1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборите не влијаат на „грогираната“ берза

Костадин Делимитов17 април 2014

Изборите носат несигурност но нема значајно да влијаат на и онака неликвидната и неатрактивна берза. Неповолната состојба според аналитичарите е последица пред сѐ на економски фактори

https://p.dw.com/p/1Bjtj
Фотографија: Fotolia/Dan Race

Политичките случувања во Македонија и изборите можат да имаат краткорочно влијание врз пазарот на капитал, но не се клучниот фактор за актуелните состојби на берзата. Искуствата од минатото според аналитичарите покажуваат дека македонскиот пазар на капитал речиси и да не реагира на изборите, ниту на политиката. Предизборието делува обесхрабрувачки кај инвеститорите, но ако се анализираат случувањата во последниве месеци кога немаше какви било индиции за избори ќе се види дека состојбата е непроменета, коментираат за Дојче веле познавачи на состојбите на македонскиот пазар на капитал.

Негативниот тренд што веќе извесен период е присутен на берзата според Горан Марковски, извршен директор на “КБ Публикум“ воопшто не зависи од одлуката за распишување на вонредните парламентарни избори, туку е последица главно на економски фактори што предизвикуваат песимизам, зголемена недоверба во пазарот на капитал и воздржаност на инвеститорите:

„Од голем дел од компаниите што тргуваат имаме позитивни резултати но тоа, барем за сега не влијае на зголемување на интересот, посебно кај домашните инвеститори за кои нема знаци на враќање на пазарот на капитал. Обесхрабрувачки е што сме сведоци на ситуација во која голем дел од компаниите најчесто имаат добри резултати, но без соодветна дивидендна политика што дополнително го прави пазарот неатрактивен. Инвеститорите се мотивираат кога ќе видат дека се зголемува интересот кај странските инвеститори. Барем од досегашните искуства, потребно е поттурнување од тие странски инвеститори кои за жал во моментов ги нема. Во однос на политичките случувања и изборите, сметам дека искуствата од досегашните изборни циклуси покажуваат дека македонскиот пазар воопшто не бил под влијание на овие случувања, а посебно доколку се земе во предвид дека концептот да речеме на политичките партии не се разликува во однос на она што е директно поврзано со пазарот на капитал. Така што не гледам директни последици, односно дека актуелните случувања се директна последица на политичките настани“, коментира Марковски.

Mazedonien wählt neuen Staatspräsidenten
Изборите немаат никакво влијание на и онака неатрактивната берзаФотографија: DW/S. Padori-Klenke

Неликвиден пазар

Клучниот проблем со македонскиот пазар на капитал според аналитичарите е неговата неликвидност и неатрактивност и покрај понудата на акции по речиси багателни цени. Дел од нив препознаваат сигнали за потенцијално раздвижување генерирано главно од случувањата во регионот:

Mazedonische Börse, Glocke
Фотографија: Petar Stojanovski

„Состојбата на берзата беше иста кога немаше ниту индиции за избори. Позитивни резултати може да се очекуваат поради раздвижувањето на регионалните пазари. Таквиот развој ќе влиаје многу повеќе отколку каков бил политички развој. Повеќе ќе влијае процесот на приватизација на пример во Словенија каде неколку државни компании ќе одат на продажба и ако тоа се заврши ќе има многу пари што ќе повлече некоја инвестициска компонента така што на крајот на денот е за очекување парите да почнат да се прелеваат накај Македонија. Најголем оптимизам има за пазарите во Словенија, Србија и Романија“, коментира за Дојче веле Лазе Камчев извршен директор на “КД Фондови“.

По огромниот пад во 2009 и стабилизирањето во 2011 македонскиот берзански индекс загуби значајно на вредноста. Во последните месеци МБИ 10 осцилира минимално, главно во интервал од три до пет отсто, иако во меѓувреме на светските берзи, а посебно на развиените пазари дојде до опоравување првенствено како резултат на експанзивните монетарни политики што пак воопшто не се почувствува на македонскиот пазар. Оттука и не е премногу за чудење што во услови на досега најниско ниво на каматни стапки на штедните влогови, состојбата со депозитите е на историско највисоко ниво.