1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто е важен регионот Донбас, на истокот на Украина?

Жанете Зајферт/ Симе Недевски17 април 2014

Во Донбас, источниот регион богат со јаглен, чука индустриското срце на Украина. Откако таму завладеаја безредија се поставуваат прашањата: Колку Донбас е важен за Киев и во што се состои неговото значење за Русија?

https://p.dw.com/p/1BjaX
Фотографија: picture-alliance/itar-Tass

„Донбас е срцето на Украина“, може да се прочита на периферијата на Доњецк во источна Украина. Од економска перспектива тоа е сигурно оправдано: рудникот за јаглен, кој се протега сѐ до руската територија, е четврт по големина во Европа. Резервите на јаглен се проценети на околу 10 милијарди тони. Областа околу градот Доњецк сочинува само пет проценти од територијата на Украина, тука живеат 10 проценти од населението, но се создаваат 20 проценти брутодомашен производ и околу една четвртина од извозот на Украина. Во остатокот на земјата доминира земјоделството.

Јагленот од Донбас не е конкурентен

Немирите во источните делови на Украина го сместија ова, по површина незначително, подрачје во фокусот светското внимание. Ако му се верува на гувернерот на регионот Доњецк, Серхиј Тарути, овој регион нема ниту економско значење: некогаш се зборуваше дека Украина го храни целиот Советски Сојуз. Денес слично се вели дека Донбас ја храни Украина. „Но, ако ги погледнеме статистиките, може да се види дека Донбас е субвенционирана област.“ Евалд Болке, директор на центарот „Бертолд Беиц“ во Берлин, се согласува со гувернерот, кога станува збор за рудникот на јаглен во Донбас. „Од осумдесеттите години наваму тој е непрофитабилен, скап и вештачки се одржува во живот само од социјални причини.“ Сепак, постои оправдана загриженост дека Русија би можела да има за цел да ја анектира источна Украина, како Крим. За разлика од Кримскиот полуостров, овде поголемиот број луѓе не чувствуваат припадност кон Русија и само околу една четвртината се етнички Руси. „Во суштина, тоа е многу мешовито население“, вели Болке. „И до почетокот на годината речиси некој и не размислуваше за тоа да се ориентира кон Русија. Сега, меѓутоа, Киев и Москва водат вистинска пропагандна војна. На луѓето им е тешко да дојдат до непристрасни информации, многумина се упатени во гласините и сѐ повеќе се сомневаат во централната власт во Киев.“

Karte Ukraine Donbas

Митот за земјата на Козаците

Но зошто воопшто Москва е заинтересирана за источна Украина, имајќи го предвид ова нејасно расположение? Чисто економски, анексијата и не се исплатува многу. „Русија би требало да бида среќна што не мора наместо Украина да го субвенционира регионот“, вели Болке. Многу поважно од прагматичната полза е нешто сосема друго - во Москва повторно се појави желбата да се воспостави руска империја. Донбас, некогаш центар на советската тешка индустрија, има притоа симболична улога: „Тоа е древна козачка област која со векови била аграрна и која е индустријализирана дури под власта на Сталин.“

Сепак, има и опипливи причини: бројни фирми во источна Украина извезуваат суровини и произведуваат во Русија, посебно за руската вселенска и одбранбена индустрија. Поради тоа веста, која на Запад немаше голем одек, всушност беше многу експлозивна: кон крајот на март, преодната влада во Киев соопшти дека ќе ја прекине воената соработка со Русија! Заменикот на рускиот премиер Димитриј Рогозин веднаш реагираше: Русија мора да стане многу понезависна од надворешните технологии и залихи.

Prorussische Kundgebung in Donezk
Фотографија: picture-alliance/dpa

Но тоа можеби нема да биде толку лесно: 12 типа руски интерконтинентални балистички ракети се произведуваат во источноукраинскиот Дњепропетровск, вклучувајќи ги и резервните делови и одржувањето. Во Донбас се произведува специјален челик за руските тенкови, а поголемиот број руски борбени хеликоптери летаат со мотори од Запорожје.

Кој од кого зависи?

Многу повеќе, меѓутоа, источноукраинските фирми зависат од побарувачката од Русија, бидејќи производите - системите и опремата - се специјално направени за рускиот пазар, и не можат така лесно да се продадат на други пазари. Дури и ако делови од индустријата зависат од субвенции, извозот од источна Украина е важен извор на приходи за Киев, дотолку повеќе што земјата е на раб на банкрот. „Ако таму победи сепаратистичкото движење, Киев ќе пропадне на пазарите на капитал, поради преголем ризик“, вели експертот за Украина, Евалд Болке. Тој меѓутоа не верува во идејата дека на источна Украина ќе и‘ се одобри поголема автономија, за да се смири тој дел од земјата. Во актуелната нестабилна ситуација Украина може да опстане само со силна централна влада. „Кој било вид федерализација би ја раскинала земјата. Во екстремен случај цела Украина би можела да се распадне.“