1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како во времето на Исус: Назарет пружа библиско чувство

Сара Лемел (дпа) / Е.М. Фиданоска21 декември 2014

Непосредно пред Божик, и покрај најновото насилство на Блискиот Исток, во Назарет владее радосна атмсофера, полна со надеж. Трговците очекуваат навалица на посетители за празниците.

https://p.dw.com/p/1E8GV
Фотографија: Alexander Hoffmann - Fotolia.com

Овчар седнат со прекрстени нозе на цветна ливада на планинска удолнина го чува своето стадо. На патчето под него, жена со лелеава облека се движи бавно меѓу искривените маслинoви дрвја полни со глуждови. Kако во времето на Исус. Малото „Село Назарет“, кое се наоѓа во градот Назарет, во северен Израел, на посетителот треба да му даде чувство како навистина било во тоа време, пред дваесет векови.

И покрај послeдните немири и крвавата војна во Газа, во Назарет се надеваат на радосен Божик и многу посетители. За празниците се очекуваат околу 10.000 посетители, меѓу нив и многу аџии, вели градоначалникот Али Салам.

Луѓето во регионот сакаат брзо да ги потиснат негативните доживувања, објаснува Сухел Фаран, сопственик на божиќно украсен ресторан во близина на православна црква. „Секогаш кога има тензии тоа се чувствува неколку недели, а потоа се‘ е повторно нормално.“ За Божик и Нова година неговиот ресторан е одамна резервиран. Во Назарет пред празникот има шарен божиќен пазар, со многу тезги и со накитена елка, висока 26 метри. Елката, накитена раскошно, е од метал и празна во внатрешноста. „Плановите за нејзе ги добивме од Кина“, раскажува смешкајќи се Анвар Абду, претседател на грчко-православната заедница во Назарет.

Притоа, секогаш има по малку конкуренција со Витлеем, градот во кој според христијанското верување е роден Исус. Експертите, пак, спорат околу тоа дали Исус навистина е роден во Витлеем или во Назарет, од каде потекнуваат неговите родители. Раскошната базилика Навестување во Назарет, според католичкото верување, е на местото на кое Гаврил и‘ соопштил на Марија дека ќе го роди Исус.

И во „Селото Назарет“, на половина километар од старото јадро на градот Назарет, се очекува голема навалица на посетители за празниците. „Селото е изградено во 2000 година, според археолошките пронајдоци од местото и со автентични градежни материјали. „Во првиот век овде имало мала селска фарма, со кула за набљудување, преса за вино, водовод, терасен изглед на земјата и каменолом“, вели туристичкиот водич Амер Никола.

Israel Altstadt von Nazareth
Старото јадро на НазаретФотографија: picture-alliance/Arco

Доктор Нахле Бишара, поранешен директор на Шкотската болница која е во непосредна близина, за историскиот проект сонувал со години. Со помош на донатор од САД неговиот сон се остварил. Тука за групите ученици се игра божиќната приказна со Марија, Јосип и детето Исус, како и со овци и магариња. „Децата може и да јаваат на магаре“, вели Никола. Со стап покажува како порано кога била жетва се чукале маслинките од дрвјата. Во музејските простории е прикажан историскиот развој на регионот. Огромниот дрвен крст со шајки го пренесува ужасот од распнувањата кои ги вршеле Римјаните. Актери во автентична облека ги прикажуваат старите занаети: жена преде со волна која е избоена со антички методи.

Пред да се тргне во посета, потребна е резервација. Така е и во ресторанот. Влезот по лице чини 37 шекели (околу осум евра) доколку се работи за групна посета, додека индивидуален билет чини 50 шекели (околу 10 евра). Годишно во Назарет доаѓаат десетици илјади посетители, пред се‘ аџии. „Многумина се од САД, Германија, Холандија“, вели Никола. Доаѓаат и посетители од Израел. „Христијани, муслимани, евреи... Многу семејства доаѓаат за време на викендите.“

Селото во првите моменти делува како оаза за релаксирање од брзиот модерен живот, но во текот на посетата станува јасно колку било напорно секојдневието во тоа време. На крајот на обиколката посетителот може да се закрепне во ресторан со едноставни дрвени маси. И во него се сервираат јадења според библиски урнек. „Има супа од леќа, печена кокошка и слануток“, раскажува Никола. За десерт се сервира мед од урми од локално производство.