1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Живот во пратеничките клупи

Бернд Ригерт/З.Јордановски22 мај 2015

Една година по изборите за Европскиот парламент: каква е мисијата на еден сатиричар и како дејствуваат претставниците на малите германски партии, кои се за првпат европратеници?

https://p.dw.com/p/1FUDP
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Seger

Европратеникот Мартин Зонеборн од партијата која така и се вика - „Партија“, станува доцна и оди во Европскиот парламент (ЕП) главно за да си ја земе дневницата и да ги набљудува другите пратеници. Тој е новинар и своите доживувања потоа ги објавува во сатиричниот магазин „Титаник“. Според неговите наводи, секој месец тој успева по разни основи - дневници, додатоци, пари за присуство на седници, патни трошоци; тоа е цел систем во ЕП - да извлече секој месец по 33 илјади евра! Со тоа Зонеборн доследно ги остварува предизборните ветувања на неговата „Партија“, да извлече колку што е можно повеќе пари од Стразбур и Брисел (двете официјални седишта на ЕП - н.з.). Сцените од комичниот парламентарен живот Зонеборн ги гарнира со остра критика на денсо-конзервативната „Алтернатива за Германија“, која исто така од лани за прв пат е застапена во ЕП. Понекогаш тој ги набљудува и омилените му политичари од ЦДУ како го „напаѓаат“ бифето за време на вечерните приеми. „Тој токму изеде половина свиња со слатка павлака“, пишува Зонеборн во еден од извештаите од Брисел.

Овој сатиричар ги прима избирачите на „тури за инспекција“. Разгледувањето на ЕП завршува со заедничка пијанка, се вели на интернет-страницата на таа забавна „Партија“. Самата парламентарна работа мирува. Мартин Зонеборн само два пати за една година се јавил за збор на пленарни седници. Тој не поставил прашања, не учествувал во законодавна иницијатива. Член е само на делегацијата на ЕП за односи со Јужна и Северна Кореја, не припаѓа на ниедна парламентарна фракција. Гласа без да се запознае со материјата: „Едноставно секогаш гласам наизменично со ’да‘ и со ’не‘“, вели Зонеборн. Нему во секој случај му останува доволно време и за вршење две споредни дејности, кои месечно му носат уште по пет илјади евра - така стои на веб-страницата на ЕП, во неговата изјава за остварените приходи.

Martin Sonneborn Die Partei Archiv 2004
Мартин ЗонеборнФотографија: picture-alliance/dpa

Да се толерира сатирата и напорно да се работи

Единствената пратеничка на германските „Пирати“, Јулија Реда, има разбирање за постапувањето на Мартин Зонеброн: „Тој е избран со сосема поинакви аспирации - за хумористична обработка на политичкиот погон“. Но, не би му наштетило одвреме-навреме да е присутен, за да ги запознае апсурдностите на политичкото секојдневие“, вели Јулија Реда. „Сатирата не смее да молчи, па посакувам тој почесто да се јави за збор на пленарните седници“. Реда многу посериозно го сфаќа својот мандат: таа е известувач на ЕП за реформата на авторското право и поднесе законска иницијатива за заштита на податоци во јавната администрација. Тоа, вели, и обезбедило малку респект, оти во почетокот некои европратеници не ја прифаќале сериозно. Според Реда, во ЕП „има повеќе работа, отколку што може да се заврши“.

Арне Герике е единствен европарламентарец на „Партијата на семејството“ од Германија. Семејната политика, навистина, не спаѓа во надлежност на ЕП, но Герике, како што вели, се обидува насекаде да ги пласира своите тези во полза на семејството. Самиот има 4 свои и три усвоени деца. Тој и’ се приклучи на евроскептичната конзервативна фракција.

Откако германскиот Сојузен уставен суд пред изборите за ЕП во 2014 година сосем ги укина праговите, во ЕП можеа да влезат и разни мали партии отцепени од поголемите, или повеќе создадени од забава, како и екстремни партии.

Deutschland Europawahlen Julia Reda Piraten Bayern
Јулија РедаФотографија: imago

Ханс-Олаф Хенкел, поранешен истакнат стопанственик и челник на едно од водечките стопански здруженија во Германија, е едн од седумтемина пратеници во ЕП на „Алетрнатива за Германија“. Неговата цел за преполовување на европската администрација, се разбира, не можеше да ја оствари. Таа потреба, како што вели, подобро се согледува во земјите-членки, отколку во Европската комисија или парламентот. На 75-годишна возраст тој е практично почетник во политиката, но „не можел ни да сонува“ дека ќе биде избран за потпретседател на евроскептичната конзервативна фракција. „Нашето политичко неискуство се искажува преку одредена наивност, но затоа пак се наметнуваме со идеи, кои на другите воопшто не им паднале на памет“, вели Хенкел. Во ЕП тој не сака да има никаков контакт со сатиричарот Мартин Зонеборн, но го избегнува и германскиот десно-екстремен европратеник Удо Фогт, како и француските десни популисти од „Фрон насионал“ и британските од УКИП, со кои не ската дури ни неформално да разговара. Пред една година Хенкел ја сметаше зградата на ЕП во Стразбур за „пирамида“, а во Брисел за грд „монструм“. Во меѓувреме се навикна на нив.