1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали се луѓето зли?

Клара Валтер/М. Маркоска3 март 2015

Дали човекот по својата природа е зол? Дали вршењето насилство спаѓа во нашиот природен репертоар на однесување? Едно невробиолошко истражување ги бараше причините за насилство.

https://p.dw.com/p/1Eb2u
Фотографија: Reuters

Обезглавување пред вклучена камера. Граѓански војни и терористички напади – секоја вечер вестите се преплавени со слики на такви ужасни дела и тешко е да се верува во добрината на луѓето. Една поговорка вели „Човек на човека му е волк”; ѕвер, кој еднаш ќе се ослободи, опијанет од крвта на сограѓаните, подготвен е на се’ поужасни дела.

Тогаш беспомошно се оценува дека агресорите се „болни“ и немаат ништо заедничко со „нормалните луѓе”. Убиствата, силувањата и сакатењата, кои се вршат секојдневно во конфликтните жаришта, не можат да им се припишат само на поединечни луди злосторници. Убиства вршат цели училишни одделенија како деца-војници. Мажи вршат групни силувања или извршуваат смртна казна врз луѓе „од друга вера”, проследено со воодушевување од други војници. Дали, на крајот на краиштата, зародишот на насилство лежи во сите нас?

Митот за агресивниот нагон

Сигмунд Фројд веруваше во насилството во човекот, веруваше во вроден нагон за агресија. Генерации на научници се занимаваа со тоа. И Јоахим Бауер, невробиолог, лекар и психотерапевт, во својата книга „Границата на страдање” уште пред пет години се занимаваше со потеклото на секојдневното и глобалното насилство. „И за невробиолозите е од особен интерес прашањето дали насилството е дел од праисконската природа на луѓето”, вели тој во интервју за ДВ.

Истражувачите на човечкиот мозок спроведоа експерименти, кои требаше да покажат дали во мозокот се активира систем за чувство на среќа кога луѓето вршат агресија без претходна провокација. Резултатот гласи: за просечно здрав човек не е исплатливо да врши агресија без причина. Бауер објаснува: „Соодветните системи во мозокот не реагираат на тоа. Тие се активираат кога ќе успееме да добиеме внимание, признание и почит.“

Deutschland Prof. Joachim Bauer
Проф. Јоахим БауерФотографија: privat

Признание како погон за злото

Тезата звучи парадоксално, но се чини дека може научно да се докаже: нашата желба за признание, за позитивни чувства емитувани од мозокот, не придонесува по секоја цена за добри меѓучовечки односи. Напротив: „Луѓето се подготвени да направат и зло, за да добијат признание и припадност“, вели неврологот.

Истражувањето на мозокот можеби може да го објасни она, што толку често беше опишано во социологијата и социјалната психологија: дека младите се приклучуваат кон насилнички групи, оти тука конечно се чуствуваат згрижени - и системот за награда во нивниот мозок воодушевено реагира. Механизам, за кој Јоахим Бауер тврди дека го регистрирал и кај млади мажи, кои од Европа самоволно тргнуваат во света војна (џихад, н.з.): „Може потценувачки да се каже - тоа се лузери. Меѓутоа, општеството не треба да произведува лузери, бидејќи токму кај овие луѓе постои опасност да се приклучат кон радикални групи, во кои ја доживуваат својата сопствена вредност.“

Исклучувањето дејствува како болка

Не е ново откритие дека подоцнежните злосторници честопати доаѓаат од кругот на губитниците во животот: запоставени од родителите, неуспешни во училиштето, дискриминирани од мнозинството во општеството. Слични урнеци постојано се појавуваат во описите на злосторници и се „вртат“ во медиумите како обиди за објаснување.

Она, за што ретко се говори, е какво дејство предизвикува во мозокот доживувањето на исклучување и дискриминација. А невролозите за тоа одамна имаат конкретни резултати. Бауер истакнува: „ При изолација и понижување во мозокот се активираат истите реони, кои се активни и при болка, таканаречениот матрикс на болка. Тоа значи дека за мозокот болката не е само напад врз телото, туку е и социјална изолација и понижување.”

На истражувачите на мозокот денес им е познато дека болката е најсилниот погон за вршење насилство. Се претпоставува дека е тоа предодредено со билошката еволуција, оти нам до ден-денес ни е потребна способноста да бидеме агресивни, за да се браниме кога сме во опасност. Со еволуцијата може да се образложи и фактот дека нашиот мозок го поистоветува исклучувањето со болката: на крајот на краиштата, нашите предци живееја во социјални групи и исклучувањето од групата по правило беше еднакво на смртна пресуда. „Бидејќи болката е најсилниот стимул за агресија, може да се разбере зошто одредени луѓе или општествени групи, кои се засегнати од исклучување, покажуваат повисока подготвеност на агресија“, смета Бауер.

Salafisten in Frankfurt Hessen
Болката е најсилниот стимул за агресија, велат научниците. (фото: Собир на салафисти во Франкфурт)Фотографија: picture-alliance/dpa