1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илјадници Нигеријци во бегство од Боко Харам

АТ/ ртр/ афп22 јули 2014

Исламистите со години шират страв на северот на Нигерија. Сега цел еден мал град е во бегство од самопрогласените божји воини.

https://p.dw.com/p/1CgUu

По нападот на исламистичката секта Боко Харам врз градот Дамбоа на североистокот на Нигерија 15.000 луѓе се во бегство. Повеќе од 10.000 луѓе побегнале во градот Биу, 2000 во Гонири и 3000 во Маидугури, соопшти претставник на нигериските спасувачки сили во понеделникот. Борците на групата го нападнаа малиот град во сојузната држава Борно ноќта кон петокот и притоа убиле голем број луѓе.

Во понеделникот градот, според медиумски извештаи, во голема мера бил под контрола на екстремистите. Бунтовниците уште на 6. јули нападнале полициска станица и магацин на армијата во Дамбоа и ги протерале силите за безбедност. Информациите дека исламистите го зазеле градот ги демантираше портпарол на министерството за одбрана. „На ниту една терористичка група нема да ѝ препуштиме дел од нашата земја. Нашите патроли се на терен и ги интензивираат напорите повторно да ја воспостават безбедноста“.

Боко Харам со години насилно се бори за исламска божја држава на северот на Нигерија, каде мнозинството жители се муслимани.

Воената операција минатата година во голема мера привремено ги прогони исламистите од северо западот на земјата. Тие меѓутоа се повлекоа во планинскиот регион на границата кон Камерун. Оттаму исламистите вршат одмазнички напади пред сѐ врз цивили, кои фомираа граѓански стражи за да ја поддржат армијата во прогонување на милитантите.