1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како паѓаше диктаторот

Роберт Шварц/бг17 декември 2014

И 25 години по падот на романскиот диктатор Николае Чаушеску сѐ уште не се докрај познати деталите за настаните кои и претходеа на „романската револуција“. Нова книга на таа тема предизвикува бројни контроверзи

https://p.dw.com/p/1E54K
Фотографија: picture alliance / dpa

Додека во текот на 1989 година, една по друга паѓаа комунистичките диктатури низ источна и средна Европа, еден властодржец и натаму се однесуваше како да ќе владее вечно: романскиот партиски и државен лидер Николае Чаушеску. Уште од 1970 година тој ја устрои својата земја според севернокорејскиот модел. Сите клучни позиции во комунистичката партија и во државниот апарат им припаѓаа на членови на неговото семејство или на лојални „другари“ од неговото непосредно опкружување. Неговата сопруга Елена беше шефица на владата, а синот Нику требаше да го наследи „тронот“. Тајната полиција Секуритате делуваше семоќно, а Романија затворена од сите страни.

Еден од ретките во земјата кој имаше храброст да го критикува Чаушеску беше свештеникот Ласло Текес од западнороманскиот град Темишвар. Како припадник на унгарското малцинство во земјата, тој во своите проповеди ја критикуваше ткн. „систематизација“ на земјата која ја подготвуваше државното раководство. Чаушеску планираше да сруши 7.000 села и на нивно место да изгради огромни земјоделски центри. Селаните требаше да се преселат во големи станбени блокови, а материјалната и културната основа на нивниот селски живот, практично да биде уништена. Токес забележува дека овие мерки го загрозуваат опстанокот на унгарското малцинство и честопати го критикува проектот во своите проповеди. Неговото незадоволство ќе го искаже и во едно интервју кое во најголема тајност со него го водат двајца канадски новинари во летото 1989 година, а кое потоа ќе биде објавено на унгарската телевизија.

Ceausescu
Пропагандна фотографија на Николае Чаушеску и неговата сопруга ЕленаФотографија: Steidl-Verlag

Интервјуто предизвика бес во врвот на романската држава. И онака тензичките односи меѓу двете соседни земји- Унгарија и Романија, дополнително се влошуваат. Чаушеску смета дека критиките биле оркестрирани од Будимпешта и наредува Токес да биде уапсен. Но, на 15 декември, пред куќата на свештеникот се собираат стотици луѓе, со цел да го одбранат од Секуритате. Солидарноста се шири низ целиот град, а подоцна води и кон избувнување на бунт низ целата држава против диктаторот.
„Еден религиозно мотивиран револт води кон избувнување на политички, а едно унгарско прашање се претвора во сероманско“, вели Раду Преда, професор по теологија и раководител на романскиот Институт за истражување на комунизмот.

Ракети кон Унгарија

Интервјуто со Текес го организира унгарско-канадскиот новинар и писател Арпад Шечи. Во неговата книга „Темишвар- Вистинската приказна зад романската револуција“ го опишува токму овие настани. Книгата, која сега за првпат ќе биде преведена и на романски, веќе предизвикува контроверзи во земјата. По долгогодишно истражување во архивите на ромаснката и унгарската служба, авторот пронашол интересни информации кои за првпат се објавуваат во јавноста.
Најинтересниот податок е дека Чаушеску, веднаш по скандалот, и наредил на армијата во западна Романија да насочи ракети кон Унгарија.
„Овие информации за ракетите ги добив од еден агент на унгарската тајна служба, а ми беа потврдени и од тогашниот унгарски премиер Миклош Немет“, вели Шечи. Целта на ракетите, вкупно седум на број, била унгарската атомска централа Пакс. Немет потврдува дека стравот бил голем оти евентуален напад би предизвикал катастрофа поголема и од онаа во Чернобил. Немет, во разговор со новинарот Шечи, потврдува дека разговарал со советското и со полското раководство за отстранување на Чаушеску од функцијата, а стапил во контакт и со романскиот генерал Виктор Станчулеску, кој требало да игра клучна улога во уривањето на диктаторот.

20 Jahre rumänische Revolution
Новинарот Арпад ШечиФотографија: DW

Унгарски агенти во Романија

Истражувањата на авторот откриле и други детали, кои му биле потврдени од Немет. Па така, се открива дека унгарската тајна служба на почетокот на 1989 година испратила десетици свои агенти во Романија, кои требало да го заштитат свештеникот Текес. Романското издание на својата книга, Текес ќе го промовира во Темишвар на 19 декември- градот во кој, пред 25 години започна крвавата револуција против комунистичкиот диктатор. Само во овој град во судирите со Сикуритате животите ги загубија десетици луѓе, а низ целата држава повеќе од илјада. На 22 декември 1989 година, Николае Чаушеску и неговата сопруга Елена побегнаа од Букурешт со хеликоптер. Но, веќе истиот ден беа откриени и притворени од револуционерите. На 25 декември, по кусо судење, беа прогласени за виновни за велепредавство и егзекутирани.