1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загрозена и „условната покана“ на Македонија во НАТО?

Катерина Блажевска13 март 2015

Во Владата се недостапни за потврда или демант на најавите за можно преиспитување на условната покана за членство на Македонија во НАТО, а дипломатски извори посредно сугерираат дека ништо не е исклучено

https://p.dw.com/p/1Eq8g
Фотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev

Холандија го предупредила премиерот Никола Груевски, дека на следниот самит на НАТО во 2016 година во Варшава, би требало да се преиспита поканата за членство на Македонија во НАТО (условена со решавање на спорот за името), ако земјата се оддалечува од демократските процеси. Предупредувањето било искажано на заедничкиот ручек на амбасадорите на шест земји членки на НАТО со македонската делегација, што се одржал веднаш по средбата на премиерот Никола Груевски со генералниот секретар на НАТО, Јeнс Столтенберг.

Во Владата вчера беа недостапни за потврда или демант на оваа информација од неименувани извори, објавена во македонските медиуми. Aмбасадорката на Холандија на ручекот, наводно, отворено прашала дали треба да се преиспита поканата за Македонија, поради нефункционирањето на правната држава, зависноста на судството од власта и недостигот на медиумски слободи. Другите амбасадори, наводно, не се изјасниле за темата.

Црна Гора како лекција

Дипломатски извори со кои контактираше Дојче веле не ја потврдуваат, но и не ја демантираат оваа информација.

„Постоењето на функционална демократија, владеењето на правото и медиумските слободи се фундаментални услови без кои е незамисливо чие било членство во НАТО. Ако Генералниот секретар на НАТО, на пример, му кажал на македонскиот премиер дека Црна Гора ќе биде следна членка на Алијансата, македонските власти мора да направат многу повеќе од обично преиспитување на тема 'зошто Македонија стагнира во интегративните процеси'. Нерешениот спор за името кој се сметаше за единствена пречка на тој пат, подолг период е во сенка на други, тешки нерешени внатрешни проблеми и неспроведени реформи. Мора да се спроведат темелни и реални а не фиктивни реформи, за да можат неопходните стандарди да бидат видливи и иманентни на македонското општество“, велат овие извори.

Загриженоста за состојбите во Македонија не ја криеше и Генералниот секретар на НАТО. На заедничката прес-конференција со македонскиот премиер на 11 март, Столтенберг одби да ги коментира информациите дека зад скандалот со прислушувањето во Македонија стојат странски тајни служби, како што обвини македонската влада.

„Ги следиме со загриженост политичките настани во Скопје. Ја истакнав важноста на слободата на медиумите и колку е важно да и се овозможи на опозицијата да има добри работни услови. Тоа се демократски вредности кои треба да се почитуваат. Ја посочивме и важноста од независна и темелна истрага за многу сериозните обвинувања. Оние кои се одговорни треба да се одговараат за она што се случило“, рече генералниот секретар на НАТО.

Вчера и амбасадорката на Франција, Лоренс Оер, потенцираше дека загрижувачката политичка состојба во Македонија не треба да ја спречи земјата и граѓаните да ги третираат вистинските проблеми.

„Една од клучните работи на кои Македонија треба да поработи се и медиумите кои треба да бидат транспаретни и да работат во нормални услови“, порача Оер.

Belgien Jens Stoltenberg (Nato)
Генералниот секретар на НАТО, Јенс СтолтенбергФотографија: picture-alliance/AA/D. Aydemir

(Ин)директни пораки

Домашните политичари и аналитичари со загриженост ги следат ваквите информации. Со Завршното коминике од Букурешт во 2008 година, Македонија практично доби покана за членство во Алијансата, која може да се ефектуира по решавање на спорот со Грција. Нано Ружин, поранешен македонски амбасадор во НАТО во два мандата, вели дека ова би било првпат во историјата на политиката на 'отворени врати' на НАТО, да се спомнува таква закана.

„Подолго време во Алијансата се критикува состојбата со демократијата во Македонија и се истакнува дека освен 'спорот со името', има и други сериозни проблеми од нејзиниот Акциски план за членство во НАТО. Од тој аспект, критиката на холандската амбасадорка не може да се смета за индивидуален чин. Нејзините зборови биле само пренесено мислење на целиот НАК (North Atlantic Council/ Северно-атлантски совет)“, смета Ружин.

Тој укажува дека во дипломатската практика секогаш се изнаоѓала некаква „формула“ за да им се даде до знаење на одредени држави дека НАТО не ги цени нивните потези, како на пример, во случаи на повреда на основни човекови права или изборни манипулации во Узбекистан и Белорусија.

„На пример, американската делагација за време на Самитот во Истанбул во 2004 година одби да се примени принципот на седење според англиското именување на државите, според кое делегацијата на Узбекистан требаше да седи до делегацијата на САД (USA). Затоа беше предложено да се употреби француското именување на државите, според кое, САД се Etats Unis, па наместо узбекистанската, нашата делегација како Еx-republique yougoslave de Macedoine седеше до американската. Се употребуваат и други форми на индиректно давање до знаење на некоја делегација, чија држава ги крши демократските права. Во случајот со Македонија, ова е прв пат во историјата на политиката на 'отворени врати' на НАТО, да се спомене закана на така остар начин“, вели Ружин.

Според него, со тврдењето дека зад „креираните“ разговори стои „странска разузнавачка служба“ без да ја посочи, премиерот дополнително го девалвира македонското досие во НАТО.

„НАТО со право може да ја стави под знак на прашање способноста на УБК да ги чува класифицираните информации кои стигнуваат од Брисел или кога некој од снимените (прислушкувани н.з.) функционери им ги раскажува содржините на овие документи на други снимени функционери. Од тој аспект, и изразот 'пуч' го става под знак прашање кредибилитетот на Груевски. Добро е е што барем министерот за одбрана, Зоран Јолевски, негираше дека се работи за таков настан“, посочува Ружин.

Брисел за реформи, власта за собири!

Комесарот за соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан, на седницата на Европскиот парламент во Стразбур (10.03), на која се расправаше за извештајот за напредокот на Македонија во ЕУ-интеграциите, ја изрази „големата загриженост“ на Европската комисија поради „селективното судство, проблемите со слободата на говорот и недостигот на дијалог“, кои според него, само се заостриле со актуелната криза. Исмет Рамадани, претседател на Евроатлантскиот совет на Македонија, смета дека пораките упатени и од еврокомесарот Хан и од генералниот секретар на НАТО Столтенберг, треба да се сфатат сериозно и добронамерно.

Wahlen in Mazedonien Kandidaten
Нано РужинФотографија: DW / Stojanovski

„Сега е клучно да се постапи по главната забелешка - независноста на судството. Само ако имаме независно судство, тогаш и власта и опозицијата и граѓаните ќе веруваат во начинот на кој ќе бидат процесуирани сите предмети. Но, политичката криза бара и политичко решение, а тоа тешко може да се менаџира без помош од меѓународната заедница“, смета Рамaдани.

И додека од меѓународната заедница стигнуваат пораки властите „да ја покажат својата посветеност на владеењето на правото, почитување на слободата на изразување, како и интегритетот на демократските процеси во Македонија“, од ВМРО-ДПМНЕ стигна најава за друг вид активност. Владејачката партија во недела во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ќе организира голем собир на граѓани, на кој ќе бидат испратени повеќе политички пораки, меѓу кои и од премиерот Никола Груевски. Собирот бил на иницијативата на повеќе општински комитети на ВМРО-ДПМНЕ, како резултат на последните случувања во земјата и потребата да се даде одговор на тоа.