1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Киднапирање како дел од психолошката војна

А. Горжевски/Б. Георгиевски22 јули 2014

Заробените војници или цивили постигнуваат поголемо внимание во израелската јавност отколку убиствата, велат експертите. Тоа е причината што Хамас се концентрира на киднапирање што повеќе Израелци.

https://p.dw.com/p/1CgPx
Фотографија: AFP/Getty Images

Во екот на израелската копнена офанзива во Појасот Газа, Хамас полека ја менува стратегијата. Радикалната група се обидува по секоја цена да ја покаже својата нескршлива волја да се бори, а во исто време се почесто се обидува да киднапира Израелци кои потоа би ги користела како алатка за преговори. Бригадите Касам- вооруженото крило на Хамас, соопшти дека киднапирала израелски војник во неделата. Израел засега одбива да го потврди овој инцидент.

Но, настрана од тоа, Израел тврди дека се почесто се соочува со обиди за киднапирање Израелци на палестинска територија. Тоа потсетува на склучајот со војникот Гилад Шалит кој беше киднапиран и држен во заложништво пет години од страна на Хамас. Последната ескалација на насилството исто така започна со киднапирање. Тројца ученици на возраст од 16 до 19 години беа киднапирани на 13 јуни во Западниот брег. Целата земја се идентификуваше со младите момчиња. „Секој Израелец се идентификуваше со трите момчиња кои беа киднапирани и убиени, стравувајќи дека и на неговото дете утре може да му се случи истото“, вели психологот Ирвин Мансдорф, истражувач во Центарот за јавна политика во Ерусалим.

Да се избегне киднапирање по секоја цена

Израелската јавност различно реагира на убиен војник во однос на киднапиран. „На многу начини непознатото, ранливоста да се биде оставен на милост на непознатите киднапери, е полошо отколку да имате убиен војник“, коментираше израелскиот новинар Аншел Фефер по смртта на трите момчиња. Тој пишува во колумна за „Гардијан“ дека израелската армија има наредба да пука во возилото на напаѓачите, дури и кога е заробен нивен соборец. Намерата е да се спречи киднапирање по секоја цена, дури и ако тоа значи смрт на заробениот Израелец.

Хамас ги разбира ефектите од киднапирањето Израелци. Убивањето на војник ја потврдува подготвеноста на Хамас да се бори, но Мансдорф вели дека тоа нема никаков ефект за организацијата. „Тоа е тажно за семејството, тоа е ужасно. Цел Израел тагува. Но, ќе го закопате војникот и тоа е крајот. Но, војник кој е жив, како што видовме и во случајот со Шалит, тој има огромна вредност“, објаснува Мансдорф.

Palästinenser Israel Hamas Entführung von Soldat Gilad Shalit Plakat in Gaza
Војник на Хамас во Газа пред цртеж кој го прикажува киднапирањето на израелскиот војникФотографија: picture-alliance/dpa

Психолошка војна

Неколку години владата во Ерусалим се обидуваше да го ослободи Шалит или да договори негова размена. На крајот, премиерот Бенјамин Нетанјаху се согласи на размена. Во замена за, тогаш, 25 годишниот Шалит беа ослободени 1.000 палестински затвореници. Некои од нив беа осудени за убиства на Израелци. Јавноста беше незадоволна поради размерот на размената но, вели Мансдорф, јавната идентификација со Шалит имаше решавачки политички притисок.

Gaza Stadt Bombardement 20.07.2014
ГазаФотографија: Reuters

Мансдорф вели дека Хамас го користи киднапирањето како дел од психолошката војна. „Знаеме дека една од целите на Хамас е да киднапира израелски војник или дури и цивил“. Таквиот заклучок е поддржан и од последните обиди на палестински групи да се инфилтрираат во Израел. Мансдорф вели дека кај голем дел од напаѓачите биле пронајдени лисици и средства за успивање на жртвите.

Со подземните тунели кои ги изградија, Хамас и другите палестински групи не обезбедуваат само снабдување од Египет. Тие сакаат да влезат на израелска територија, како што сторија во 2006. Во понеделникот, израелската армија соопшти дека убила најмалку 10 борци на Хамас кои се обиделе да се пробијат низ два тунели. Со урбаната војна која се води во Газа, израелските војници ризикуваат да им паднат в раце на палестинските борци. Тоа, предупредува Мансдорф, може да доведе до повторување на случајот Шалит.