1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Индијците успешно лансираа сателит во орбитата на Марс

Г. Домингез/И. Стојкова25 септември 2014

Индија влезе во историјата како прва нација која пристигна на Марс и влезе во орбитата на планетата за време на нејзината прва мисија, што и отвори простор на светската научна сцена, вели аналитичарот Дејвид Александер

https://p.dw.com/p/1DJpa
Фотографија: imago/United Archives

По 10 месечното патување, индиското нискобуџетно вселенско летало „Мангалијан“ влезе во орбитата околу Црвената Планета во средата (24.09). Успехот на мисијата претставува важен настан за вселенската програма на земјата. „Се осмеливме да влеземе во непознатото и го постигнавме речиси невозможното“, рече индискиот премиер Нарендра Моди во седиштето на Индсиката Вселенска Истражувачка Организација (ИСРО), близу Бангалор.

Со овој успех, Индија влегува во тимот на врвните вселенски истражувачи, како што се Соединетите Американски Држави, Русија и Европа. Успехот е меѓудругото и причина за националната гордост, бидејќи Индија е првата нација која стигна до Марс и влезе во нејзината орбита, при првиот обид. Половина од сите мисии до Марс беа неуспешни, вклучувајќи го и обидот на Кина во 2011 година и на Јапонија во 2003. Уште поинтересен е фактот што трошоците за мисијата изнесуваат 74 милиони американски долари, што е всушност помалку од буџетот за холивудскиот блокбастер „Gravity“ и претставува само дел од вселенското летало на НАСА – „MAVEN“, кое започна успешно да орбитира околу планетата пред само неколку дена.

David Alexander US Raumfahrt Experte
Дејвид АлександерФотографија: Rice Space Institute

Дејвид Александер, директор на вселенскиот институт, со седиште во САД, вели во интервју за ДВ дека индискиот успех на Марс претставува огромно достигнување и технолошките капацитети демонстрирани од страна на јужноазиската нација и знаењето добиено од операциите на мисијата ќе бидат од непроценлива важност како за воздушните операции и обучувањето на лицата во мисијата така и за лансирањата во иднина.

ДВ: Што кажува успешното позиционирање на сателит во орбитата на Марс за технолошката моќ во Индија?

Успешното лансирање на иднискиот сателит на орбитата на Марс е значајно постигнување. И покрај големиот успех што го имавме со „Mars Rovers“ и „Mars Reconnaissance Orbiter“, историски само половина од вкупниот број на мисии на Марс беа успешни, без разлика на потеклото на земјата. Фактот што Индија успеа да стигне до орбитата на Марс при првиот обид е огромна причина за славење, бидејќи со тоа докажува дека Индиската Вселенска Истражувачка Организација (ИСРО) има доволно капацитет да изведува вакви комплексни маневри и ќе создаде добри предуслови за мисиите во иднина. Секако дека само еден ваков настан не гарантира понатамошен успех, но во секој случај е значајно постигнување.

Успешната мисија е и извор на гордост за земјата, со оглед на тоа што Индија сега е на светската научна сцена и тоа, рамо до рамо со Америка, Русија и другите земји. А важно е и за светот, да има уште една нација која ќе учествува во истражување на вселената. Како што продолжуваме со истражувањата на Сончевиот систем и организираме се поголеми и посложени мисии, така ќе треба да почнеме повеќе да се потпираме на меѓународната соработка. Според мене, колку повеќе земји имаат капацитети да учествуваат толку подобро ќе биде за сите.

Bildergalerie Indien Mars Orbiter Mangalyaan
Фотографија: picture-alliance/dpa/Indian Space Research Organisation

ДВ: Кои се предностите од оваа вселенска програма за една ваква земја од трет свет?

Постојат повеќе аспекти, но мислам дека генерално може да се категоризираат на два начини. Првиот е фактот што колку повеќе земји учествуваат во истражувањето на вселената, толку поголеми се шансите за постигнување, со здружени сили. Вториот аспект е важен за способноста на Индија да го подобри развојот од што ќе бенифицираат нејзините граѓани. Стабилната добро обсмислена вселенска програма која вклучува научно истражување и вселенско користење – вклучувајќи ги телекомуникациите, временското следење, навигацијата – е од голема корист за инфраструктурата во 21виот век, го стимулира еконосмкиот раст, а ќе обезбеди и посебни ресурси кои ќе придонесат за безбедноста на земјата.

ДВ: Која е целта на индиската „Марс Орбитер мисија“ (МОМ)?

„Марс Орбитер“ мисијата во најголем дел е мисија за демонстрација на технологијата. Имено, Индија покажува дека умее успешно да транспортира до орбитата на Марс. Технолошкиот капацитет и знаењето стекнато од операциите за време на мисијата ќе бидат од исклучително значење за идните развивања и обучувањето на лицата кои ќе одат во мисија. Сето ова ќе може да се пренесе во идните лансирања и операции. Од научен аспект, мисијата е релативно скромна, која ќе придонесе некои слики и спектроскопски анализи на површината на Марс, како и за истражувањата за составот на атмосферата. Мене лично, највозбудливи ми се обсервациите на истражувањето на емисиите на метан. Одржливото присуство на метан, забележано во претходните мисии, укажува на постоењето на активен механизам на производство, најверојатно со тектонска природа, иако има претпоставки дека можно е да има и биолошко потекло. Обсервациите на индискиот сателит ќе го зголемат знаењето за метанот и можеби ќе не доведат до некои сознанија за неговото потекло.

ДВ: Како Индија успеа во лансирањето сателит на Марс со толку мали трошоци?

Наједноставниот одговор е дека трошоците во Индија, посебно платите, се значително помали отколку во Америка. Во текот на неколку години, низ развојот, лансирањето и операциите кои вклучуваа голем број на персонал, разликата во трошоците може да стане прилично голема. Покрај тоа, мисијата „MAVEN“, ја кошташе Америка 670 милиони долари. Таа е последна во низата на американски мисии на Марс и е далеку понапредна отколку индиската. Оваа мисија има голем број на инструменти дизајнирани за вршење на сеопфатна студија на Марс. Така на пример, индсиката „МОМ“ има инструменти со маса од 13 кг, додека американсата „MAVEN“ има 65кг, со што автоматски ги прави нејзините трошоци поголеми. Но и покрај тоа индиските научници заслужуваат пофалба за тоа што го направија со оглед на ограничените ресурси.

Bildergalerie Indien Mars Orbiter Mangalyaan
Фотографија: picture-alliance/dpa/Indian Space Research Organisation

ДВ: Некои сметаат дека со својата релативно ниско-буџетна програма, Индија може да стане важен играч во бизнисот на лансирање сателити и летала во вселената. Што мислите вие?

Европејците се моментално главните спроводници на сателити, на глобално ниво. Успехот на мисијата е критичен и ќе биде потребно одредено време пред да успеат да се пробијат на овој пазар. Полека но сигурно одат натаму и со паметен маркетинг и стратешко партнерство нема причина зошто да не претпоставиме дека растечкиот индиски удел на пазарот ќе се зголеми.

ДВ: Многу аналитичари расправаат дека постои азиска вселенска трка која се развива помеѓу Кина и Индија?

Не би ја нарекол вселенска трка. Секако дека Индија и Кина се јавуваат како силни вселенски нации, и тоа со право. Обете имаат скромни но добро обсмислени програми, кои се доста амбициозни, но истовремено и приземни, зголемувајќи ги своите капацитети со секоја успешна мисија. Како што ги шират своите портфолија во вселената, така мислам дека двете земји ќе сфатат дека партнерството и соработката ќе им донесе корист во однос на научните истражувања. Во годините што следат мислам дека ќе видиме зголемување на соработката не само помеѓу Индија и Кина, туку и соработката со останатите нации како Русија, Европа и се надевам Америка. Мислам дека овие нации ќе го следат примерот на САД и ќе развијат посилни приватни вселенски индустрии, кои помалку ќе се потпираат на подршката од страна на владите, а повеќе ќе гледаат на вселената како можност за започнување на бизнис, нудејќи услуги и ресурси на клиентите на Земјата.

Дејвид Александер е директор и професор по физика и астрономија на вселенскиот институт во САД.