1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Каде е четкичката за заби на Александар Велики?

Б. Георгиевски/фац21 октомври 2014

Проектот „Скопје 2014“ е разубавување на историјата и идентитетот со мермер, камен и железо, со други зборови, проект за „изградба на нација“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг во репортажата од Скопје

https://p.dw.com/p/1DZHO
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со неверојатно темпо на Балканот се одвива еден од најголемите и најчудните градежни проекти во Европа. Ниту еден друг европски главен град во последните четири години не го промени толку својот изглед како Скопје. Иако Скопје е релативно мал град со околу 500 илјади жители, сепак има доволно место за преку десетици нови згради, и стотиците нови споменици, мостови и фонтани да се создаде силен впечаток. Новиот помпезен Национален театар, речиси 30 метри високиот споменик на Александар Велики, и речиси исто толку големиот споменик на неговиот татко Филип Втори, покажуваат дека во Скопје не се гради само нов град. Тука станува збор за разубавување на историјата и идентитетот со мермер, камен и железо, со други зборови за „изградба на нација“.

Авторот на репортажата од Скопје натаму дава приказ на сите објекти кои се изградени од двете страни на Вардар, потенцирајќи дека на плоштадот и во околината се изградени повеќе од 150 споменици и скулптури, заклучувајќи „за некој што се плаши од отворен простор, Скопје е идеалната бања“.

Според ФАЦ, во основата на „Скопје 2014“ се два музеи. „Постариот, отворен во 2011 година има малку комплицирано име „Музеј на македонската борба за државност и самостојност. Музеј на Македонската револуционерна организација и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим“. Тој е контра-одговор на 'Музејот на македонската борба' отворен во Солун во 1982 година, кој ја раскажува историјата на регионот од грчки аспект. Интересно е тоа што Музејот во Скопје не може да се обиколи без придружба. Македонската историја е компликувана и странецот лесно може да се збуни, ни ја објаснува забраната еден историчар на почетокот на речиси двочасовната тура. Но, вистинската причина можеби е и поинаква: Владата сака од збор до збор да го контролира ваквиот поглед на историјата“.

Mazedonien Skopje Archäologisches Museum
Археолошкиот музеј во СкопјеФотографија: picture-alliance/dpa/Georgi Licovski

Патриотизам и лојалност

Споредувајќи го виденото во Музејот со хорор-видео, ФАЦ наведува дека Владата се обидува да го зајакне патриотското чувство и во училиштата: „Во еден учебник од 2010 година се наведува: Лојалните граѓани ги почитуваат оние кои се на власт во општеството. Тие се секогаш подготвени да ги следат правилата и прописите во општеството, дури и по цена да мораат да се откажат од своите слободи“, пишува ФАЦ.

Осврнувајќи се на минатонеделното отворање на Археолошкиот музеј, авторот ги цитира изјавите на македонскиот премиер и на министерката за култура кои говорат за „значењето на археологијата за македонската државност“, но и со доза на иронија заклучува дека во Музејот сепак ја нема „четкичката за заби на Александар Велики“.

Во Скопје не се работи само за споменици и артафакти. Преку Археолошкиот музеј во Скопје треба да се засили неофицијалната државна доктрина, според која, Македонците се потомци на Александар Велики. Иако Словените дошле на тие простори дури во 6. век од новата ера, тие се измешале со локалното население, па тоа ги прави потомци на Александар, гласи објаснувањето во Скопје“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Голема Албанија не е наш проект

Истиот весник во денешниот број донесува и интервју со албанскиот премиер Еди Рама во кое се третираат односите со Србија по последните инциденти на фудбалскиот натпревар и меѓусебните обвинувања меѓу политичарите од двете земји. Рама оценува дека инцидентите во Белград покажале „колку е лабилен мирот во регионот на Балканот и колку е лесно враќањето кон старите навики.

Premierminister von Albanien Edi Rama
Еди РамаФотографија: Reuters

„Сто години по почетокот на Првата светска војна ние на Балканот за првпат во нашата заедничка историја доживеавме да не постојат сериозни конфликти. А тоа е далеку поважно отколку судирите за време на еден фудбалски натпревар“.

Прашан за поддршката на големоалбанскиот национализам во регионот, Рама се дистанцира од таквите проекти.

„Голема Албанија во прв ред е прастар страв на Србија кој повремено се појавува и во соседните земји, или кој го споменуваат неколку новинари кои веруваат дека на тој начин откриле голема вистина. Но, тука завршува приказната. Голема Албанија не е наш проект, исто како што не е ни парчето текстил со албанските симболи, или со знамето на било која друга Албанија кое леташе над Белград, а кое наводно ние сме го испланирале. Нашиот вистински проект е голема Европа, а не голема Албанија. Дозволете да ве потсетам: Албанците во Албанија, Косово, во Македонија, Србија, Црна Гора или Грција никогаш не биле проблем за другите, туку напротив, секогаш настојувале другите да не бидат проблем за нив, да не ги протеруваат, да не ги маргинализираат или дискриминираат на етничка основа... Голема Албанија е мит кој го одржуваат оние кои тој мит сакаат да го искористат против Албанците“, вели Рама во интервјуто за ФАЦ.