1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Имиџот на Париз - жртва на арогантните угостители

С.Дерхаге/ С.Недевски17 септември 2014

Романтичниот имиџ на Париз како град на љубовта и светлината, е засенет од нељубезното однесување на парижаните, посебно во услужните дејности. На услугата во Париз и’ е потребно подобрување.

https://p.dw.com/p/1D8KU
Фотографија: PATRICK KOVARIK/AFP/Getty Images

Долгогодишен сон требаше да стане реалност. Брачната двојка Ли отиде на свадбено патување во Париз, градот на љубовта. Дома пријателите со занес им раскажуваа за живот како богови во Франција. Меѓутоа, пријателски настроените Кинези целосно ги изненади грубиот тон на некои Французи. Отрезнувачки утврдија дека посебно нељубезни кон гостите се во услужните дејности.

Туристите реагираат на арогантните Парижани. Лондон, на пример, како туристичка дестинација одамна ја надмина француската метропола на Сена.

Париската трговска комора тргна во голема офанзива против намалениот број посетители. Во комората истакнуваат дека првенствено Парижаните се оние кои би требале да бидат пољубезни. Нејзините соработници сега ги учат угостителите на сложената уметност на смешкање.

„Кинезите со поголемо задоволство го минуваат времето во купување отколку во јадење. Затоа не треба да се налутите ако нарачаат некое едноставно јадење и брзо си заминат. Тоа не значи дека се незадоволни. Едноставно имаат набиен распоред.“, објаснува Натали Клеман од париската трговска комора.

Bildergalerie beliebte Reiseziele Frankreich Paris
Фотографија: FRED DUFOUR/AFP/Getty Images

Но изгледа дека сопственикот на ресторанот и не сака да го подучуваат. Тој смета дека Парижаните и неговите гости многу се разликуваат: „Она што ми е највпечатливо кај Азијците, без разлика дали се Јапонци или Кинези, е дека мобилните телефони им се како залепени за рака. Воопшто не можеш да разговараш со нив. Не знаеш дали јадењето им е вкусно или не. Едноставно, секогаш се смешкаат.“

Некои париски угостители и хотелиери ја потценуваат сериозноста на ситуацијата. Поради високите цени и просечниот квалитет остана под очекувањата не само бројот на ноќевања. Нарушен е имиџот на Французите како шармантни хедонисти. Изгледа дека моментално многумина од нив самите себеси си штетат. Дидие Арно, советник во хотелиерската бранша објаснува: „Во време на економска криза луѓето се повлекуваат во себе и стануваат поконзервативни и затворени. Така е во приватниот живот, а може да биде и во бизнисот. Освен тоа, Французите отсекогаш мислат дека се најдобри во се’. Имаат чувство дека странците во секој случај ќе дојдат во Париз, па зошто тогаш би требало уште и да се трудат?“

Paris - Quartier Latin
Фотографија: picture-alliance/dpa

Поинаку размислуваат стотици поединци кои како волонтери обединети во движењето „Поздравувачи“ трчаат низ Париз и ги поздравуваат туристите, бесплатно ги водат во обиколка на градот, со што значително го поправаат имиџот на своите сограѓани.

„Да, тоа ми се допаѓа. Се’ овде изгледа многу поефтино отколу во Норвешка и се’ на пазарот изгледа многу свежо. Ми се допаѓа и разновидноста на сирењата кои ги имаат.“, вели еден задоволен турист. И волонтерите од движењето „Поздравувачи“ , како Катрин Баландра се задоволни: „Стекнав пријатели од цел свет, од Тел Авив, Њујорк и Јужна Америка. Пријатели сме на Фејсбук и си пишуваме мејлови.“

Брачната двојка Ли не дозволи да ѝ се расипе свадбеното патување. Франција и нејзиниот главен град и натаму се вбројуваат меѓу најпопуларните туристички дестинации во Европа, но се’ повеќе туристи си заминуваат дома незадоволни. Французите би можеле да останат без големиот бизнис.