1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Капетанот на потонатиот јужнокорејски во притвор ја брани својата одлука

Александар Методијев/ројтерс/афп19 април 2014

Јужнокорејски нуркачи денеска најдоа три тела во потонатиот ферибот и ја продолжуваат потрагата по повеќе од 270 лица, кои исчезнаа во несреќата што се случи пред три дена. Најголем дел од исчезнатите се тинејџери.

https://p.dw.com/p/1Bkz5
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тројца членови на екипажот, вклучувајќи го и капетанот на јужнокорејскиот фериботот, се уапсени. Тие се обвинети дека обидувајќи се себеси да се спасат ги напуштиле стотиците патници заглавени во фериботот. Истражните органи утрово го уапсија Ли Џон-Сео заедно со двајца негови колеги. Ли е обвинет за небрежност и необезбедување на безбедноста на патниците, што претставува кршење на поморскиот закон.

Прашан зошто на патниците им било наредено да не се движат повеќе од 40 минути од почетокот на тонењето на фериботот, Ли одговорил дека тоа била безбедносна мерка.

Südkorea Fährunglück Kapitän Lee Jun-Seok
Ли Џон-Сео го криеше својот лик од новинаритеФотографија: picture-alliance/Yonhap

„Во тоа време не дојде брод за спасување. Немаше ниту рибарски бродови кои би спасувале или, пак, други бродови кои би помогнале“, рекол Ли. Временските услови биле неповолни, бидејќи имало силни водени струи и водата била премногу студена. „Мислев дека патниците ќе бидат однесени далеку (од водените струи, н.з.) и ќе паднат во неволја ако се евакуираа непромислено“, додал Ли.

Во несреќата успеаја да се спасат 174 патници. Нови преживеани не се најдени. Во меѓувреме, јужнокорејските органи потврдија дека 29 лица се загинати во несреќата, а 273 лица се’ уште се водат како исчезнати. Додека јужнокорејските органи апсеа дел од екипажот на фериботот, нуркчите ја продолжија нивната акција за потрага на исчезнатите лица. Нуркачите два дена се бореа со моќни водени струи и со речиси нула видливост, но конечно успеаја да влезат во трупот на 6.825 тони тешкиот ферибот.

Südkorea Fährunglück 18.04.2014
Потрагата се одвива со потешкотии поради временските неприликиФотографија: Reuters

„Нуркачите лоцираа три тела преку прозорец. Тие се обидоа да го скршат прозорецот за да влезат внатре и нив да ги извадат, но тоа беше премногу тешко“, информираше висок офицер од крајбрежната стража.

На роднините на исчезнатите патници, кои спијат во блиска гимназија, им беше покажана видео снимка направена од еден од нуркачите. На неа се гледа дека видливоста во водата се мери во сантиметри, дури и кога се користи силно подводно светло.

Причината за оваа несреќа засега е непозната. Фериботот превезувал повеќе од 470 лица во моментот кога се превртел и почнал да тоне. Несреќата се случи за време на патувањето од пристаништето Инчеон кон островот Џежу.