1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Има ли излез од кризата меѓу Москва и Брисел?

Данило Билук/бг26 јануари 2015

Односите меѓу ЕУ и Русија се во криза. Партнерство или ривалство: кои правила во иднина ќе ги одредуваат меѓусебните односи?

https://p.dw.com/p/1EQYH
Фотографија: Reuters/A. Ermochenko

Меѓусебни санкции и префрлање на вината, опадната трговија, замрзнати политички контакти: по анексијата на украинскиот полуостров Крим и почетокот на војната на истокот на Украина, односите меѓу Москва и Брисел, но и меѓу Москва и Берлин се влошија.
Кремљ предизвика надворешно-политички крах, рече Јоахим Краузе од Институтот за безбедносна политика на Универзитетот во Кил на конференцијата посветена на кризата во односите меѓу ЕУ, Русија и Украина која ја организираше весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во Берлин. Руското мешање во внатрешните работи на соседните земји како Украина, како и военото модернизирање на земјата, доведоа до тоа, дополнува Краузе. Тоа, вели тој, се гледа и во руската пропаганда против Западот која ја предводат државните медиуми а која експлицитно е насочена против ЕУ и САД.

Според Краузе, промената во руската надворешна политика е јасна. „Крај за партнерството и кон едно ново стратешко ривалство“. Москва го смета Западот за лабава коалиција со повеќе центри која „заостнува во споредба со државите од БРИК групата“. Затоа во кругови на Кремљ е се посилно мислењето дека „повеќе не треба да се ориентира кон овој западен поредок, туку дека секој може да си го земе, она што смета дека му следува“.

Но, безбедносната архитектура во Европа не може да се постигне без Русија, смета Александер Граф Ламбсдорф, поранешен ополномоштеник на министерството за надворешни работи за Русија, а денес пратеник во Европскиот парламент. Затоа тој ја смета за исправна политиката на германската влада кон Москва. Берлин ги прогласи акциите на Москва во Украина за неприфатливи и покажува отвореност за дијалог. Русија во последниот период се претвори во држава која не ги признава основните принципи на ОБСЕ кои се темелот и на европскиот безбедносен поредок. Но нејасно е која е руската алтернатива за територијалниот интегритет и суверенитет на европските држави, дополнува Ламбсдорф.

„Гледам што се случува во Украина, но не можам да видам какви правила посакува Русија“, вели тој.

Alexander Graf Lambsdorff Frankfurter Allgemeines Forum
Александер Граф ЛамбсдорфФотографија: DW/D. Bilyk

Подобра комуникација

Германските политичари со загриженост ги следат и внатрешно-политичките случувања во Русија. Активистите за човекови права, малцинствата и поинаку мислечките се под зголемен притисок. Правната заштита на овие групи мора да биде гарантирана во Русија, за повторно да се изгради доверба кон Москва, смета Рупрехт Поленц од Германското здружение за соработка со Истокот.
„Повеќе заеднички европски настап“ во дијалогот со Москва, е решението кое го предлага Поленц. Не е доволно на разговорите за мирно решение на кризата во Источна Украина да присуствуваат само францускиот и германскиот министер за надворешни работи, туку учество треба да земе и првата европска дипломатка Федерика Могерини, вели Поленц.
Во напорите за изградба на меѓусебна доберба меѓу Москва и Западот, не треба да се запостави ни Украина, вели Граф Ламбсдорф. „Украина ги исполнува сите услови да делува самостојно како држава. Затоа Украина е држава со која и околу која треба да се гради новата европска безбедносна архитектура“.