1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев објави аудиоснимки од договарањето на продажбата на „Македонска банка“

АМ/макфакс/дв17 април 2014

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска објави аудиоснимки од наводните разговори на кои под наредба на Груевски е договарана операција за продажба на „Македонска банка АД Скопје“.

https://p.dw.com/p/1BkOQ
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Една работа е повеќе од јасна. На Никола Груевски не му е државата пред сe’, туку партијата, а со конечна цел негова лична заштита и заштита на фамилијата и бизнисот. Во Македонија не постои држава, не постојат институции на државата, не постои поделба на власта, постојат само интересите на партијата и на фамилијата што ја раководи таа партија“, рече Заев.

Тој додаде дека заради криминалното работење, Груевски не дозволува да има фер избори во Македонија.

„Ги повикуваме надлежните институции да не чекаат наредба од Груевски како да постапат за случајот во кој тој ја игра главната улога. Многу афери досега беа заташкани. Оваа нема да дозволиме да биде заташкана“, рече Заев.

Лидерот на опозициската СДСМ вчера за првпат го обвини актуелниот премиер Груевски примил мито од 1,5 милиони евра, тврдејќи дека тој ја продал 'Македонска банка АД Скопје' на контроверзниот српски бизнисмен Јовица Стефановиќ, познат како газда Нини, преку четири офшор и две домашни компании, кои официјално поседувале 51 процент од акциите во „Македонска банка“. Заев тврди продажбата била преку 50 милиони денари, или приближно 900 илјади евра, но Груевски, според лидерот на СДСМ, договорил и добил во кеш дополнителна сума од 1,5 милиони евра за продажбата на банката.

Владејачката ВМРО ДПМНЕ вчера негираше дека нејзиниот претседател некогаш и од некого земал некакви пари. Ниту ја купувал, ниту ја продавал Македонска Банка, стоеше во вчерашната реакција на ВМРО ДПМНЕ. Груевски преку тоа соопштение најави тужба против Заев. Во ВМРО ДПМНЕ сметаат дека Заев сака да го прикрие „срамот од изборниот пораз во неделата“.