1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборни измами, фалсификати, притисоци и закани

Катерина Блажевска6 март 2015

Нова серија прислушкувани разговори на премиерот Груевски, министри и функционери во владата прикажуваат скандалозна слика за начинот на кој се вршеле манипулации на изборите

https://p.dw.com/p/1EmpU
Фотографија: Petr Stojanovski

Пукна и седмата бомба. На денешната прес-конференција лидерот на СДСМ Зоран Заев презентираше аудио снимки кои, според него, сведочат за изборните грабежи на премиерот Никола Груевски и на тесна група околу него. Фалсификати на лични документи, притисоци врз фирми, социјално загрозени лица, пензионери и „одвратни закани за завршување на семејства во ендек“.

Во првиот разговор со генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Кирил Божиновски, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска признава дека во стан од 40 квадрати се сместени 50 лажни гласачи од Пустец.

„Ова (личните) картиве сите се испечатени“, вели Божиновски. Јанкулоска одговара: „тие им се испечатени, луѓево си ги имаат. Има една ризична работа ама таа ја знаевме ние и затоа инсистиравме Комитетиве да дадат повеќе адреси. Како што знаеш имаме по 50 души во стан од 40 квадрати“.

Mazedonischer Premierminister Nikola Gruevski
Никола Груевски, според снимките, давал налог за повторување на избориФотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev

„Преспанците ќе завршеа работа

Во разговор со министерот за транспорт Миле Јанакиески, премиерот Груевски за поразот на Локалните избори во општина Центар вели: „Да ни беа тие преспанците ќе завршевме работа“.

Во разговорите на Јанкулоска со службеници од МВР доминираат планови каде да се сместат лажните гласачи, а тоа да не го открие ОБСЕ. Се разговара за менаџирање на адреси и како „со усул“ да се сместуваат гласачи од Пустец.

По инструкција на Јанакиески се договораат списоци за социјална помош во замена за гласови. Јанкулоска бара од службеник списоци на луѓето за веднаш да се исплатат парите. Јанакиески наложува на Ромите да им се даде брашно, бидејќи стануваат нервозни.

Во друг разговор, Јанкулоска бара со Ромите да се работи внимателно за да „не бидат издадени“ вмровците, бидејќи биле под влијание на градоначалникот на Куманово кој е од СДСМ. Јанакиески издава наредби кои фирми треба да се „притегнат“, во кои училишта да се јават и како да им се заблагодарат на наставниците што дале глас за ВМРО-ДПМНЕ. Во разговор со неименуван службеник Јанакиески наложува како да се обезбеди изборна поддршка и од транспортерите. „На транспортериве треба некако да им дадат поддршка. Ќе им пуштиме муабет дека СДСМ ако добие власт, на Албанец ќе го дадат министерството. Во вторник да ги собереме поголемиве фирми за превоз на патници и на стока, и да одржиме еден состанок со нив“, договара Јанакиески.

Gordana Jankuloska
Јанкулоска- Зградата на МВР е и месен комитет на ВМРО-ДПМНЕФотографија: MIA

Во друг разговор се раскажуваат отворени закани пред гласачите пред избори, со бркање од работа и одземање дуќани.

Во Канал 5 може да снема струја?!

Понатаму на прес-конференцијата беше презентиран разговор во кој сопственикот на Канал 5 Емил Стојменов му објаснува на шефот на кабинетот на премиерот Мартин Протоѓер што содржи одредена емисија, па му ветува дека „ако треба ќе ја укине емисијата“ или „ќе направи да снема струја“.

Во следен разговор, Никола Груевски лично дава налог да има втор круг избори во општина Центар, да се прават што повеќе неважечки ливчиња, за да има забелешки и тужби, а притоа се бара начин и како да се изнесе избирачкиот список. Јанакиески бара од Ирена Мишева, член на бордот на Телеком, на денот на избори да се исклучи телефон во СДСМ.

Во следен разговор Јанкулоска признава дека во зградата на МВР е сместен и „кол центарот“ и месниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, но дека има друга сала каде што доаѓаат амбасадорите и гледаат дека е „се во ред“. „Ја повремено влетувам таму да видат амбасадорите дека е сѐ ок. После си се качувам кај мене на спрат и си работиме партиски работи. Така сме ние организирани“, му вели Јанкулоска на Божиновски и го кани ако сака да дојде во контрола да види како работи „кол центарот“.

„Ромите за уши“, „Албанците за врат“

Понатаму Јанкулоска во разговор со Миле Јанакиески признава дека и ДУИ го прават истото што и ВМРО-ДПМНЕ- автобуси за митинг на опозицијата ги праќаат на технички преглед. „Овие автобусите од СДСМ- салата ги правиме“, вели Јанкулоска.

Mazedonien wählt einen neuen Staatspräsidenten
Масовни фалсификати на изборите, тврди ЗаевФотографија: DW/P. Stojanovski

Министерката за внатрешни работи потоа дава инструкции да не се потпишуваат записниците каде што партијата губи, за да имаат простор да приговараат или да донесат “Цигани за уши” на гласање.

Во уште еден разговор, Јанкулоска и Јанакиески разговараат за изборните резултати во Куманово. „Ако имаме начин да се договориме со ДУИ, мислам дека имаме шанси да им го земеме Куманово“. Јанакиески прашува како го планира тоа, дали со поништување гласање, а Јанкулоска одговара: „Како што беше во Струмица. Ќе поништиме на десет избирачки места, за да се фатат за врат Албанците и никој да не излезе на гласање“. Јанакиески се согласува со планот.

Во разговор меѓу Јанакиески и Протоѓер, шефот на кабинетот на премиерот информира дека „мајмунот од Фудбалска федерација намерно не пушта карти за натпревар за да не се наполни стадионот“. Потоа ја пренесува својата порака: „ако не објават до понеделник кажи му дека тој, жената, децата сите во ендек ќе се најдат. Мајката да им ја е... јас нивна комунистичка, педерска. Ај чао“.

Според Заев ова е само мал дел од изборниот фалсификат и грабеж во организација на Никола Груевски и негови соработници. Уште позначајни докази и подрски примери за тоа Заев ќе презентира во вторник во Универзалната сала во Скопје.