1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Источна Европа станува омилен регион за кинеските инвестиции

Немања Рујевиќ/бг15 декември 2014

Кинескиот премиер во Белград доаѓа со голема стопанска делегација на состанок со лидерите на 16 земји од средна и источна Европа. Регионот е нов расадник за кинескиот капитал, а од тоа најмногу профитира Пекинг.

https://p.dw.com/p/1E4LY
Фотографија: AFP/Getty Images

Парите никогаш не спијат, или барем не би требало. Бидејќи само будниот капитал може да собира камати ширум светот. Оваа мудрост на банкарите и брокерите одлично ја знаат во Пекинг и доследно ја применуваат. А пари има доволно- огромните девизни резерви на Кина се ближат до четири билиони долари. Оттука е разбирливо што Кина го употребува домашниот капитал за раст на стопанството, наместо да го задржува во обврзници на САД и на други земји, смета експертот за странски инвестиции Милан Ковачевиќ.

Во вторник (16.12) во Белград кинескиот премиер Ли Кечианг ќе се сретне со претседатели и премиери од 16 држави од средна и источна Европа. По инвестициите во Азија, Латинска Америка и Африка, овој подзаборавен поранешен комунистички простор од Балтикот до Црното Море и Јадранот треба да стане ново плодно тло за кинескиот капитал.

„Во Пекинг почувствуваа дека Југоисточна Европа не е во замав, но дека има потенцијал“, вели Ковачевиќ. Од друга страна, претставниците на 11-те земји-членки на ЕУ и на петте потенцијални кандидати се надеваат дека и нивните држави ќе имаат корист од кинеската стопанска експанзија.

Li Keqiang Chinas Ministerpräsident auf dem Weltwirtschaftsforum in Tianjin
Ли КечиангФотографија: Reuters

Мала, но растечка трговска размена

По Будимпешта, Варшава и Букурешт, самитот во Белград е четвртиот состанок на групата 16+1. Сепак, обемот на трговската размена на Кина со 16-те европски земји и натаму е многу скромен, околу 43 милијарди евра годишно. Толкава е кинеската трговска размена само со Италија, а со Германија е трипати поголема.

„Волуменот на трговската размена е низок, но расте со огромни стапки“, вели макроекономскиот експерт од Германскиот институт за стопанство, Кристијан Дрегер. Само во последната деценија трговската размена со овие земји е зголемена за десет пати. Прогресијата е речиси геометриска, а се очекува за неколку години да се пробие магичната бројка од 100 милијарди евра.

Притоа, трговската размена е екстремно асиметрична. Азиската извозна сила продава за десет пати повеќе од она што го купува.

„Тешко можете да и продавате стока за широка потрошувачка која во Кина е екстремно ефтина бидејќи за заснова на ефтина работна сила“, вели Ковачевиќ.

Дрегер сепак гледа можности во областа на земјоделството. „Низ кинеските инвестиции постепено ќе се подобрат шансите и во областа на индустријата“, додава тој.

Предност за инфраструктурните проекти

Се очекува тридневниот самит во Белград да мине слично како и претходните- претставниците на европските земји ќе предлагаат проекти и се надеваат дека ќе го привлечат вниманието на кинеските инвеститори. Минатата година српската влада имаше дури 50 проекти на својата листа на желби. Делумно се работи за инфраструктурни и престижни потфати во огромни износи: модернизација на пругата Белград- Будимпешта, делницата од автопатот во Црна Гора, нуклеарните реактори во Романија, хемиска индустрија во Унгарија, за Кинезите се интересни и пристаништата во Хрватска и Бугарија.

Treffen von Orban, Dacic und Li Keqiang in Bukarest
Од минатогодишниот самит во Букурешт: Виктор Орбан, Ивица Дачиќ и Ли КечиангФотографија: Reuters

Најголемиот дел од проектите се финансираат и се реализираат според нотите од Пекинг, што може да се види и на примерот на мостот Земун-Борча кој треба свечено да биде отворен в среда. Кредитот го издвои кинеска банка, работите ги вршеа кинески фирми и работници, а градежниот материјал исто така пристигна оттаму. Милан Ковачевиќ вели дека Србија всушност го увезла целиот мост, а притоа Кинезите биле ослободени од царини и даноци.

За Кристијан Дрегер, чашата е сепак полу полна. „Мостот останува тука и ја подобрува достапноста во целиот регион. Од тоа доаѓа ефектот на раст на стопанството и привлекувањето странски инвестиции“, вели тој.