1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарска поддршка за ЕУ и НАТО

БГ/фокус/новини29 мај 2015

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска во Софија на заедничка средба разговарал со бугарскиот премиер Бојко Борисов и со заменик-претседателот на опозициската Социјалистичка партија

https://p.dw.com/p/1FYez
Фотографија: DW/K. Blazevska

„Не се мешаме во внатрешните работи на Македонија, но не загрижува што имаме политичка криза на нашата граница и тоа со еден народ, кој е најблизок на Бугарија“, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов по средбата со лидерот на СДСМ, Зоран Заев во Софија.

„На средбата присуствуваше и бугарската опозиција за да покажеме дека во Бугарија не се делиме на леви и десни, кога се работи за вакви проблеми“, дополни Борисов.
На состанокот во кабинетот на Борисов, присуствувале и министерот за надворешни работи Даниел Митов и заменикот-претседател на БСП, Јанаки Стоилов.

Заев, оценувајќи дека Бугарија е голем пријател на Македонија, по средбата изјави дека ги информирал бугарските домаќини за кризата во Македонија и за можните начини за нејзино решавање.
„Местото на Македонија е во ЕУ и НАТО и со европските институции се обидуваме да најдеме решение за кризата, која ја засега не само Македонија туку и целиот регион“, рече Заев.

Според Борисов, Македонија ја има поддршката од Бугарија за членство во ЕУ и НАТО.

„Многу е важно политичката криза да биде решена по демократски пат, категорично сме против барањата за федерализација на Македонија“, рече Борисов.

Пред почетокот на средбата, за бугарските медиуми Заев изјави дека очекува „со посредништво на комесарот Јоханес Хан“ да биде најдено решение за излез од кризата. „Доколку тоа не се случи, ќе следува можноста ЕУ да испрати специјален пратеник за Македонија кој треба да биде гарант за текот на тој процес“, вели Заев.

На 24 мај годинава, за време на посетата на Рим во рамките на чествувањето на браќата Кирил и Методиј, бугарскиот премиер Борисов изјави дека не се сретнал со македонскиот премиер Никола Груевски или со лидерот на опозицијата Заев, затоа што смета дека „секоја средба со нив“ може да се протолкува како мешање или злоупотреба на нивната внатрешно-политичка битка.