1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За здрав живот треба здрави навики, здрави услови и здрав џеб

Костадин Делимитов22 октомври 2014

Македонските граѓани се свесни за потребата од водење здрав живот, и здрава исхрана. Прашањето е како да си го овозможат тоа, кога цената на органската храна е 3-4 пати поскапа од вообичаената?

https://p.dw.com/p/1DZbI
Фотографија: Fotolia/kab-vision

Риба со салата наместо хамбургер со пржени компирчиња, пливање или џогинг наместо гледање телевизија со грицки, сок и пиво, рекреација на велосипед или дремење пред компјутер? Како да се храниме здраво, или зошто не се храниме здраво? Колку е лесно да се живее здраво, дали здравите навики зависат само од нас самите или здравиот режим е сепак жртва и на други фактори? Вечни дилеми околу оваа вечна тема што периодов повторно се актуелизира во македонската јавност! Граѓаните главно се свесни за потребата од здрав живот. Имаат ли здрав рецепт за справување со стресното и динамично секојдневие, ги праша Дојче веле? :

„Живеам здраво, еве пешачам секојдневно накај работа, но многу е загадено“! „Како да мислам на здрав живот, кога по цел ден мислам како да го истерам месецот“? „Внимаваме на исхраната но верувајте не е нималку евтино да се храните здраво, но се трудиме дома, комбинираме, експериментираме“, „Одам на фитнес со една колешка од работа и пијам многу вода“, „А бе дечко, многу е лесно да се зборува за здрав живот, ама ајде живеј го да те видам. Не е само до навика, требаат и пари“!, коментираат граѓаните.

Повеќе сметка за здравјето

Експертите пак предупредуваат дека во услови на рапиден раст на хроничните болести мора да се води поголема сметка за сопственото здравје, посебно на навиките кај децата и младите. Здравата исхрана според дел од нив не треба да биде режим туку своевиден баланс на различните потреби и секојдневие на луѓето. Оттука сметаат дека се потребни и соодветни совети и „упатства“ што значи здрава исхрана и здраво живеење во современи услови на живот:

„Ако за здравата храна се добие првичен впечаток дека е многу скапа и недостапна за секого, тогаш мислам дека целата оваа потреба за здрава исхрана е недоволно добро сфатена од населението. Сите податоци укажуваат на тоа дека луѓето кои здраво се хранат трошат многу помалку средства за исхрана но исто така како резултат на нивното добро здравје тие се „ослободени“ од давачки за скапи лекови, и други скапи медицински процедури, како скапи операции и слични интервенции. Семејствата кои здраво се хранат имаат можност да заштедат многу повеќе средства кои ќе ги насочат кон остварување на саканите цели. Па ако ме прашувате колку просечниот Македонец може да води здрав живот, ќе ви кажам дека не само Македонците туку сите луѓе можат да водат здрав живот онолку колку за тоа самите ќе одлучат. Но, за тоа да се согледа потребно е луѓето да се едуцираат, да им се помогне да ги видат начините за тоа како да се дојде до здрава храна. Физичката активност пак, не сноси никаков трошок. Потребна е само одлука и истрајност на тој пат. Она што јас од моето искуство можам да потенцирам, најголема пречка за луѓето да одлучат здраво да се хранат и здраво да живеат е неодлучноста и „немањето храброст“ да направат вистински приоритети во животот. Оној момент кога родителите ќе сфатат дека здравиот доручек за нивното дете е многу поважен од високата оценка по било што во школо, тогаш мислам дека нема да си дозволат да го пратат детето во школо без доручек, со оправдување дека „нема време или ќе задоцни“ во школо, или пак сигурно уште од вечерта ќе му подготват на детето здрав сендвич за во школо наместо да бидат „практични“ и да му дадат пари за некој мрсен бурек, хамбургер, тост или чипс... Значи се работи за сфаќањата и приоритетите... Едукацијата е најважна! Тоа е моето лично сознание за тоа како да се „натераат“ луѓето да ја согледаат потребата од здрава исхрана и здрави животни навики“, коментира за Дојче веле Јадранка Бибан, лекар специјалист која активно се занимава со едуцирање за лекувањето на болестите со храна и со здрави животни навики.

Gesundheit Ernährung Frau ißt Apfel
Фотографија: Fotolia/Kurhan

Физичка активност

Свеста за здрав живот според дел од експертите е поразвиена за разлика од претходно, но факт е дека луѓето порано многу помалку се разболуваа за разлика од сегашниот начин на живеење. Условите за практикување физичка активност според дел од нив не треба да бидат оправдување:

„Динамичниот и стресен живот можеби остава малку време за физички активности, делумно влијае и исхраната, посебно фактот што во голем дел сме зависници од брза и нездрава храна. Сепак лично сметам дека условите ги задоволуваат потребите на граѓаните, па порано не ни требаа толку игралишта, игравме буквално на улица, а сега погледнете, дури 40% од децата се со зголемена тежина. Да, велиме дека е и загадено но дали и самите не влијаеме за тоа. И порано имаше фабрики во и околу Скопје и тоа повеќе од сега. Но тврдам дека најголемото загадување се нашите навики, велиме немаме пари, а возиме автомобили. Јас и моите колеги постојано се трудиме и апелираме да ги оставиме автомобилите, да користиме јавен превоз, велосипеди. Ако има помалку автомобили тие се идеален и најеколошки начин за превоз, верувајте“, коментира Слободан Трајковски претседател на невладината организација “Вело Европа“.

Оние пак кои држат до себе и својот изглед и кои наоѓаат време за физички активности најчесто се среќаваат на популарниот кеј на Вардар или на Водно каде бегаат од загаденоста. За оние со подлабок џеб опција се и фитнес центрите и боди билдинг клубовите кои ги има се повеќе:

„Работата ни е опадната за разлика од порано, дали поради стандардот или ниското ниво на свест и култура на живеење, но и засилената конкуренција. Но мислам дека секој може да си дозволи 1000 до 1500 денари месечно. Стандардот можеби не ограничува, градските услови, но треба да се практикува да се вежба. Но не и да се претерува. Посебно треба да се внимава, бидејќи честопати сме сведоци на несакани ситуации во трката да добиеме витка става или мускулесто тело. Затоа постојано апелирам на важноста на спортската медицина, лекарски прегледи, но и конечно воведување на лиценци за секој кој сака да се занимава со овој бизнис. Одете во Белград на пример и отворете фитнес центар, без лиценца не може. А кај нас, тренер е кој стигне. На интернет полагаат и земаат лиценца, но мора тоа да се регулира со закон бидејќи непрофесионалните совети и третман носат и последици, тешки деформации кои неретко можат да бидат тешки и фатални. Физичката активност е потребна, најмалку три до четири пати неделно, но задолжително со совети од стручни лица“, коментира за Дојче веле Милан Глигоровски сопственик на еден од најстарите боди билдинг клубови во Скопје.

Здравата исхрана секако дека е тесно поврзана со еколошките услови и средината на живеење што според експертите многу зависи од свеста на граѓаните. Во Македонија и тоа како постојат услови за производство на еколошки здрава храна која на пазарите е скапа и ретко кој може да си ја дозволи. Еден килограм органски, наспроти обичниот зеленчук или овошје е три до четири пати поскап. Еден од клучните предизвици за надлежните е и квалитетот, кој неретко страда во битката за профит:

Меѓу здравата храна и желбата за профит

„Морам да потенцирам дека производството на здрава храна од една страна и желбата за профит од таквото производство од друга страна, не може лесно да се усогласат. И тука повторно во прашање е свеста и приоритетите. Сопствено производство на храна, значи производство за себе и својата фамилија. Тој начин на производство по правило е многу побезбеден од аспект на еколошките фактори, затоа што сега многу луѓе знаат дека прекумерно користење на разни хемикалии, вештачки ѓубрива и сл. е многу штетно. Но кога се сака да се произведе храна за да се профитира од неа, тогаш по правило се заобиколуваат еколошките стандарди и се оди на количина и заработка. Ако поминете по зелените пазари, производителите кои таму ги продаваат своите земјоделски производи, веќе знаат дека луѓето се повеќе се интересираат за здрава храна, па затоа многумина од нив онака дискретно се случува да ви потшепнат на уво: „Земи си од кај мене, ова ми остана од бавчата што си ја правев за мене...“Значи од една страна расте свеста за потреба од здрава храна, но сепак желбата за профит останува приоритетна...Затоа сертифицираните органски производи се со многу висока цена, но не само кај нас туку во целиот свет, затоа што контролата за запазување на стандардите во производството мора да се спроведува многу строго и ангажирано од страна на луѓе и институции. Сето тоа станува силен проблем и пречка за здраво живеење и здрава исхрана кај луѓето особено во урбаната средина. Токму затоа најголем број луѓе се откажуваат од континуирано практикување на здрава исхрана како животен стил а многу малку луѓе пак си дозволуваат лекување со здрава исхрана„, коментира доктор Бибан.

Symbolbild Fitnessstudio
Фотографија: Fotolia/william87

Во насока на зголемување на свеста и потребата од здрав живот, неодамна и Владата стартуваше кампања која ќе трае неколку месеци преку разни активности, промоции, реклами, телевизиски настапи на стручни лица. Кампањата чие спроведување ќе чини половина милион евра според премиерот Груевски Никола е една од досега најзначајните:

„Целта ни е да им помогнеме на граѓаните со совети што е она што може да им го подобри здравјето, да им го продолжи животот и да ги направи посилни и поздрави и што е она што може да делува обратно, во полоша насока, Секој сам одлучува што ќе консумира за храна. Тоа е индивидуална одлука и никому не му се мешаме за тоа. Наша обврска, како Влада, е од најнапредните научни сознанија во делот на здравата храна и здравиот начин на живот да ги доближиме до секој обичен граѓанин, изјави Груевски