1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Исламистите сакаат промена на границите на Блискиот Исток

А. Алмелинг/Б. Георгиевски28 јули 2014

ИДИЛ сега контролира големи делови од Ирак и Сирија. Неговиот лидер, Абу Бакр ал-Багдади планира да создаде исламска империја. Дали е на повидок промена на границите на Блискиот Исток?

https://p.dw.com/p/1Ckeo
Фотографија: Reuters

Членовите на радикалната Исламска држава на Ирак и Сирија (ИДИЛ) делуваат како да не се плашат од ништо. Во минатото, оваа армија на радикални исламисти во прв ред се бореше против умерените бунтовнички групи во Сирија, но во последниот период тие изведоа брутални кампањи против сириската армија.

Според Сириската група за човекови права, борците на ИДИЛ успеале да убијат 85 војници на војската на Башар ал-Асад во една од последните битки. Судбината на уште 200 војници останува непозната. Се чини дека ИДИЛ е подготвена да ја плати цената за ширењето на нејзиното влијание.

Територијални претензии

„Целта на групата е да воспостави прекугранична зона, почнувајќи од Сирија и Ирак“, вели Фалко Валде од фондацијата „Фридрих Науман“ во Аман, Јордан. И тоа е само меѓучекор, додава тој, ИДИЛ сака да се прошири и во други држави во регионот, вклучително и Јордан, Либан, палестинските територии, Израел и дури и Кипар и делови од Турција.

Irak - Abu Bakr Al-Bagdadi zeigt sich in einem Youtube-Video
Абу Бакр ал-БагдадиФотографија: picture alliance/AP Photo

„Групата сака да создаде држава која ќе има корени во нејзиниот концепт за политика и општество“, вели Валде.

Последните месеци, исламистите веќе ја презедоа контролата врз делови од Ирак и Сирија, наметнувајќи драконски закони, вклучително и арбитрарни егзекуции. Во ирачкиот град Мосул, жените се соочуваат со тешки казни доколку не се целосно покриени во јавност. Лидерот на групата, Абу Бакр ал-Багдади, го најави формирањето на Калифатот во Мосул на крајот на јуни. Ал-Багдади, кој е роден во Ирак, себеси се гледа како наследник на пророкот Мухамед, и ја презема старата идеја за исламска империја.

Исламистите како него не ги прифаќаат актуелните граници меѓу Ирак, Сирија, Јордан и Либан кои беа наметнати од големите Западни сили по Првата светска војна. Тие сметаат дека уништувањето на Османската империја, која долги години ги контролираше Мала Азија и Блискиот Исток, е главна причина за слабеењето на исламот денес. Со други зборови, исламистите веруваат дека нова Исламска империја е патот во иднината.

Слаби влади

Во меѓувреме сириската армија се обидува да ги одбие нападите од ИДИЛ. По еднонеделни борби, повторно е заземено гасно поле кое беше освоено од исламистите. ИДИЛ е само една од групите кои се обидуваат да ја урнат владата на Асад, но сирискиот претседател успева да се одржи и три години откако започна граѓанската војна. Во соседниот Ирак, владата е во тешка криза. Шиитскиот премиер Нури ал-Малики го испровоцира сунитското малцинство со едностраното и коруптивно владеење.

Nuri al-Maliki Irak Ministerpräsident
Ирачкиот премиер Нури ал-МаликиФотографија: AFP/Getty Images

„Има многу секуларни Ирачани кои се чувствуваат исклучени од пристапот на премиерот, кој има длабоки корени во религијата“, вели Фолкер Пертес, директор на берлинскиот тинк-тенк „Германски институт за меѓународни и безбедносни прашања“. „Постојат бројни сунити, особено во руралните региони и во градовите, кои се чувствуваат маргинализирано од владата на Малики“, вели Пертес.

Раслоеноста на ирачкото општество се покажа од корист за ИДИЛ, а во таа насока дополнително отежнувачки е фактот што ирачките Курди се обидуваат да изградат сопствена држава. Тие повеќе не сакаат да бидат дел од Ирак, а уште помалку од исламската империја. Курдите се борат за политичка, културна и економска независност.

Ваквиот развој - курдската борба за независност и обидите на ИДИЛ да создаде исламска држава, го отвора прашањето за одржливоста на актуелните граници во регионот. Станува очигледно дека ослабените влади во Ирак, Сирија и Либан ќе имаат проблем да го одржат својот територијален интегритет.