1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Однесувањето на Груевски е опасно за интересите на државата!

Катерина Блажевска24 март 2015

Во интервју за Дојче Веле на македонски, лидерот на СДСМ најавува дека граѓаните допрва ќе дознаваат детали за злоупотребите на власта и смета дека е прашање на време кога премиерот Груевски ќе си замине од власт

https://p.dw.com/p/1Evxd
Фотографија: DW/K. Blazevska

Река од луѓе се слева во седиштето на СДСМ. Новинари, партиски членови, граѓани, се упатуваат кон прес-салата за да ги слушнат сознанијата од новата опозициска „бомба“. Странски новинарски екипи се подготвуваат за интервју со лидерот на партијата. Од почетокот на февруари, ваква е „редовната слика“ во партиското седиште на „Бихаќка“. Зоран Заев (40), кој е под притисок на бројни активности и обврски - градоначалнички, партиски, средби со меѓународни претставниции и подготвување на следната „бомба“, засега не открива до кога ќе трае презентацијата на проектот „Вистината за Македонија“.

ДВ: Со последната „бомба“ сакавте да покажате пред јавноста како Груевски го демантира Груевски. Очекувате ли по ова премиерот да повлече некаков поинаков потег?

- Ова е уште еден доказ дека тој ја штити сопствената кожа, знаејќи дека ова еднаш мора да заврши, а го развлекува процесот со некаква необјаснива надеж дека нешто ќе успее да спаси. Жално е што во тоа развлекување ја вовлекува и Македонија во се полошо сценарио кое доведува до прашања - дали ова ќе заврши мирно, без тензии. Граѓаните со право се загрижени, бидејќи и во оние земји со минимум демократија оставките досега требаше да паднат. Но, Груевски не го прави тоа.

Последните објавени разговори го демаскираат Груевски. Како човек алчен по пари, по недвижен имот. Груевски од позиција на премиер црта и прецртува ДУП-ови и ГУП-ови за да ја зголеми површината и вредноста на парцелите на Водно во негова сопственост. Дополнително, монструозното и одмаздничко уништување на „Космос“ го покажува грдото лице на Груевски кон Фиат Цаноски откако тој ја напушта неговата коалиција. Груевски, преку соопштение од Владата изјави дека имотите на Водно не се негови. И излажа. Тврдеше дека Цаноски сам признал дека има грешки, и пак излажа и сам се демантираше. Снимките покажуваат како се измислувааат недостатоци во проектот или во градбата. Објавените матерјали ја покажуваат неговата патолошка потреба да лаже. Граѓаните треба да се уверат дека дури и во вакви критични моменти тој продолжува да лаже. Но, тоа е само мал дел од нечесноста на Груевски и од неговите одмазнички чинови.

ДВ: Која е точката од која целиот овој процес ќе почне да се движи во некаква насока на расплет? Која е таа аудио-снимка, која според вас, ќе предизвика некаков подраматичен пресврт?

-Прво, во меѓународната заедница, сите оние кои и се пријатели на Македонија и кои имаат обврска кон нејзината иднина, треба да ги осознаат сите руини од начинот на кој е уништено владеењето на правото, начинот на кој се направени изборните грабежи и фалсификати. На граѓаните им се интересни финансиските криминали, злоупотребите, богатењето на елитите, а за Груевски и тие околу него се важни еден друг вид на снимки- меѓусебните подметнувања и озборувања, клановски и дворски игри.

Има доволно силни материјали по кои би било логично да паднат оставки. Еве ќе ви кажам: следните два пакети за Ставрески и Јанкуловска се уште посилни докази од пакетот „купуваме чоколада, а немаме за леб“. Се работи за многу незаконски нешта, кои тие ги коментирале меѓу себе и со тоа ги потврдуваат сите неетички и недозволиви работи што се случувале во Македонија. Тој пакет би требало да предизвика одредена реакција кај нив. Би требало. Но, луѓето како да го изгубија образот. Како да имаат ѓон. Но и под стариот ѓон од чевелот некогаш ќе влезе шилото на вистината или шајката. Тоа ќе се случи. Нема бегање од тоа. Суштинското прашање е, дали ќе го преземат тој чекор, кој во секоја нормална држава би го презел еден политичар кога би се објавиле такви докази.

ДВ. Ве прашувам конкретно, која е таа тема што би била последната капка што ќе ја прелее чашата, не само кај членови на кабинетот на Груевски, туку во перцепцијата на јавноста дека после тоа - повеќе нема за што да се разговара?

-Да е малку разумен човек, уште по првата 'бомба' Груевски требаше поднесе оставка. Но тој е човек што се однесува максимално нерационално и опасно по интересите на државата.

Зарем досега објавените материјали не се доволен доказ за криминалното и коруптивно владеење на Груевски и неговата екипа? Но, еве, на вашето прашање ќе одговорам симболично. Ако на пример има 90 теми, пакети за објавување, најголемиот дел од нив се и тоа како податливи за да бидат пресвртен момент. Граѓаните ќе дознаат до каде отишол Груевски во трговијата со името на државата, што случувало со Мартин Нешковски, за финансиските криминали, што се случувало со А1 телевизија и со други случаи како што е „Монструм“, со Никола Младенов... Бидејќи Заев и СДСМ ги поседуваат доказите, ние немаме намера да прогнозираме до кога Груевски ќе може вака да издржува, туку знаме дека неговото време истече. Груевски е минато. Преодна влада мора да има и избори мора да се случат. Тоа е неизбежно.

Mazedonien Sasho Mijalkov Geheimdienstchef
Никола Груевски и Сашо МијалковФотографија: DW/P. Stojanov

ДВ. Но, таквата разврска засега не е на повидок. Груевски одби формирање преодна влада. Како би се случила таа во сегашните услови?

-Во еден дел ќе помогнеме ние со тоа што претстои за објавување. Ќе зависи и од претставниците на власта, од пратениците, од севкупниот амбиент, од реакциите на меѓународната заедница. Веруваме во целта и таа цел ќе ја постигнеме. Верувам, затоа што ги знам содржините на материјалите. Тоа што тие го правеле, ние само го обелоденуваме. Граѓаните и пријателите од меѓународната заедница не смеат да дозволат ова вака да продолжи. Сите анкети и анализи кои ги правиме покажуваат дека револтот е претворен во гнев. Гневот расте. Во секој момент реки од луѓе може да потечат по улиците. Ние ќе се обидеме максимално да ги контролираме случувањата. Ниту јас, ниту било кој во СДСМ посакува такво сценарио, но се може да се случи. Затоа се надевам дека побрзо ќе падне оставката на Груевски, отколку да дојде ден кога не ќе можеме да го исконтролираме тој гнев.

ДВ: Многупати ја спомнувате синтагмата „злосторства што се правени во одредени сфери“. Можете ли да издвоите една сфера за која сознанијата толку многу ве фрапираат?

-Од повеќе видови податливи злосторства или злосторнички здружувања што се случувале во целиот тој период, би го издвоил злосторството на извршната власт со речиси најважните медиуми во државата. Тоа се телевизиите „Сител“, „Канал 5“ и „Алфа“, и Медиа принт Македонија. Секако, тука е и МРТВ, која ќе биде третирана во еден посебен пакет, за да памтат генерации, како тоа што не смее ни да се замисли - се случувало во Македонија. Тука се спрегите на Драган Павловиќ Ластас со власта, преку сите рекети што ги правел со бизнисмени кои не биле во милост на власта, до бизнисмени кои биле соработници со власта, за сите криминални дејства и градби, во организација и на неговиот брат и потпомогнати од власта. Тука се сите недозволени активности кои сопственикот на „Канал 5“ ги правел плашејќи се да не заврши во затвор. Штитејќи го личниот интерес, нанел огромно злосторство врз државата. Како е преземена ТВ „Алфа“ и кој е вистинскиот сопственик? Како се одвивало тоа? Сето тоа било правено за да се одржи на власт Груевски и групата околу него. Да ја сочува сопствената кожа, колку што може повеќе да владеат, само заради пуст, личен интерес, дефиниран во пари и дефиниран во моќ.

ДВ: Додека вие ги објавувате бомбите, Груевски најавува нови вработувања, за кои придонесите ќе се плаќаат од буџетот. Кажано со ваш речник, „тој го повторува делото“, односно создава нови клиентелистички односи кои би се ефектуирале на избори. Како ќе ја запрете спиралата на клиентелизмот?

- Не може да помине нов клиентелизам во ваков сензитивен период. И граѓаните веќе се изитрија. Каде се вработувањата во 'Македонски шуми' преку лотаријата? Над 95 отсто од нив и по две години се уште чекаат да тргнат на работа. Тоа е јавна тајна. За најавите за нови вработувања сите знаат дека се ветувања на давеник кој сега се фаќа за сламка. Од тој аспект не веруваме дека ќе најде нови луѓе што ќе ги врзе да испорачуваат гласови. Не е ни посебно привлечно да се биде власт по ова цунами. Повторувам, нашата примарна цел е враќање на слободата, демократијата и европските вредности, за да можат потоа граѓаните да ја изразат својата слободна волја на избори. Ние не им се лутиме на оние што морале да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ за да го заштитат парчето леб, бидејќи и не можеле да знаат до каде отишла забеганоста на Груевски и тие околу него. Откако се обелодени вистината, луѓето се охрабруваат, стануваат свесни дека доколку дозволат натамошно опстојување на Груевски, ќе бидат своевидни соучесници во злосторот што тој и го прави на Македонија. Секако, мора да се има трпение. Бегање од извесноста на иднината нема, а тоа е дека оваа гарнитура заминува.

Mazedonien Zoran Zaev
Зоран Заев во разговор со дописничката на Дојче ВелеФотографија: DW/K. Blazevska

ДВ: Создадовте „павлов рефлекс“ кај граѓаните дека два пати неделно им следува правото да се почестат со тајните на владејачката елита. Имате ли и кои би биле ваши други активности во контекст на проектот „Вистината за Македонија“?

-Доказите и аргументите, комплетната понуда и платформа на СДСМ мора да биде презентирана со прецизна динамика и во соодветен момент. Ние ветивме дека со граѓаните ќе ја споделиме целата вистина. Затоа, нелогично е деталите за тој процес предвреме да ги презентираме и на тој начин можеби да ја загрозиме неговата реализација.

ДВ: Власта тврди дека има непобитни докази дека сите презентирани разговори се снимани по нарачка и за потребите на странска служба, а како доказ за тоа се посочуваат материјали на англиски јазик, најдени во компјутерот на првоосомничениот во „Пуч“ Зоран Верушевски. Од вашата партија следеше одговор дека ги имате истите материјали. Зошто се тие на англиски јазик?

-Јас не можам да коментирам дали и зошто евентуалните матерјали на Верушевски биле на англиски јазик. Јас знам дека кога ние ги објавуваме материјалите мораме да ги титлуваме на македонски и да ги преведеме на англиски за да ги запознаеме амбасадите. Од тука можам да извлечам некои претпоставки. Но, само претпоставки. Ако постоела странска служба, власта тоа требаше веднаш да го објави и да упати демарш до амбасадорот. Тоа е така секаде во светот.

ДВ: Можеби во интерес на истрагата, односно постапката, се чека одреден момент за тоа.

-Не заборавајте дека јас ги имам сите информации. Странски служби нема. Тоа му е јасно на Груевски, бидејќи јас ги имам доказите кој го правел тоа, како го правел, колкав период, на кој начин, кој се бил задолжен, сите протоколи, процедури, комплетно сѐ! Не сакам да коментирам, а гледам што објавуваат од посебните истражни мерки. Само ќе прашам: која е таа странска служба што сака да ја прислушува и следи опозицијата, нејзиното раслојување, како Заев и Шекеринска ја воделе СДСМ, а како поранешното раководство не се согласувало со тоа!? Која е таа странска служба што се занимава или има ресурси да се занимава со вакви работи? Како таа се конектирала на сите оперативни системи за да слуша над 20.000 граѓани со години? И како тоа траело сите овие години без никој да забележи и да реагира? Сето ова докажува дека приказните за странска служба се лаги.

Mazedonische Innenministerin Gordana Jankuloska
Заев тврди дека следните снимки дополнително ќе ги демаскираат министрите Јанкулоска и Ставрески. фото: Гордана ЈанкулоскаФотографија: MIA

ДВ: Ќе имате ли шанса да ги објавите сите тие материјали, со оглед дека од последниот собир во Битола Груевски најави „одговорност со затезни камати за сите што учествуваат во дестабилизирањето на државата“. Вие сте четвртоосомничен во „Пуч“.

-Тој не знае што зборува кога ги упатува овие закани. На кој начин ние ја дестабилизираме државата? Со тоа што ги објавуваме нивните гласови за она што го правеле врз Македонија? Ако тоа е дестабилизирање на државата, тогаш не знам што би било неговото недавање на оставка. Одиме во еден внимателен процес кој ја испраќа пораката 'ова што се случувало, никогаш да не се повтори во Македонија'. Ниту отвораме државни тајни, ниту го загрозуваме интегритетот на оваа наша земја. Напротив, се што правиме е за доброто на Македонија. Досега под превезот на 'патриотизмот ' и 'преродбата' се криело друго, грдо лице на властодршците. Тие во својата алчност и лични амбиции и ненормални проекти, забегале до крај. Најверојатно, тоа го правеле во сите девет години на власт. На крајот станале богови, изгубени во облаците далеку од реалноста и не можат да се вратат на човечноста и на етичките пориви, кои кај секој нормален човек би предизвикале реакција, би сугерирале 'стоп, ја прекинувам агонијата и за себе и за целата нација'. Овие денови со сите негови коментари кои преминаа и во директни закани, тој ја става во заложништво целата земја, штитејќи се себеси и неколку поединци околу него.

ДВ: Се плашите ли за вашата безбедност?

-Јас постојано сум под некоја закана, уцена и притисок сите овие години. Градоначалник сум на Струмица десет години, Груевски е премиер девет години. Оттогаш сум или потпретседател, в.д. или претседател на оваа партија. Еден сум од најжестоките критичири на власта. Не сум калкулирал со ништо, секогаш гледам што е најдобро за државата. Сите овие години отрпнав по прашањето дали некој има монструозни планови за животот на Заев или за неговата слобода. Тоа не е важно. Но, знам да бидам рационален. Од тоа што го имам како докази, слушнав до каде може да забега монструозен ум. Од тие причини многу поретко се движам и не закажувам состаноци секаде и со секого.

ДВ: Дали е точно дека преноќувате во седиштето на партијата?

-Да, точно е. Еден поголем дел од ноќите во неделата ги преспивам во седиштето на партијата.

Има услови да ја поминам ноќта овде. Секако, одам и во Струмица. Јас го водам тој град, мора да носам одлуки. Имам одличен тим таму, но голем дел од неделата го поминувам во седиштето на СДСМ. Овде работам дење и ноќе, овде преспивам.