1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев со нови обвинувања против Груевски

ЖА/макфакс/миа/либертас23 април 2014

Претседателот на СДСМ го обвини премиерот Никола Груевски - заедно со партијата три месеци пред избори купил имот од 1,6 милиони евра. ВМРО ДПМНЕ на прес конференција остро демантираше, обвинувајќи за фалсификат.

https://p.dw.com/p/1BnMO
Фотографија: Petr Stojanovski

Претседателот на опозицискиот СДСМ Зоран Заев на денешната прес-конференција во партиското седиште во Скопје соопшти дека за само три месеци владејачката ВМРО-ДПМНЕ дошла до имот во вредност од над 1,6 милиони евра. Според Заев, Груевски и ВМРО-ДПМНЕ дошле до станови, деловни простории и парцели на повеќе места во Македонија за само неколку дена во ноември и декември 2013 година, како и во јануари годинава. Заев рече дека во ноември владејачката партија се стекнала со имот од околу 300.000 евра, во декември 800.000 евра, а во јануари годинава со имот од уште околу 300.000 евра.

„Груевски и ВМРО-ДПМНЕ дошле до станови, деловни простории, земјишни парцели каде што стигнале низ Македонија, во само неколку дена во месеците ноември, декември и јануари“, рече Заев кој како доказ посочи катастарски листови за имотот чиј сопственик наводно станала владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Заев ги праша Груевски и ВМРО-ДПМНЕ како успеваат да богатат во граници што ја надминуваат секоја разумна логика.

Димовски: Заев извади документ - класичен фалсификат

ВМРО ДПМНЕ веднаш реагираше со прес конференција на која портпаролот Илија Димовски ги отфрли наводите на Заев, обвинувајќи дека се работи за фалсификати:

„За да биде јавноста целосно запознаена со начинот на кој постапува СДСМ денес би сакал да ви презентирам уште неколку докази кои ќе потврдат дека она што Заев го извади како документ на неговата прес конференција е класичен фалсификат“, изјави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. „Прво, еве го изгледот на печатот кој стои на документот кој го презентираше Заев. Тој не е валиден печат уште од 2004 година. Во Статутот на ВМРО-ДПМНЕ кој е доставен до Oсновниот суд Скопје 1 на 15.10.2004 година и кој е потврден од страна на Основниот суд со Решение од 02.11.2004 година, јасно и недвосмислено, во член 5 и член 6 е опишан новиот печат на партијата кој е многу различен од претходниот. Еве го и новиот печат, оној од 2004 година па до денес, видливо, за да може граѓаните да ја видат разликата. Значи, ВМРО-ДПМНЕ не го користи стариот печат и тој е неважечки и според одлуките на судот уште во 2004 година, бидејќи тој печат во време на расколот во партијата исчезна. Сепак на овој документ кој го презентираше СДСМ стои датум од 2006 година, цели две години после промена на печатот што самиот документ го прави фалсификат. Дополнително на тој документ стои измислен потпис. Јасно е како бел ден дека станува збор за фалсификуван документ“, изјави Димовски. Тој се обрати и до граѓаните и до СДСМ со предупредување: „Сакаме да ја информираме јавноста дека СДСМ многу сериозно спремаат сценарио за непризнавање на изборните резултати од парламентарните и претседателски избори в недела. Ним им е јасно дека огромното мнозинство од граѓаните не ги поддржуваат. Но Зоран Заев и СДСМ не сакаат да го прифатат тоа. Впрочем, СДСМ се жали дека во првиот круг на изборите имало неправилности, но не поднесе ниту еден приговор до Државната изборна комисија или до било која државна институција, со што ја покажа својата лажлива приказна. СДСМ има дадено јасна насока и налог до нивните активисти и членови да провоцираат проблеми и да создаваат конфликтни ситуации во деновите кои следат со цел да изградат алиби за својата погубна политика и за својот изборен пораз“.

СДСМ има намера да ја втурне Република Македонија во многу голема политичка криза. Ние ги предупредуваме да не си подигруваат со иднината на државата. Граѓаните на Македонија нема да им го дозволат тоа. Оваа погубна политика на СДСМ мора да биде казнета“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.