1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кавга околу правосудната реформа во Турција

Сенада Соколу / Елизабета М. Фиданоска17 април 2014

Уставниот суд во Турција прогласи за неуставен дел од владината реформа на правосудството. Владата ја критикуваше пресудата на уставните судии. Не е првпат Ердоган да е лут поради некоја пресуда.

https://p.dw.com/p/1Bjx4
Фотографија: Adem Altan/AFP/Getty Images

Турскиот Уставен суд уште на почетокот на април предизвика бура - судиите ја прогласија за неуставна владината забрана на Твитер. Сега судот за неуставен прогласи и дел од контроверзниот закон за правосудство, донесен во февруари. Со овој закон беа проширени овластувањата на министерот за правда во Високиот совет на судии и обвинители, телото кое, меѓу другото, е надлежно за именување и отпуштање на судии и обвинители. Во текот на изминатите недели некои членови на Високиот совет веќе беа отпуштени и заменети со нови, сето тоа со дозвола на министерот за правда Бекир Боздаг. Уставниот суд сега оцени дека такво нешто не смее да се прави. Според судиите, проширувањето на овластувањата на министерот е противуставно. Тужбата пред Уставниот суд ја поднесе опозиционата Републиканска Народна Партија (ЦХП).

Премиерот Реџеп Таип Ердоган и министерот за правда Бекир Боздaг жестоко ја критикуваа пресудата. „Ако некој сака да биде инволвиран во политиката, тогаш треба да го напушти својот стол, својата судиска одора и треба да почне да се занимава со политика“, цитира весникот „Хуриет“ изјава на премиерот Ердоган. Министерот Боздаг за истиот весник има изјава дека се надева оти судот „може да се држи подалеку од политичката агенда на земјата“.

Hasim Kilic Präsiden des türkischen Verfassungsgerichts Archiv 2009
Хасим Килич, претседател на Уставниот судФотографија: Adem Altan/AFP/Getty Images

Хасим Килич, претседател на Уставниот суд, ја отфрла критиката: „Ние само си ја работиме нашата работа во рамките на Уставот“, рече тој во разговор за весникот „Милијет“. Претседателот на Турската адвокатска комора Метин Фејзиоглу ја пофали одлуката на Уставниот суд и за турскиот печат оцени дека е тоа „една од оние одлуки кои покажуваат колку е важен Уставниот суд во Турција“. Тоа докажува дека, според Уставот, ниту еден закон не смее да ја загрози независноста и неутралноста на судиите и обвинителите.

Реформа на Уставниот суд - проект на Ердоган

Конфликтот меѓу Владата и Уставниот суд ескалираше со пресудата против забраната на Твитер, што докажува дека Судот работи навистина ефикасно, оценува експертот за право Лами Бертан Токузли во разговор за Дојче Веле: „Владата на Ердоган во последно време постојано ‘турка‘ закони кои се одраз на авторитарни тенденции. Не разбирам зошто Владата е изненадена од одлуките на Судот, кога закони како овој претставуваат јасна повреда на Уставот.“ Наместо да ги преиспита своите постапки, владата на Ердоган го става под знак прашалник статусот на Уставниот суд и го обвинува дека има политички мотиви, нагласува професорот по уставно право на универзитетот Билги во Истанбул.

Türkei Lami Bertan Tokuzlu Istanbul
Лами Бертан ТокузлуФотографија: Lami Bertan Tokuzlu

„Во турскиот Устав е точно пропишана поделбата на власта, исто како во германскиот. Правосудната ниту им е надредена ниту подредена на законодавната и извршната власт. Сите три се на исто ниво и мора да се почитуваат меѓусебно.“

Освен тоа, нагласува Токузлу, не смее да се заборави дека Уставниот суд веќе беше реформиран од страна на партијата АКП на Ердоган, и тоа со референдум во 2010 година. „Оттогаш, меѓу другото, се можни и жалби пред Уставниот суд, чекор кој беше оценет како херојски и кој на Владата и‘ даде печат на хумана и реформска.“

Лекција за Ердоган

Експертот Токузлу, меѓутоа, нагласува дека Уставниот суд во последните години не бил секогаш толку консеквентен како што е случајот со актуелната одлука. „Има илјадници индивидуални жалби од сферата на човековите права кои се нашле пред Уставниот суд. Досега не е констатирана речиси ниту една повреда. Значи, со жалбите се постапува многу непромислено.“ Сега, меѓутоа, Судот препозна дека „Владата навистина го загрозува принципот на правна држава“, вели Токузлу. Со тоа Уставниот суд почна да внесува нова динамика во својата работа.

Јусуф Канли, колумнист во „Хуриет Дејли Њус“ оценува дека актуелната пресуда на Уставниот суд е „лекција за поделбата на власта“ за Ердоган, кој сакал да стане „апсолутен владетел“. Новинарот констатира дека ваквите пресуди овозможуваат луѓето повторно да веруваат дека владее демократија и дека се заштитени од страна на судиите во Анкара.