1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Индија официјално признава трет пол

СН/ам/дв/мф/ртр15 април 2014

Врховниот суд на Индија денеска ја легализираше категоријата „трет пол“, која им овозможува на транссексуалните лица официјално да се декларираат како такви. Со тоа „хиџрите“ добиваат значителни малцински права.

https://p.dw.com/p/1BiJf
Фотографија: DW/M. Krishnan

Тие не се чувствуваат ни како мажи, ниту како жени. Пред сѐ се чувствуваат како луѓе и долго се бореа да бидат третирани како такви. Со векови наназад ги нарекуваа „хиџри“ - третиот пол во Индија. Од денеска тие, со одлуката на Врховниот суд во Њуделхи, и официјално се признати како трет пол.

Судот им наложи на државните институции да ги вклучи трансродовите лица во социјалните програми за сиромашни, во системот за образование и здравствена заштита, како и да им помогнат при вработување.

Во соопштението на судот се наведува дека право на секој човек е да избере на кој пол ќе му припаѓа и дека мора да се гарантираат сите права и на лицата кои не се изјаснуваат ниту како мажи, ниту како жени.

Активистите кои се борат за правата на тие лица велат дека животот на милиони Индијци ќе биде олеснет и дека повеќе нема да трпат дискриминација.

Сите официјални документи отсега ќе имаат и трета категорија обележана како „трансродова“. Австралија е првата земја во светот што го воведе третиот, неутрален пол, а Германија е првата европска земја што се одлучи на ваков чекор.

Но, и покрај денешната еуфорија, патот до рамноправност во Индија е долг и покрај најновата одлука на Врховниот суд. Истиот овој суд, кој сега го отвори патот за третиот пол, во декември одново ја прогласи хомосексуалноста за кривично дело.