1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Искрена загриженост и неопходна критика

Марсел Фирстенау/превод: БГ2 септември 2014

На еден историски ден, пратениците дебатираа за историска одлука. Брзо стана јасно дека политиката никогаш не е лесна кога е во прашање војна - и тоа е добро, коментира Марсел Фирстенау.

https://p.dw.com/p/1D5BP
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Schneider/Bundeswehr

Германскиот Бундестаг формално се‘ уште е на одмор - годишниот одмор завршува неделава. Затоа, кога пратениците се повикуваат на вонредна седница, причината мора да е многу важна. На 1. септември многу поважна причина ќе беше одбележувањето на 75-та годишнина од почетокот на Втората светска војна. Но, во Бундестагот овој историски настан беше споменат на маргините. Никој не сакаше да биде критикуван поради тоа што заборавил да ги спомене германската одговорност и вина. Но, официјалната причина за седницата не беше големата и ужасна војна од минатото, туку онаа која наголемо се заканува. Неконвенционална војна во која директно не учествуваат државите, но сепак се дел од неа. Германија ќе учествува под чудниот наслов „Хуманитарна помош за бегалците во Ирак и борба против терористичката организација ИД“. Ова беше насловот кој канцеларката Ангела Меркел и‘ го даде на својата владина изјава, на тој начин одбегнувајќи ја клучната фраза „испорака на оружје“.

Очајните луѓе од северен Ирак на овој начин би требало да го сопрат напредувањето на бестијалните терористи, наречени Исламска држава, со германско оружје, антиракетни фрлачи и ракети. Но, доколку навистина се работеше за вооружување на инфериорната страна против варварскиот непријател од етички или политички убедувања, тоа можеше да се оправда и без дополнителни образложенија. Наместо тоа, Меркел ја образложуваше својата одлука надолго и нашироко. Говореше за конфликтот меѓу Русија и Украина, го пофали новиот претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, го апострофираше значењето на НАТО. Канцеларката можеше да биде многу подиректна и конкретна. Германската јавност и онака веќе знаеше дека одлуката е донесена уште за време на викендот. Но, по се‘ изгледа, улога играше грижата на совест кај канцеларката и кај Владата, која во суштина и не треба да постои. Затоа што и Меркел и сите останати учесници во дебатата заслужуваат почит за своето „за“ или „против“ во однос на драматичната одлука.

Kommentarfoto Marcel Fürstenau Hauptstadtstudio
Марсел Фирстенау, автор на коментаротФотографија: DW/S. Eichberg

Аргументирана дебата

Никој не го одбра полесниот пат. Ниту парламентарниот лидер на ЦДУ, Фолкер Каудер, ниту опозицискиот лидер од редовите на Левицата, Грегор Гизи, ни Социјалдемократите или Зелените. И секој од нив беше во право: Каудер со поддршката за испораката на оружје од аспект на хуманитарната катастрофа, Гизи со спротивставувањето на испораката од аспект на меѓународното право и авторитетот на Обединетите нации.

Кон крајот на тричасовната дебата, пратеникот на СПД Франк Швабе говореше за дилемата во која се најде парламентот, прифаќајќи ги и аргументите на Левицата и на Зелените. Со неколку збора, овој политичар кој ја поддржува испораката на оружје, искажа почит за оние кои имаа различно мислење. Тој стави јасно до знаење дека секогаш постојат скрупули, несигурност и критика кога се одлучува за војна, но понекогаш и елементот на беспомошност е исто така присутен. Сето тоа е човечки и разбирливо.