1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да им се помогне на Грците?

Спирос Москову/ Превод: Жана Ацеска28 ноември 2014

Новиот генерален штрајк повторно го сврте погледот кон Грција. Дали драстичниот санирачки курс, како последица на евро-кризата, на крајот не резултира со успеси, како што тврди владата? Спирос Москову останува скептичен.

https://p.dw.com/p/1DvdC
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Атина во април се осмели да излезе со обврзници на пазарот на капитал, успешно. Грчкото стопанство во третиот квартал годинава имаше најголема стапка на пораст во споредба со сите земји од еврозоната. Дури и невработеноста бележи мал пад. Дали до неодамна најлошиот ученик во еврозоната вистински се наоѓа на пат на оправување?

Изгледот лаже. Кога грчката влада во октомври ја пласираше веста, Атина наскоро ќе се ослободи од диктатот на ММФ, каматите на грчките обврзници на пазарите вивнаа во височина. Но, мал економски пораст е мала утеха ако се помисли дека во изминатите пет години рецесијата на грчката економија и‘ одзеде една петтина од волументот. А кога во една земја невработеноста ќе достигне до 28 проценти, не се забележува кога ќе настапи подобрување од половина процент.

Се‘уште без солидна база

Досегашните резултати на грчките напори не треба да се потценуваат, но тие сепак не градат солидна база за во иднина. Пациентот веќе не е во акутна опасност, но состојбата останува критична. Грчката влада од конзервативците (Нова демократија) и социјалдемократите (Пасок) има добри причини за претерано да ги надувува првите позитивни вести. Главниот адресант се грчките гласачи. Владините партии во парламентот не располагаат со потребните над 180 гласови потребни за изборот на новиот претседател на државата во февруари. Во ваков случај уставот пропишува нови избори, а во сите досегашни анкети на јавното мислење, левоориентираната опозициона партија Сириза на Алексис Ципрас има пет проценти предност.

Deutsche Welle Griechenland Redaktion Spiros Moskovou
Спирос МосковуФотографија: DW

Со други зборови: на конзервативниот премиер Андонис Самарас итно му се потребни успеси за повторно да го мобилизира својот гласачки потенцијал. Но, реалноста притоа не му олеснува: порастот во Грција е се‘уште многу кревок, санирањето на неефикасниот државен апарат бавно напредува, затајувањето данок не е сузбиено, приватизацијата стагнира, линеарните мерки за штедење доведуваат до очај се‘ побројни луѓе, младината е конфронтирана со досега невидена бесперспективност. Меѓународните организации во меѓувреме предупредуваат дури и од долгорочна социјална криза во Грција.

Политичката култура останува проблем

Земјата веќе четири години живее под притисокот на програмата за штедење, финансирана од Европската комисија, Европската централна банка и ММФ. Но, и под вакви вонредни околности, грчките политички партии не беа во можност да постигнат барем минимален консензус за спас на државата. Тие и сега порадо трескавично се подготвуваат за можни нови избори, отколку да се погрижат за политичка стабилност и континуитет. Водечки членови на Сириза дури најавија барање воени репарации од Берлин и нивно цврсто вкалкурирање во следниот предлог-буџет како сигурни приходи. Ова можеби звучи како ориенталска шега од периферијата на еврозоната. Но, тоа уште еднаш ја покажува заостанатоста на политичката култура во Грција. Ако човек сака да му помогне на грчкиот народ, треба и натаму строго да ги контролира неговите влади.