1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мал град, големо срце

Хермион Ги / СН25 декември 2014

Борбите во сирискиот град Кобанe беснеат три месеци. Со поддршка од воздух, курдските борци напредуваат, иако се послабо вооружени од Исламската држава. Животот на цивилите е тежок, но воените успеси влеваат надеж.

https://p.dw.com/p/1E9eC
Фотографија: DW/H. Gee

Декемвриска ноќ на периферијата на градот Кобане, пред неколку недели. Стражарот од Единицата за народна одбрана на сириските Курди (ЈПГ), гледа во темнината. Градот е обвиен во мрак. „Исламска држава е таму“, вели додека покажува на југ, на областа која е оддалечена „помалку од еден километар “. Додека со рака ја крие цигарата да не го видат непријателските снајпери, вели оти нападите на американската авијација и нивните сојузници започнаа во клучен момент. „Можевме да издржиме само уште ден или два кога почнаа да бомбардираат“, објаснува тој. „Почна да ни снемува муниција, се’.“

Пред да почнат воените удари во октомври, војниците на ЈПГ 45 дена се бореа сами. Исламистите имаа повеќе луѓе и оружје, а Турција ги спречуваше курдските борци како засилување да ја преминат границата. Никој не очекуваше дека градот ќе преживее. „Храброста и смелоста на нашите сили ја запреа Исламска држава“, вели Анвар Муслим, премиер на кантонот Кобане. „Тогаш почнаа авионските напади и пешмерга-борците понудија поддршка. Нашите сили презедоа иницијатива. ИД е сега скршена, практично и психолошки.“

Irak Ansichten aus Kobane 15.12.2014 - Kämpfer
Фотографија: DW/H. Gee

Наплив на оптимизам

Жителите на Кобане црпат храброст од најновите успеси на ЈПГ. Курдските сили до средината на декември ставија 70 проценти од градот под своја контрола, вели министерот за одбрана на овој кантон, Исмат Шеик Хасан. „Авиони ги бомбардираат позициите на ИД во Кобане и исто така го погодуваат засилувањето кое се обидува да го прати таму“, вели тој. „Но без разлика колку интензивно против нив дејствуваат борбените авиони, ништо немаше да се промени без борците на терен.“ Сепак, тврди министерот, за победа ќе биде потребно и трпение.

За време на ладното декемвриско попладне, 30-годишната Летфија Аверкали Зелема се наведнува над малиот оган пред својот дом во западен Кобане. Температурите во градот нагло опаѓаат во зима. „Немаме греење ни гориво“, вели таа. „Мораме да палиме оган надвор и таму да готвиме.“ Летфија е само една од стотината цивили кои и понатаму живеат во Кобане. Иако илјадници бегалци побегнаа во Турција по започнување на борбите, таа и нејзиното семејство решија да останат. „Не сакаме да заминеме“, вели Летфија. „Што ќе бараме во друга држава? Во Турција не‘ третираат како Цигани. Ова е наша земја. Зошто да им ја препуштиме на други? Подобро е да умреме тука.“

Во градот продавниците веќе не работат, но локалната власт секој ден дели основни прехранбени производи за жителите, вклучувајќи и храна, облека и лекови. Функционира дури и јавното претпријатие за вршење на комуналните дејности - работниците фрлаат вреќи со отпад во мал камион, додека на рамо носат пушки. Летфија вели дека најмногу се грижи за своите пет деца, најстарото има 12 години, а најмладото 18 месеци. „Се плашат. Ние им велиме дека се’ ќе биде в ред, но кога ќе експлодира граната тие се плашат.“ Како и да е, децата денеска трчаат пред куќата и на смени возат мал велосипед. Повремено доаѓаат крај огнот да се загреат. Играта не ја запира ни ехото од минофрлачки напад, ниту повременото пукање. „Некако се навикнавме“, вели Летфија. „Вака живееме веќе со месеци.“

Irak Ansichten aus Kobane 14.12.2014
Фотографија: DW/H. Gee

Сите знаат како да пукаат

Поголемиот дел од цивилите активно учествуваат во војната. „Веќе три години нашите луѓе - дури и деца - знаат како да се борат“, вели 22-годишниот Ахмед Исмаел. „Сите научија да користат оружје.“ Ахмед е поранешен столар, му се приклучи на движењето на отпорот пред 4 месеци. Сега покрај малата куќа покрај уништениот пазар помага во снабдување на борците, им носи храна и муниција, или пренесува ранети војници во болница.

Членовите на локалните вооружени групи пробија дупки во ѕидовите меѓу куќите, за да можат да се движат колку-толку заштитени. Преку влезовите во одделни улици висат покривки да ги заштитат од снајпери. „Се бориме за нашата слобода“, вели Ахмед. „Се бориме животот да ни се врати во нормална состојба.“ Махмуд Салих, кој има 50 години, остана во градот. Со него е неговата 10 години помлада жена Кадија Јусеф. На почетокот на борбите тргнале кон Турција, но набрзо се вратиле.

Irak Ansichten aus Kobane 14.12.2014
Фотографија: DW/H. Gee

Мал град со големо срце

„Кога бевме во пограничната област, ИД ја гранатираше областа и турската војска не стори ништо. Така решивме дека е почесно да се вратиме“, објаснува Махмуд додека седи на тротоарот пред куќата, варејќи чај на малото плинско решо за себе и своите соседи. Тој е инвалид, не може самостојно да се движи. „И’ реков на сопругата да оди во Турција, на сигурно. Но таа рече: ’Ќе останам со тебе, ако умреш ти, ќе умрам со тебе.’ ИД веќе уништи премногу животи.“ „Тешко е, но се снаоѓаме“, вели Махмуд. „Кобане е мал град, но имаме големо срце.“ За време на борбата, во градот се појави и силно чуство на гордост: „Одбивме да живееме со Исламска држава и нејзината идеологија. Покажавме дека ИД може да биде поразена, ако луѓето се борат и се спротивстават.“