1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев - Борисов: отвореност и поддршка, но и малку „ребуси“!

Катерина Блажевска30 мај 2015

Поддршка на дијалогот, давање легитимитет на ставовите на опозицијата, но и јасна порака до Москва, гледаат аналитичарите во вчерашната средба Заев -Борисов во Софија.

https://p.dw.com/p/1FZLd
Фотографија: BGNES

„Бугарија дава поддршка на враќањето на демократските процеси во Репубилка Македонија“, одговори лидерот на СДСМ, Зоран Заев, запрашан од Дојче веле која е најважната порака од официјална Софија со која тој се враќа во Скопје по средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов. „Таа е најважната порака“, вели Заев, без да даде дополнителни објаснувања, а со став дека таа сама по себе „кажува се‘“.

Прашање е дали е тоа сосема извесно, ако се има предвид дека во изјавите од Софија досега имаше одредени „ребуси“. Бугарскиот премиер Бојко Борисов на 11 мај го „советуваше“ македонскиот колега Никола Груевски дека е најдобро да поднесе оставка.

„Јас сум дал пример како го прави тоа еден премиер ако има недоверба поради една или друга причина. Потоа народот ќе ја врати довербата“, изјави Борисов, кој даде оставка под притисок на протестите за високите цени на гасот, но по изборите повторно ја доби довербата. Во превод, советот на Борисов беше: „Оставката е најбрз пат за враќање на власт“.

Борисов вчера изјави дека Заев доаѓа на негова покана во Софија, а медиумите пренесоа изјава на шефот на бугарската дипломатија, Даниел Митов, дека „иницијативата за средбата дошла од лидерот на СДСМ, Зоран Заев“.

Mazedonien Zoran Zaev
Заев: Бугарија дава поддршка на враќањето на демократските процеси во РМФотографија: DW/K. Blazevska

„Тој овде имаше договорени средби со претставници на БСП и побара средба и со Бојко Борисов, што е нормално за лидер на една опозициска партија“, изјавил Митов за „Фокус“.

Позитивни сигнали

Бугарските медиуми и‘ посветија големо внимание на посетата на Заев. Но, покрај опширно пренесените изјави што по средбата ги дадоа Борисов и неговиот гостин од Македонија, нема анализи на пораките што ги разменија двајцата политичари во бугарската престолнина. Нема анализи ни во македонските медиуми. „Дневник“ на пример, се посветува на настани од минатиот век, во текст под налов „Бугарската служба шпионирала за Москва, Советите проследувале до УДБА“. Домашните медиуми не го одбележаа ни фактот што посетата на македонскиот опозициски лидер на Софија, освен што се реализира во специфичен момент, се случува и по подолг период на отсуство на какви било официјални контакти меѓу Скопје и Софија. По долг застој, последната средба Груевски-Борисов се реализираше на 16 февруари 2013 година во Скопје. Лани, на 25 ноември, како што објави прес-службата на Владата на Бугарија, премиерот Бојко Борисов имал телефонски разговор со македонскиот колега Никола Груевски, кој го поздравил неговиот реизбор. И толку. По овој скромен учинок во релациите меѓу двете земји, аналитичарите во посетата на Заев гледаат ново раздвижување во односите.

Gemeinsame Sitzung der mazedonischen und bulgarischen Regierungen
Отсуство на официјални контакти меѓу Скопје и Софија подолго време - на фотографијата заедничка седница на владите на двете земји во 2013 годинаФотографија: MIA

Посетата на Заев на Бугарија е од големо значење за Македонија, бидејќи овие денови како наш сосед тие покажаа голем интерес и загриженост за случувањата кај нас, вели професорот Јове Кекеновски.

„Ќе беше добро вакви средби досега да се одржеа и со Грција, Албанија, Србија и Косово и тоа од страна на актелната власт, која за жал, не само што не покажа ваков интерес, туку најверојатно е свесна дека го има изгубено кредибилитетот кај сите нив со сите сегашни, но и претходни случувања. Република Бугарија јасно и гласно кажа дека го почитува територијалниот интегритет и суверенитет и остро реагираше на провокативната изјава од Лавров дадена во оваа насока. Второ, како членка на органите и телата на ЕУ, Бугарија може доста да помогне околу нашиот евроинтеграциски пат и тоа деновиве мошне јасно и гласно го кажаа нејзините лидери и од позицијата и од опозицијата“, уверен е Кекеновски.

Потенцијален партнер?

На средбата која траела 1 час и 20 минути, освен за актуелната криза во Македонија, заложбите таа да се реши мирно и низ дијалог и најавената поддршка од Софија за македонската евроинтеграција, биле изразени и заложби што поскоро да се потпише билатералниот Договор меѓу двете држави, за кој од македонска страна постојат несогласувања во однос на неколку точки.

Според аналитичарот Суад Мисини, во однос на средбата се непобитни два факта: дека Заев е примен на највисоко ниво и тоа во време кога во Македонија има длабока политичка криза, која според домаќините, треба да се реши со политички дијалог.

„Ова го толкувам како давање легитимитет на ставовите на опозицијата без, секако, официјална Бугарија да заземе страна. Но тоа може да значи и очекување на Софија дека Заев е потенцијалниот партнер со кој може да се договараат и разрешуваат отворените прашања меѓу двете држави“, вели Мисини. Тој смета и дека фундаменталната порака на овој настан е одговор на руските позиции и обиди за подигање на тензијата во Македонија, како геостратегиски обид да се (зло)употреби политиката и позицијата на премиерот Груевски.

„Тој одговор не е само бугарски, како една од спомнатите страни во наводниот план за поделба на Македонија, туку и НАТО одговор. Тој во повеќе наврати се повторува како став којшто треба да биде слушнат од сите, особено од Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, со цел да заборават на сите евентуални деструктивни решенија кон кои би пристапиле заради спасување на сопствените позиции, но да биде слушнат и од Москва, како тврда позиција на НАТО како безбедносен чадор во регионот“, констатира Мисини.

Некои од аналитичарите укажуваат и на еден друг важен „детал“. Имено, зборувајќи за форматот во кој тие го пречекале гостинот од Скопје, Борисов посредно му испратил порака на Заев за неопходноста надминување на поделбите во време на криза.

„Не се мешаме во внатрешните работи на земјата, но не‘ згрижува што таму има политичка криза и тоа на нашата граница и тоа со еден народ, кој е најблизок на Бугарија. Ја направивме средбата и со бугарската опозиција, за да покажеме, дека во Бугарија не се делиме на леви и десни, кога станува збор за такви проблеми“, изјави Борисов по средбата.

Ова и не се смета за „ребус“, туку за јасна порака.

Бугарските власти не се во снимките

Според Мисини, постои уште една димензија на овој настан, за која ќе се дебатира во иднина: дали на оваа средба имало примопредавање и/или презентација на материјали кои треба да ја изменат позицијата на некоја од страните.

Boiko Borisow Wahl zu Premierminister im Parlament 07.11.2014
Бугарскиот премиер Борисов изјави дека Заев дошол во Софија на негова поканаФотографија: Reuters/S. Nenov

„Бугарија е секако заинтересирана за сознанијата што Заев би можел да ги има и за функционирањето на бугарските интереси во Македонија и во која мерка тие би можеле да бидат загрозени. Во истиот контекст, Бугарија секако има што да понуди за возврат, со оглед на фактот што неколку криминални линиии на ВМРО-ДПМНЕ оделе и веројатно се‘ уште одат преку Бугарија. Секако дека ваквата евентуална „соработка“ би изгледала сосема невообичаена, но таа е исто толку невообичаена колку што е и поканата за еден опозициски лидер и третманот што тој го добил при неговата посета на оваа соседна земја. Секако дека Бугарија ќе се труди да покаже/докаже дека ова не би значело фаќање на страна во македонскиот политички спор, но политичките потреби на Софија се далеку поголеми од евентуалната нелагодност што ваквата 'соработка' би ја предизвикала во јавноста“, вели Мисини.

Но, како што пренесува бугарската агенција „Фокус“, Заев изјавил дека во материјалите со кои располага СДСМ, не фигурираат бугарски политичари во власта - ниту министри ниту премиерот.

„Бугарскиот премиер не е присутен во записите со кои сме запознаени. Неколку амбасадори во Македонија од различни земји биле прислушувани. Ние им ги предадовме овие материјали. Немаме запис, документ или снимен телефонски разговор на политичарите во власта (бугарската н.з.), без разлика дали станува збор за некој од министрите или премиерот“, изјавил Заев.