партија. Се работи за опасна институција која води истраги против корумпираните партиски членови. На нејзината интернет-страница, од почетокот на мандатот на новото раководство на Си Џинпинг во 2013 година, постојано се објавуваат нови случаи, како во некаква телевизиска серија.

Нулта-толеранција

Многумина во Кина сонуваат за државна служба. За да успеат во тоа, по универзитетската диплома мораат да положат и компликуван „квалификациски испит“, а тоа во просек им поаѓа од рака само на 2 проценти од учесниците. Платата е навистина скромна, но работата е атрактивна поради големиот углед кој го уживаат тие „мандарини“, но и големата моќ која ја имаат во реалноста, како и дополнителната заработка, која никој јавно не ја признава. Потеклото на тие „посебни уплати“ ги интересира иследниците на Дисциплинската комисија. Секој ден оваа институција прима и до 800 пријави. Во завршната изјава од седницата се наведува: „Во војната против корупцијата нема граници и табуа, но затоа владее нулта стапка на толеранција“.

Борба за превласт

Според официјалните информации, во 2014 е водена истрага против 68 високо рангирани политички службеници, меѓу нив и против поранешниот шеф за безбедност Жу Јонгканг и Су Чаихуа, некогашен заменик-претседател на Централната воена комисија. Особено обвинението против Жу поради корупција, издавање тајни, злоупотреба на положбата и повеќекратно браколомство, се сфаќа како раскин со досегашната традиција во кинескиот државен врв. Тој имено беше постојат член на политбирото, а со тоа и дел од највисокиот круг на моќта. Сега, во најлош случај, му се заканува смртна казна.
Партискиот шеф Си сака да се претстави како „чист“, човек кој не знае за пардон ни во највисокото тело.
Некои сметаат дека се работи за борба за превласт.
„Се работи за радикално расчистување со одредена владејачка елита која и припаѓа на одредена фракција“, смета Нора Саусмикат, раководител на секцијата за Кина во фондацијата Азијска куќа во Келн. Но, ваквите акции, дополнува таа, нема да донесат темелни промени во кинескиот систем во однос на корупцијата.
Ова „развластување“ се случува во партијата, во владата, но и во армијата, но тие скандали обично се кријат од јавноста.

Xi Jinping & Zhou Yongkang (klein rechts im Bild) ARCHIVBILD 16.03.2008
Фотографија: Getty Images

Самоубиства од очај

Острата антикорупциска кампања наведува многу функционери на очајни постапки. Магазинот Нанфанг Жумо од градот Гуангжу, во 2014 наведе 32 познати случаи на самоубиства на државни службеници и функционери. Се претпоставува дека се одлучиле на таков чекор поради истрага за корупција. „Со самубиството на лицата осомничени за корупција се затвора постапката“, вели еден поранешен партиски челник за агенцијата Ројтерс. Најчесто е тешко да се дојде до имотот на нивните семејства, а самоубиството му става крај и на кошмарот на пријателите на службеникот. Вообичаено, тие потоа се грижат за неговото семејство, вели познавачот.

Кога се работи за оние кои сакале да го сокријат имотот и долгорочно да се обезбедат, се до неодамна членовите на нивните семејства се селеа во странство, таму стекнуваа право на престој или отвораа фирми во даночните оази. Таквите службеници се нарекуваат „луо ган“ (голи службеници). Борбата против овие службеници е особено силна во покраината Гуангдонг. Околу 200 државни службеници од „средниот“ партиски слој веќе најавиле дека се подготвени да ги вратат своите семејства во замена за помали казни, наведуваат локалните медиуми.

Steueroase Symbolbild
Даночните оази се омилена дестинација на корумпираните кинески службенициФотографија: picture-alliance/dpa

Оф-шор сметки

Истражување на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ), дојде до бројка од 21 илјада оф-шор компании на подрачјето на Карибите со врски во Кина или Хонг Конг. Илјадници имиња на Кинези се наоѓаат на списоците. Меѓу нив и ќерката на поранешниот премиер Ли Пенг, синот на поранешниот премиер Вен Џиабао и роднина на актуелниот претседател Си Џинпинг. Проценките се дека од 2000. година досега од Кина во тој правец се отселиле околу 4 милијарди долари. За споредба, нормалните граѓани годишно од Кина во странство смеат да испратат само 50 илјади долари.

Може ли да се искорени корупцијата на „мушичките“ (обичните функционери) и „тигрите“ (високи претставници)? „Ефективен надзор од страна на независни медиуми и вистинско учество на граѓаните во управувањето со државата“, тоа се предусловите без кои тоа не е можно, сметаат во Транспаренси Интернашнл. Нора Саусмикат е скептична околу тоа дали може да функционира ефикасна превенција во постојните структури. „Целиот систем е поставен на механизми кои ја поддржуваат корупцијата. Нема независни институции кои можат да ги надгледуваат политичарите и политичките институции“.