1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каква разрешница за политичките тензии?

Костадин Делимитов6 март 2015

Самите актери, посредници однадвор, или можеби некоја трета политичка опција? Што реално може да ги смири политичките турбуленции во Македонија? И аналитичарите се поделени околу можниот рецепт за излез од кризата.

https://p.dw.com/p/1EmU2
Фотографија: DW/K. Blazevska

Загриженоста на меѓународниот фактор околу актуелната политичка криза во Македонија сигнализира потреба од зголемена сериозност и активност. Политичките табори треба да попуштат во тврдокорните ставови, на земјата и недостасува демократска култура, авторитарните тенденции натамошно ја подгреваат состојбата, власта да покаже посветеност на владеење на правото, почитување на слободата на изразување, интегритет на демократските процеси. Сериозноста на пораките што ги слушаме деновиве ја зголемува загриженоста и кај домашната јавност, но и дилемите дали постои вистинска подготвеност, има ли реален капацитет, волја за смирување на страстите кај двата политички табора. Експертската јавност стравува од натамошно продлабочување на кризата доколку страстите не попуштат:

Mazedonien Skopje Proteste gegen Regierung wegen Abhörskandal
Фотографија: DW/K. Blazevska

„Пораките од меѓународната заедница, последните што ги слушнавме од Бундестагот, се сериозен доказ за тоа дека вкупната политичка состојба во Македонија е во криза, како и за фактот дека однадвор сме перцепирани како земја која се движи во погрешна насока. Тоа создава дополнителен притисок за разрешница на кризата, што дома најверојатно ќе создаде дополнителни поделби на партиоти и предавници, но ќе делува како катализатор за промени на политичкот курс. Пораките кои доаѓаат од меѓународната заедница ќе стануваат се поостри, колку што ние повеќе ги игнорираме, особено што претставуваат и индикација дека меѓународната заедница е подготвена да игра поактивна улога одошто досега“, коментира политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Бројни негативни последици

Начинот на кој се одвива судирот и носи голема штета на државата предупредува универзитетскиот професор Јове Кекеновски. Доколку ваквата состојба продолжи последиците според него може многу негативно да се одразат не само врз евроалтантските интеграциски процеси туку и на внатрешниот соживот државата:

„Како никогаш досега државата ни е поделена по сите основи и тој јаз за жал се повеќе и повеќе се продлабочува. Лично се плашам од најлошото затоа што ова за еден од овие два ,,играча” на политичката сцена мора да биде крај. Проблемот е во тоа што одредени политичари кога ќе ја почувствуваат власта сакаат да останат вечно во удобните фотељи или пак по било која цена да дојдат до нејзе. Исто така проблем е сраснувањето на партијата со државата па оттаму сметајки дека партијата е лична сопственост на ист начин постапуваат и со државата сметајќи дека ја добиле во наследство од нивните родители. Тврдокорните ставови само ја продлабочуваат политичката и државната криза, иако и едниот и другиот знаат дека за да се реши кризата мора да се седне на заедничка маса и да се отпочне политички дијалог. Меѓутоа отпочнувањето на дијалогот не треба да биде сватено дека некому ќе му се прости за направената штета и зло над државата и нејзините граѓани“, коментира универзитетскиот професор Јове Кекеновски.

Инаетот и тврдите ставови на двете страни според аналитичарот Алберт Муслиу не водат никаде. Тој инсистира на компромис, до кој сепак смета дека тешко би се дошло без надворешна иницијатива: „Многу е лоша состојбата, но искуствата не учат дека поради вакви тврдокорни ставови, екстремно раздвоени и тешко попустливи позиции ние неколку пати сме имале потреба од меѓународни партнери. Малку сме криви и ние граѓаните што ги наградуваме нашите политичари за нивното бескомпромисно однесување. Како да е тоа терање инает за по дома. Европскиот модел е модел на компромис и прво го стартувале Франција и Германија. Ако тие можеле зошто не можеме и ние. Тоа е работа на политичка култура и политички менталитет. Верувам како се одвиваат работите ќе биде потешко самоиницијативно и со иницијатива одвнатре во државата да седнат двете страни и да се договоарат како да се надмине ова. Па не може државата да се расипе заради нивниот инает. За нашиот имиџ е лошо, уште од првиот ден кога премиерот излезе со обвинувања за Пуч. Второ, со “бомбите“ стана уште полошо, гледаме и меѓународни партнери не убедуваат дека ова е потребно да се решава да се размотува“, смета Муслиу.

Mazedonien Abhöraffäre Zoran Zaev SDSM
Фотографија: Petr Stojanovski

Трета опција...

Продлабочувањето на кризата, ја продлабочува и загриженоста во јавноста, стравот, довербата кај граѓаните. Дали и колку, кому да се верува. “Кога некој се дрзнал да те следи и слуша, а некој тоа да го објави јавно во политичка пресметка, што може да очекувате? Активност или повлеченост? Зголемена доверба или недоверба? Смиреност или вознемиреност? Двете страни ќе загубат од ова, но државата, народот мора да извлече поука, а решение мора да има“, коментира аналитичар. Во вакви услови според познавачите не е за чудење што се погласно се заговара потребата од нова политичка опција. Но дали реално има капацитети и услови за такво нешто да се случи. Експертите се скептични, иако оставаат можност за такво нешто: „Треба да се види евентуално од развојот на состојбата, не знаеме колку ВМРО ДПМНЕ би имала евентуална штета од ова што го прави СДСМ и да се направи едно релативно кредибилно гласачко тело кое некому може да донесе пратеници. Но сметам дека во моментов нема некој кој тоа може да го направи, да има политича амбиција и доволно кредибилитет, квалитет, платформа, нешто како Васил Тупурковски во 1998, кога на СДСМ и падна популарноста, на ВМРО ДПМНЕ и беше посилна, но недоволно за самостојно да формира Влада. Но проблемот е што со тие партии имаме една лоша историја. Едноставно се појавуваат со цел некакви лични интереси, контакти, придобивки од власта па се гасат, И тоа е проблем, Така што луѓето веќе тешко се поместуваат. На дел од гласачите им треба алтернатива, но не сметам дека таа треба да биде трета опција од центарот, туку повеќе некоја која би искористила дел од неопределените и оние кои се опозиција но веќе немаат доверба кај СДСМ. Затоа што видете, со стратегија на објавување на снимени разговори, без платформа, програма, не можеш да дојдеш на власт. СДСМ со ваквите настапи не се обраќа кон народот туку кон ВМРО ДПМНЕ со барање за техничка Влада, што е проблематично. Затоа сметам дека немаат капацитет да поттикнат гласачи кои се помеѓу двете опции, кои даваат глас врз основа на понудата. Дел од тие проопозициски гласачи би биле лесно привлечени од трета опција, алтернатива на СДСМ“, смета политичкиот аналитичар Владимир Божиновски.

Заострувањето на политичката борба помеѓу двата големи блока во македонскиот политички кампус според Арсовски ја поларизира јавноста но тешко дека ќе создаде услови за зголемена поддршка на трета опција:

„Оние кои се незадоволни од политичката понуда на овие два блока, во ситуација на ескалирачка криза, најверојатно нема да бидат доволно активни да овозможат пазар за нова политичка понуда, туку ќе се пасивизираат, со тенденција на апстиненција. Оттаму, трета опција во моментов е многу тешко да се оформи и да се постави, зашто активниот политички простор е сеуште доминиран од ВМРО ДПМНЕ и СДСМ. Сепак, ситуацијата е многу флуидна и непредвидлива. Сме имале и претходно искуство со нови партии кои на кус рок добиле значајна поддршка (ДА, НСДП, Миро Церар во Словенија), но појавувањето на вака сериозна трета опција во Македонија за мене би било изнанадување, имајќи ја предвид теренската доминација на двете големи партии“, коментира Арсовски.

Или сепак не

Со оглед на поставеноста на политичките сили во моментов постојат мали теоретски шанси за менување на посттранзициската црно-бела парламентарна слика смета Кекеновски:

„Денес се покажува дека политичката идеја и програми го губат своето значење, бидејќи единствено е важно како да ја приграбите власта или дел од неа. За жал ова е единствен критериум за успешност на една политичка партија или политичар. Се до оној момент додека не отпочне борбата за воспоставување на јасни политички начела и на политичкиот морал, се додека не се срушат стереотипите од блиското минато се дотогаш во нашата држава не ќе можеме да зборуваме за реализација на идјеата за формирање на трет политички блок. Но, и покрај мојот песимизам сепак ја оставам вратата поддотворена и си велам дека е можно да се формира трета опција. Со досега пуштени во јавноста снимки се покажа дека раководството на ВМРО ДПМНЕ сиве овие години не било на висината на задачата, но и го видовме начинот на кој се владеело, а од друга страна СДСМ сеуште неможе да ја врати довербата на граѓание која ја имаше во минатото. И отттука доколку се појават нови личности, кои досега не биле на власт, кои ќе сакаат да расчистат со се она што сме го гледале на политичката сцена, кои ќе казнат и едните и другите и се разбира доколку најдат доволно финансиски средства да се борат со овие два 'Голијата' тогаш можеби е можно и да се стори нешто на овој план“, коментира Кекеновски.

И повторно меѓународниот фактор?

Mazedonien Sasho Mijalkov Geheimdienstchef
Фотографија: DW/P. Stojanov

Простор за некој трет да профитира има но во брз временски период тоа е тешко остварливо, смета Муслиу.

„Мислам дека временски не е доволно двете страни да бидат губитници, а некој трет да профитира. Но верувам дека ако вака продолжи ќе има трета страна во некои наредни избори, кои како опција може да се јават. Па видете, студентиве сега да излезат ќе добијат добар дел гласови. Но кај нас има и друг проблем, социјалната свест, политичката култура не е на такво ниво за да може да се очекува формирање на некој вид Сириза, косовско Самоопределување или случувањата во Словенија. Дополнително и што албанскиот блок делува пасивно што не е за поздравување. Ако ништо друго тие треба да инсистираат на демократичноста, основата на тие партии е промовирањето на еднаквоста на граѓаните. Затоа тие постојат и се формирани. Но нивните реакции се исти како на 24 декември кога имавме нереагирање, освен на неколку пратеници, при удар врз демократијата. Затоа сметам дека во вакви случаи на удар врз демократијата тие имаат морална одговорност тоа да го нападнат“, смета Муслиу.

Опозицијата инсистира политичка, власта институционална разрешница. Засега единствено се приближуваат во ставовите околу меѓународниот фактор. СДСМ инсистира на помош од страна и тврди дека ужива голема меѓународна поддршка. Власта пак тврди дека фактите и аргументите се познати, кој и да дојде ќе се увери во вистината.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи