1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Загатката на мостовите од евро- банкнотите

И.Д'онт, А.Хардер/ С.Недевски19 април 2014

Кој внимателно ќе погледне една од седумте евро банкноти, ќе најде слики на мостови на задната страна. Но каде во Европа се наоѓаат тие мостови? Никаде, бидејќи градбата од банкнотата на еврото не постои. Барем досега!

https://p.dw.com/p/1BbQu
Фотографија: Fotolia/ Tatjana Balzer

Фикцијата станува реалност - градчето Спајкенисе кај Родердам од неодамна е побогато за седум шарени мостови. Она што ги прави посебни е фактот дека тие се копии на фиктивните мостови од банкнотите на еврото.

Од еден повнимателен поглед врз банкнота од 10 евра, на графичкиот дизајнер Робин Стам му се роди идејата за проектот за изградба на мостови.

Општинските власти во неговиот роден град Спајкенисе беа воодушевени и ја спроведоа идејата во дело.
„Најтешко беше да се промени размерот. На банкнотите тие изгледаат како вистински големи мостови, а тука се само сосем мали. Тоа е по малку апсурдно и многу смешно“, вели Стам.

Banknote 50 Euro (Brücke)
Фотографија: picture-alliance/Eibner-Pressefoto

До мостови преку дипломатска префинетост

Банкнотите ги дизајнираше Австриецот Роберт Калина. Во 1996. година тој победи на конкурсот на кој учествуваа уште 28 други дизајнери.

Темата гласеше: „Периоди и стилови на епохите“. Инспирација Роберт Калина најде во неговиот роден град Виена. Покрај сводните порти и прозорци, тој како мотив ги одбра и мостовите.
„Симболиката на прозорците и портите треба да е отвореност и поглед кон иднината. Тоа ми беше идејата, а сметам дека симболиката на мостот може да се објасни уште полесно: мостовите секогаш надминуваат пречки или преставуваат поврзница меѓу две места.“, раскажува Калина.

Печатените дела на Роберт Калина се во оптек од 2002. година, кога еврото беше воведено во 12 земји на Европската Унија. Денес еврозоната брои 18 држави.

Поради тоа при изборот на мотивите беше неопходна дипломатска префинетост. За да не истакне посебно некоја земја, Роберт Калина се одлучи за фиктивни градби: „Како појдовен материјал користев веќе постоечки градби - мостови, прозорци - кои потоа во соработка со двајца стручњаци, еден историчар на уметност и еден инженер за мостоградба, толку ги изменив, што, иако ги имаат стилските обележја, сепак не постојат во реалноста.“

Banknote 500 Euro (Brücke)
Фотографија: picture alliance/Arco Images GmbH

Стабилни мостови

Сега, меѓутоа, фиктивните мостови на Калина станаа реалност во Спајкенисе во Холандија.
Мостовите од евро банкнотите се направени од бетон. Само жолтиот мост од банкнотата од 200 евра и виолетовиот од „петстотката“ се изградени од челик, оти архитектурата им е премногу сложена.

Инвестицијата би требало двојно да се исплати. Во Спајкенисе на лето се очекува навалица од туристи. Отпорноста на еврото ќе се покаже во наредната криза. Овие мостови, во секој случај, се стабилни.