1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Карта на бугарските дијалекти“- лингвистика или политика

Свето Тоевски21 декември 2014

Квазинаучни кругови од Софија без научен кредибилитет ги прогласуваат македонските дијалекти за дел на бугарскиот јазик, реагираат македонски дијалектолози во врска со дијалектната карта на Институтот за бугарски јазик.

https://p.dw.com/p/1E8E5
Фотографија: DW/S. Toevski

„Група научници од Институтот за бугарски јазик при Бугарската академија на науки изработи ’Карта на бугарските дијалекти’, која вклучува и звучни записи на дијалектни говори од различни региони. Меѓу нив се дури и такви, кои одамна не се во државните граници, но, кои некогаш биле бугарски територии, како, на пример, делови од Беломорието (Егејска Македонија), Македонија, Северна Добруџа, западните покраини и други.“ Овој текст стои на интернет – страницата на Институтот за бугарскиот јазик под наслов „Картата на бугарските дијалектни говори“, донесува уште едно тврдење на бугарските јазичари дека „сите македонски дијалекти се дијалекти на бугарскиот јазик“, оти „македонскиот јазик не постои, бидејќи сите Македонци во Грција, Бугарија, Република Македонија, Албанија и Турција зборуваат на бугарски дијалекти“. Според бугарските лингвисти, бугарски дијалекти се и горанските говори на македонското исламизирано население, кое живее во Јеловјане, Урвич, Голо Брдо и другите подрачја во Македонија, Албанија и Косово. Таа дијалектна мапа е финансирана со европски пари: од проектот на „Европскиот социјален фонд“. ДВ побара став во врска со оваа мапа од експертите за македонска дијалектологија од Истражувачкиот центар за ареална лингвистика на Македонската академија за науки и уметности, од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Лингвистика или политика

Веселинка Лабровска, научен советник од Институтот за македонски јазик вели: „Квазинаучните кругови од Софија мавтаат со дијалектна карта на која без никаков научен кредибилитет опфаќаат територии на цела етничка Македонија и на речиси половина Србија. Ваква карта беше објавена и во ’Бугарскиот дијалектен атлас’ пред неколку години и тогаш реагираа македонските лингвистички експерти, но и ние од Институтот за македонски јазик. Сега гледаме дека нема позитивен исчекор од бугарска страна на тој план: напротив, и со пари од ЕУ се објавуваат вакви ’лингвистички проекти’, иако ставовите на ЕУ се дека треба да се почитуваат правата на сите народи и сите јазици на кои тие народи зборуваат. Дали не ни се повторува историјата од времето на појавата на бугарската егзархија во Македонија во минатото, кога со поддршка на Османската империја се ширеле пропаганди да се уништи се‘ што е македонско? Ова е веќе политика, а не лингвистика, но очигледно е дека намерите на некои од соседите и по неколку века не се сменети, ниту начините за нивно дејствување. Македонскиот јазик е самобитен, нема потреба да се брани нешто што е реалност. Македонските дијалекти и во рамките на Република Македонија и надвор од неа, во егејскиот и пиринскиот дел и во пограничните региони на Албанија и во Гора на Косово, се нераскинлив дел од македонскиот јазичен континуум. Фактите се изложени уште во деветнаесеттиот век во книгите на странските лингвисти – македонисти, кои ја истакнале посебноста на македонскиот јазик.“

Veselinka Labrovska
Веселинка Лабровска, научен советникФотографија: Privat

Академик Зузана Тополињска, раководителка на Истражувачкиот центар за ареална лингвистика на МАНУ, се надоврзува: „Бугарите секогаш ја признаваа посебноста на македонските дијалекти, но, почнаа да протестираат кога сфатија дека говорителите на тие дијалекти се чувствуваат и етнички како нешто посебно и кога почнаа да се борат за независност. Според моите сознанија, на пример, во Гора и во Пиринска Македонија имаме евидентно македонски дијалекти. Најновата карта што ја објавија Бугарите претставува територија на јужнословенските дијалекти. Денес тука спаѓаат македонските, бугарските и дел од српските дијалекти. Во моментот на преселувањето, некаде околу 6 – тиот век од нашата ера, можело да се зборува за бугаро – македонски дијалектен комплекс, меѓутоа, со време, во текот на средниот век, на таа територија се кристализираа два независни центра на лингвистички особини: македонски на запад и бугарски на исток. Еволуцијата на човековиот јазик се сведува токму на таквите процеси: од поголемиот дијалектен комплекс, како оној македоно – бугарскиот, кој се издвоил од прасловенскиот, сукцесивно се издвојуваат дијалектни комплекси, чии носители од политички, вероисповедни и економски причини се почувствувале како нешто посебно и посакале независност.“

Mazedonien Buchhandlung in Skopje Bücher
Фотографија: DW

Според Марјан Марковиќ, професор по дијалектологија на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ картата што ја презентираа неговите бугарски колеги на 8 - ми декември годинава во Софија е „стремеж за негирање на самостојноста на македонскиот јазик и неговите дијалекти“: „Не се работи за најнови ставови на бугарските лингвисти, туку тоа е одраз на повеќедецениска тенденција на бугарската лингвистичка средина, поткрепена од официјалната политика, да се доведува под прашање самостојноста на македонскиот јазик, а со тоа и на дијалектите на македонскиот јазик. Во ’Бугарскиот дијалектен атлас’ и на оваа мапа недостасуваат теренски материјали, кои научно би ги поткрепиле изложените тези. Такви материјали се целосно изоставени во ’Атласот’, додека на новата мапа поделбите се направени според историски фонолошки критериуми, кои се однесуваат на еден поширок јужнословенски ареал. Меѓународната научна лингвистичка средина веќе одамна го има апсолвирано прашањето за самостојноста на македонскиот јазик и македонските дијалекти.“

Професорката Лабровска укажува на сличностите, но и на големите разлики меѓу македонскиот и бугарскиот јазик: „Македонскиот јазик е различен на сите рамништа од бугарскиот. На морфосинтаксички план овие два јазика се, сепак, поблиски со својата аналитичност, но на фонетски план разликите се толку големи што во фонетската класификација овие два јазика припаѓаат на две различни групи: македонскиот се приклонува кон другите јужнословенски јазици, а бугарскиот прави одделна група. Тоа е докажано научно од основоположникот на македонската дијалектолошка наука Божидар Видоески, но и од светски експерти по фонетика и фонологија, како што е Ирена Савицка и во нејзината најнова книга објавена во МАНУ во 2014 година и во другите нејзини монографии и трудови. Во врска со етничкото изјаснување на Македонците што живеат надвор од Македонија, можам да кажам неколку лични искуства. Во Банско, во Бугарија, нашата главна информаторка беше горда што е Македонка, а во Бобошчица и во Врбник во Албанија нашите информатори на својот преубав македонски дијалект ни рекоа (ќе парафразирам): ’Ние зборуваме по нашки, бугарската телевизија не ја разбираме, затоа гледаме македонски програми, оти ги разбираме.’ Зар ова не е најубав показател за тоа на чија дијалектна територија припаѓаат овие говори!?“

Mazedonien Land und Leute Enzyklopädie Buch
Фотографија: Petr Stojanovski

„Ние, Македонците, имаме цело богатство од дијалекти“

Професорот Марковиќ е претставник на Македонија во меѓународните комсии за изготвување на „Европскиот јазичен атлас“ и „Општословенскиот јазичен атлас“. Тој укажува: Во овие атласи македонската јазична територија е претставена со 24 населени места, од кои 16 се на територијата на Р. Македонија, а 8 населени места ги претставуваат македонските говори во Грција. Статусот на македонскиот јазик и неговите дијалекти во двата меѓународни атласа е на рамноправно ниво со другите јазици и добива сè поголемо значење. Со цврсти аргументи и сериозен научен пристап се докажува дека македонскиот јазик и неговите дијалекти претставуваат збогатување на јазичната слика на Европа и нивната посебност воопшто не се доведува под прашање. Првиот (пробен) том на 'Македонскиот дијалектен атлас' под наслов 'Пролегомена' излезе од печат пред неколку години. Меѓународната промоција на тој том од 'Македонскиот дијалектен атлас' беше одржана токму во Институтот за бугарски јазик при Бугарската академија за време на годишното заседание на Меѓународната комисија на 'Општословенскиот лингвистички атлас'.

Д-р Лабровска вака ги сумира своите погледи: „’Македонскиот дијалектен атлас’, кој што се изготвува, ќе биде само уште една убава потврда на сè што е досега направено и од нашите и од странските македонисти во поглед на особеностите на македонскиот јазик и неговата територијална распространетост. Во рамки на проектот ’Македонските дијалекти надвор од границите на Република Македонија’ беше собран материјал и од Банско, Пиринска Македонија, и веќе е објавена монографијата „Банскиот говор“ како прв дел од споменатиот македонски дијалектен атлас. Со собирањето теренски материјал (и звучни записи и пишани материјали) од егејскиот дел на Македонија беа обработени говори, кои се објавени во монографии и тие го потврдија фактот дека македонските говори и во денешна Грција се составен дел на југоисточното македонско дијалектно наречје. Во дијалектите се открива душата на еден народ, а ако се има предвид фактот дека ние, Македонците, имаме цело богатство од дијалекти, секој од нив со свои специфики, тогаш тоа значи дека имаме богата душа, која е наследство од нашите предци и која ние треба да се потрудиме да им ја оставиме како наследство на нашите потомци како наш основен идентитет.“

Истражувачкиот центар за ареална лингвистика на МАНУ на својата интернет – страница има објавено околу 15 зборници и монографии поврзани со македонскиот јазик и неговите дијалекти, мал дигитален дијалектен речник, како и 25 аудио записи од македонските дијалекти. Оваа година е изготвена и дигитална мапа на македонски дијалектни текстови на која, покрај основните дијалектни податоци, се претставени и околу 200 населени места со дијалектни текстови од збирката на акад. Б. Видоески.