1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборите со многу извесни резултати и една голема неизвесност

Катерина Блажевска22 април 2014

Аналитичарите не предвидуваат пресврт во изборните резултати од првиот круг, но расте неизвесноста дали опозицијата ќе ги прифати за легитимни, поради нејзините бројни забелешки за непостоење на фер изборен процес.

https://p.dw.com/p/1Blt0
Фотографија: DW/P. Stojanovski

На пет дена од одржувањето на парламентарните избори, политичкиот натпревар влегува во најжешката, финална фаза. Со искршени прозорци осамнаа штабови на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а до набљудувачите стигна видео материјал, според кој, на гласачи им се нуделе по 500 денари за да гласаат за претседателскиот кандидат, Ѓорге Иванов. Лидерот на ДПА, Мендух Тачи побара од премиерот „заштита од изборниот терор на ДУИ, бидејќи на 27-ми ќе се случи голема беља“. Од друга страна, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, чека Никола Груевски да го признае криминалот во случајот „Македонска банка“ и да се повлече, во спротивно СДСМ ќе продолжи пред јавноста „да ја покажува неговата бесконечна игра со кеш“. Притоа, ако опозицијата не биде задоволна од начинот на кој ќе бидат спроведени изборите, „отворени се сите опции“. И додека кампањата меѓу гласачите непрекинато тече, во заднината на тој процес расте неизвесноста дали на 27-ми април Македонија ќе ефектуира легитимни изборни резултати и победници, или ќе влезе во непризнавање на резултатите и политичка криза.

Не се очекува пресврт

Политичките аналитичари ги прават последните анализи, во кои засега нема никаква неизвесност за финалниот исход од двата изборни процеса. Според аналитичарот Сашо Клековски, на 27 април не се очекува никаков пресврт.
„Резултатот од 13 април покажува дека Иванов го натфрли резултатот на ВМРО-ДПМНЕ од 2011 година, а Стево Пендаровски не успеа да ги придобие независните и гласачите на други партии и етнички групи, дури и не успеа да го повтори резултатот на СДСМ од 2011 година. Секако, влијание има кампањската надмоќност на ВМРО-ДПМНЕ, која вклучува и нерамноправен однос во медуимите и ресурсите. Досега кампањата на Иванов чини четири-пет пати повеќе средства по освоен глас од таа на политичките ривали. Гласачите на Поповски, кои веројатно ќе се поделат на двата кандидата, и на Халими, кои веројатно нема да гласаат, како и гласовите на партиите кои немаа претседателски кандидат, не можат да направат пресврт. Ако симпатизерите на ДУИ го следат барањето на партијата за бојкот на претседателските избори како во првиот круг, постои многу мала веројатност за пресврт на претседателските избори. На парламентарните избори, ривалството е во повеќе оски: позиција - опозиција (ВМРО-ДПМНЕ/СДСМ, ДУИ/ДПА); ВМРО-ДПМНЕ - ДУИ; и „големата четворка“ (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА) наспроти помалите партии. Во првата оска, првиот круг на претседателските избори навестува победа на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, со одредено зголемување на бројот на пратеници кои го имаат. СДСМ и ДПА со негативна кампања прават обиди за задржување на мотивацијата на своите гласачи, но предоцна е за поголем пресврт. Во втората оска и покрај тоа што и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе постигнат подобрување на своите резултати, ќе бидат упатени на постизборна соработка. НДП ќе се обиде да остане парламентарна партија, но тешко ќе го повтори резултатот од 2011 година. Од друга страна ГРОМ се бори да стане парламентарна партија и може да се надева на одреден успех“, прогнозира Клековски.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ досега не остави ништо на случајноста. Нејзиниот лидер Никола Груевски од партиските митинзите им се обраќа и на гласачите на СДСМ, а со посебен спот им се обрати и на гласачите Албанци, обидувајќи се „да допре до нив и да ги урне стеротипите што ги шират албанските политичари за политиката на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ“. Од ДУИ досега не го искоментираа обраќањето на Груевски, во кое, нејзиниот придонес во владините резултати е речиси минимизиран.

Важноста на 62-та пратеника

Целта на ВМРО-ДПМНЕ да освои 62 или 63 пратеника, стана и хорски рефрен во нови изборни спотови, а нејзиниот доскорешен пратеник Влатко Ѓорчев, „подетално“ објасни зошто им се потребни толку.

„Суштински е важно ВМРО-ДПМНЕ и Груевски да имаат 63 пратеници, за одбрана на државните, националните и економските интереси. Важно е да имаме стабилна влада, која нема да може да биде уценувана и блокирана. Kоја нема да може да биде дестабилизирана однатре или однадвор. Kоја ќе може да парира на грчката политика на негирање и обезличување на македонската држава. Победа со 63 пратеници значи дека нема да може да биде блокирано носењето на буџетот. Буџетот е основната алатка на една влада, како и меѓу клучните фактори за функционирањето на целата економија. Сведоци сме и на барањата за „консензуален буџет“, така што со 63 пратеници полесно се премостуваат и тие уцени. 63 пратеници ќе значат и одбрана на проектите во источна Македонија, како и поголема поддршка на општините на кои им е потребна поголема помош од централната власт. Од секоја гледна точка е подобро да се има поддршката од 63 пратеници“, објасни Ѓорчев.

Иако потенцијалната изборна победа носи извесност дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ повторно ќе бидат соочени да состават нова Влада, Мендух Тачи не пропушта прилика да соопшти дека ДПА ќе биде новиот партнер во Владата, што отвора прашања како тоа би се реализирало, со оглед дека не се очекува таа партија да обезбеди повеќе пратенички мандати од „интегративците“ на Ахмети.

Mazedonien Präsidentschaftswahlen 2014 Wahlplakate
Фотографија: ROBERT ATANASOVSKI/AFP/Getty Images

Доцент д-р Александар Даштевски од Универзитетот Евро-Балкан, вели дека најголемото прашање е дали ВМРО ќе успее да освои шеесет и два пратеника, за да може да ги диктира условите за формирањето на новата влада.

„Јасно е дека ДУИ е се‘ уште посилна од ДПА. Но ако владејачката партија освои доволен број на пратенички места, може да формира влада само со ДУИ. Во неа влијанието на ДУИ, без оглед на бројот на пртениците, ќе биде ослабено. Може да се одлучи да ја покани и ДПА во власта, како и помалите партии ако освојат пратенички места“, вели Даштевски.

Според него, „СДСМ најверојатно ќе помине полошо од својот претседателски кандидат“.

„Иако кај Пендаровски се почувствува доза на разочараност поради големата разлика, сепак треба да биде презадоволен. Ретко кој поединец успеал да освои повеќе од триста илјади гласови. Тоа е импулс дека треба сериозно да почне да размислува да се занимава со политика, бидејќи досега се претставуваше како близок до СДСМ, но не и политички активен“, укажува тој.

Банката“ нема да пресуди

Во опозицискиот кампус се надеваат дека случајот „Македонска банка“ може негативно да се одрази на изборниот скор на ВМРО-ДПМНЕ. Аналитичарите, пак, не се толку уверени во таа можност, пред се‘ поради непостоењето независни инсититуции кои би се зафатиле со постапка за расветлување на обвинувањата, но и поради тоталната медиумската блокада што се одвива под владина контрола. Скептичен е и аналитичарот Алберт Муслиу.

„Тоа не е мала афера, но не верувам дека ќе предизвика големи осцилации во изборните резултати и дека на неа ќе падне митот за чесност. Имајќи го предвид и соодносот на медиуми кои информираа за тој случај, во споредба колку многу медиуми воопшто не информираа, сметам дека ефектот ќе биде помал“, вели Муслиу.

И според Даштевски, тој случај нема потенцијал да одземе гласови.

„Веќе по првиот круг на претседателските избори беше зададен силен психолошки удар со големата разлика во гласови. Барем според досегашните искуства, тоа би можело да ги сврти неопределените гласачи и оние кои не излегоа да гласаат за владејачката коалиција, да излезат во вториот круг. Дури ни последната афера за премиерот Никола Груевски не направи таква штета како што очекуваше опозицијата, пред се‘, бидејќи владејачката коалиција води главно позитивна кампања и агресивно презентира делови од кампањата кои се однесуваат на подобрена инфраструктура, отварање на нови фабрики, странски инвестиции и нови вработувања, со конкретни, веќе договорени проекти“, смета Даштевски.

Но, фокусот на опозицијата не е насочен само кон овој случај, туку и кон флагрантните примери на неодвоеност на партијата од државата во изборната кампања, кои според неа, длабоко ги загрозуваат можностите за фер и демократски избори. Освен индивидуалните повици на новинари и аналитичари за неопходност од бојкот на изборите „во такви услови“, таа можност посредно ја навести и лидерот на СДСМ во интервју за Радио Слободна Европа.

„Шансата е дадена до 27-ми, пред сè на власта, да се отрезни и освести, сè е минливо и менливо, ако продолжат да ја имаат целосната државна контрола, системска контрола врз секој гласач, што го прават, тогаш јасно е за сите, тука немате фер услови за изборен предизвик и за резултат. Aко во овој втор изборен круг нема јасно разграничување на државата од партијата, сите опции се отворени. Комплетно сите опции. Бојкот, непризнавање на резултатите, улична демократија, опцијата на победа...“, најави лидерот на опозицискиот СДСМ.

Според ова, можно е „изборот“ да не заврши со завршувањето на изборите.