1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И Кежаровски маршираше за новинарската слобода!

Катерина Блажевска20 јануари 2015

Сакаме да живееме во демократска Македонија, каде важи силата на законот, а не законот на силата. Нема да успеаат да ни ја земат слободата, таа е во нас, порача претседателот на ЗНМ на протестот за слобода на Кежаровски.

https://p.dw.com/p/1ENJg
Фотографија: DW/K. Blazevska

Лично Томислав Кежаровски се приклучи на денешниот новинарски протест организиран за да се изрази незадоволството по пресудата од две години затвор, што за него ја изрече Апелацискиот суд. Ваквиот „пресврт“ уследи откако утрово на барање на директорот на затворот „Скопје“ Кежаровски доби условен отпуст во 10 часот. Мерката е со времетраење од еден месец, односно со услов на 18 февруари Кежаровски повторно да се врати во затворската установа.

Неговото појавување пред Апелацискиот суд беше дочекано со овации од присутните новинари, кои го дочекаа извикувајќи „Слобода за Кежо“, „Нема правда-нема мир“, „Корумпирани судии...“ и со пароли „Ако новинарот е во затвор, кој ќе ја каже неправдата“, „Колку чини слободата, прашува Никола Младенов“...

Tomislav Kezarovski Journalist aus Mazedonien
Томислав Кежаровски им се приклучи на протеститеФотографија: DW/K. Blazevska

„Имаме среќна вест - Томче е со нас. Но, тој е пуштен само на лекување. Ова е само мала победа, но не е незначајна. Војната се‘ уште не сме ја добиле. Освен слобода, друго за него не прифаќаме“, рече на протестот Тамара Чаусидис, претседателка на Самостојниот синдикат на медиумските работници.

Власта минлива, слободата вечна!

Меѓу учесниците во протестот, кои во огромна колона се упатија кон Владата, имаше граѓани, синдикални активисти, студенти, универзитетски професори, како и претставници на здружената опозиција – лидерот на СДСМ, Зоран Заев, заменик претседателката Радмила Шекеринска, лидерот на ЛДП, Андреј Жерновски... На чело на колоната чекореше и Кежаровски, кој со голема љубопитност ги разгледуваше новите градби на патот од судската палата до Владата.

„Сето ова ми е големо изненадување. Првпат го гледам градот по две години, првпат по две години чекорам по овие улици“, ги сподели Кежаровски неговите први впечатоци.

Пред зградата на Владата пред присутните се обрати членот на Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски, Зоран Димитровски.

Mazedonien Skopje Journalisten Proteste gegen Haftstrafe für Tomislav Kezarovski
Фотографија: DW/K. Blazevska

„Зошто протестирате – ме прашува еден пријател! Зарем од џелатите барате да ви ја поштедат главата? Не! Дојдовме да му кажеме дека неговите лаги поминуваат уште само онаму каде што владее стравот што го шири неговото злосторничко здружение. Дојдовме да му кажеме дека ние одамна го победивме стравот! Дојдовме да му се насмееме в лице и да му порачаме оти Кежаровски ќе издржи, а нашата борба за слобода ќе продолжи. Немаме намера да се пазариме. Дојдовме да му кажеме оти тој и неговите се минливи, а слободата и правдата се вечни“, рече Димитровски во обраќањето и до премиерот.

Подарок за премиерот

Стотици учесници во протестот носеа маски со ликот на Кежаровски и бели балони на кои испишуваа лични пораки. Најчеста од нив беше „слобода за медиумите“ и „слобода за Кежо“. Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, во своето обраќање посочи дека во зградата зад него се кројат погубните политики за медиумите.

Mazedonien Skopje Journalisten Proteste gegen Haftstrafe für Tomislav Kezarovski
Селмани со карикатурата што му беше доставена на премиерот на портирницата во ВладатаФотографија: DW/K. Blazevska

„Колку повеќе нѐ притискаат, толку поголем отпор ќе добијат. Срам да им е што направија од Македонија! Владата контролира поголем дел од медиумите преку реклами од наши пари. Ние сакаме и ќе се бориме да живееме во демократска Македонија, каде важи силата на законот, а не законот на силата. Нема да успеаат да ни ја земат слободата, бидејќи таа е во нас“, порача Селмани.

Пред Владата сите новинари заедно ги пуштија балоните во име на слободата на говорот и протест против неправедната казна за колегата Кежаровски. Покрај бројните пароли, на протестот главно обележје беше карикатура на премиерот Груевски, на кој е отсликан неговиот однос кон слободата на медиумите. Нејзина помала и врамена верзија, претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, како подарок ја достави до премиерот, оставајќи ја на портирницата во зградата на Владата.

Судиите реагираат

Но, не се незадоволни само новинарите, туку и судиите. За новинарскиот протест денеска (20.01) расправал Управниот одбор на Здружението на судии.

„Здружението на судии на Република Македонија ги осудува протестите против судските одлуки, без разлика што е загарантирано правото на протест на секој, судските одлуки единствено можат да се преиспитуваат во судска инстанца и непримерно е да се попречува работата на судовите и притоа да се користи улична демократија за промена на одлуки кои и тие кои протестираат се свесни дека не можат да ги издејствуваат надвор од институционалното и во судска инстанца преиспитување на судската одлука. Здружението на судии апелира во случајот 'Кежаровски' да не се користат навреди и омаловажувања на судовите и судските одлуки, особено што ова не е првпат, а Здружението веќе има реагирано на непримерните протести и вокабуларот на омраза што се шири на протестите“, се вели во соопштението на Здружението на судии, потпишано од претседателот Николчо Николовски.

Денешниот протест уште пред почетокот доби поддршка преку четири видео пораки од највисоките претставници на меѓународните новинарски асоцијации. Рикардо Гутирез, Генерален секретар на Европската федерација на новинари, му порача на на Кежаровски дека ЕФН е посветена на неговиот случај, во овие тешки времиња за европските новинари.

„Знаеме дека оваа судска одлука е неправедна. И ние денеска ќе ја покажеме солидарноста на сите европски колеги со него“, рече Гутирез.

Рената Шредер, директорка на ЕФН изрази шокираност од пресудата.

„Ова не може да се случува во Европа, во Македонија, земја кандидат за членство во ЕУ. Вџашени сме и ќе направиме се тој да излезе од затвор“, вети Шредер.

Антони Беланже, заменик на Генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинари, потенцира дека федерацијата му изразува целосна поддршка на колегата и на неговото семејство.

„Останете храбри. Ние сме со вас. Денеска и ние исто така ќе бидеме на улица“, порача тој.