1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија ги спасува бегалците во неволја

Филип Цан / Александар Методијев24 јули 2014

Една од најпогодените земји од бегалските бранови од Африка е Италија. Земјата ја започна мисијата „Маре нострум“ со цел да ги спаси овие бегалци од давење, оти нивните бродови се преполни и често технички неисправни.

https://p.dw.com/p/1CLpz
Фотографија: Mauro Seminara/AFP/Getty Images

Пристаништето Аугуста на Сицилија - кратка пловидба и веќе сме кај „Сан Џорџо“. Бродот на италијанската воена морнарица е оперативна централа на хуманитарната мисија „Маре нострум“. Со недели капетанот Алдо Долфини плови меѓу Сицилија и Северна Африка - во рамките на хуманитарната мисија.

„Од 25 март на овој брод спасивме 8.300 бегалци - еден мал град! Тоа се луѓе кои можеби никогаш не биле на море, вознемирени и очајни. Кога ќе им погледнам на многу деца во очите, знам дека го правам вистинското“, вели капетанот на „Сан Џорџо“ Алдо Долфини.

За мисијата „Маре нострум“ италијанската морнарица отстапи вкупно пет воени бродови. Тие патролираат на површина која е голема колку Баварија! Целта на нашето патување се платформите за нафта и гас на околу 60 наутички милји од либискиот брег.

Spanien Frontex Boot
Бегалците се спасуваат со помош на италијанскиот брод „Сан Џорџо“Фотографија: Desiree Martin/AFP/Getty Images

„За бегалските бродови овие офшор постројки пред Триполи и Зувара се идеална точка за ориентација, дури и без инструменти за навигација. Оттаму се оди право кон Лампедуза и Италија“, вели командантот на мисијата „Маре нострум“ Масимо Вианело.

Бегалците имаат право на спасување

Веќе кај првата платформа за гас се ниша еден брод со бегалци. Италијанците му приоѓаат. Моторот е во дефект, а горивото потрошено. Со тоа, според морското право, луѓето во бродот имаат право на спасување.

Од командниот мост е забележан уште еден брод со бегалци. Од целосно преоптоварениот брод внимателно ги префрлуваат луѓето. Жените и децата имаат предност! Бегалците ги примаат на „Сан Џорџо“. Постарите лица се целосно изнемоштени, а на бремените жени мора да им се укаже медицинска помош. Најголем дел доаѓаат од Сирија. Спасувањето им донесе големо олеснување.

Flüchtlinge vor Italien und Malta gerettet 6.6.2014
Откако ќе бидат спасени, им се укажува медицинска помошФотографија: picture alliance/dpa

Скако платена надеж

Меѓу бегалците има и млада двојка доаѓа од завојуваниот Дамаск. За патувањето преку Турција, потоа со авион кон Алжир и натаму кон Либија тие платиле 15.000 долари! Уште на бродот полицијата им ги контролира пасошите. Деликантен момент, оти тие не сакаат да останат во Италија! А, земањето на отпечатоци од прстите ќе го направи невозможно барањето азил во друга земја од ЕУ.

„Фамилијата ми е во Шведска. Ако стигнам таму, тогаш ќе ме проверат и ако утврдат дека доаѓам од Италија, дека тука сум веќе регистриран, ќе ме вратат назад“, нагласува Мухмад, кој е бегалец од Сирија.

Италија често ги крши европските одредби за доселување

Во канцеларијата на Обединетите нации во Рим им е познат овој страв, а знаат и дека Италијанците често воопшто не ги регистрираат бегалците од Еритреја и Сирија и со тоа систематски ги поткопуваат постоечките европски одредби за доселување.

„Луѓето кои пристигнуваат овде веќе знаат дека можат и треба да избегнат давање отпечатоци од прстите, за така да не влезат во системот од Даблин, да не заглават во Италија или, ако се појават на некое друго место во Европа, да не може да бидат вратени назад во Италија“, вели Беат Шулер, од Високиот комесаријат за бегалци на ОН.

Flüchtlinge vor Italien und Malta gerettet 6.6.2014
Бродовите на бегалците од Африка се преполни и често технички неисправниФотографија: picture alliance/dpa

Затоа организациите за бегалците предлагаат нова регулатива за случаи како на Мухамад: ако некој бегалец има веќе роднини во Европа, тој треба да добие право на привремен азил.

За Италија, каде се стигнуваат десетици илјади бегалци, тоа би било барем едно олеснување. Но, дотогаш луѓето како Мухамад и неговото семејство ќе продолжат кон Северна Европа - легално или нелегално.