1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иранскиот „Робин Худ„ Махмуд Ахмадинеџад

13 март 2006

Советот за безбедност на ОН денеска или утре ќе расправа за спорната атомска програма на Иран.

https://p.dw.com/p/AcTR
Махмуд Ахмадинеџад
Махмуд АхмадинеџадФотографија: AP

Петте постојани членки на Советот веќе разговараа околу ова прашање минатата недела. Иранскиот Претседател Махмуд Ахмадинеџад во меѓувреме уште еднаш потврди дека неговата земја нема да потклекне под растечкиот притисок од меѓународната заедница. Јерг Пфул испрати прилог за ставовите на Ахмадинеџад околу спорната атомска програма и воопшто за неговиот политички профил.

Исламската револуција во Иран почна како социјален проект за прераспределба на богатството во полза на сиромшаните. И актуелниот претседател Махмуд Ахмадинеџад припаѓа кон чедата на оваа револуција. Тој потекнува од сиромашно семејство и спаѓа во обичните мали луѓе, на кои им е доста од измамите на владеачката класа. На времето тоа беше иранскиот Шах и неговите следбеници, а денес тоа е корумпираната религиозна елита на мулите со големи бради. Ахмадинеџад се гледа себе си како еден бид ирански Робин Худ, кој се бори за правата на обичните луѓе, сега и против владеењето на мулите.

„Во исламската влада не ни требаат некои 10-тина илјади лица кои се сметаат себе си за нешто подобро од другите„ – вели Ахмадинеџад.

Тој спаѓа во втората генерација револуционери, која и најавува борба на првата генерација. Тој не им припаѓа на религиозните водачи, мулите, туку е кадар на иранската армија. Тој служел во револуционерната гарда, за време на војната против Ирак бил водач на една единица за специјални акции. Ахмадинеџад нема долга брада, туку е мајстор на боречки вештини. Тој не е татко на спорната атомска програма на својата земја, но радо ја презеде како свој проект. Меѓународниот конфликт околу тоа му оди од рака, бидејќи во состојба на постојан притисок од надвор граѓаните на Иран се борат секако пред се‘ за одбрана на татковината:

„Нашата голема нација не може да се откаже од своето право и да и‘ потклекне на заканата од неколку арогантни нации што сметаат дека тие се целиот свет„ – порачува Ахмадинеџад.

Тој постојано бара конфликт, негирајќи го холокаустот како историски факт, барајќи Израел да се избрише од географските карти или да се префли во Европа. Тој ги поттикнува сограѓаните да ги палат данските знамиња поради карикатурите на сметка на пророкот Мухамед објавени во еден дански весник, а на Европа при тоа и‘ порачува:

„Во вашите земји имате слобода да ги навредувате сите пророци, но немате слобода да ја истражите бајката за холокаустот„ – нагласува Махмуд Ахмадинеџад.