1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жените - носачи од Мелиља

Штефан Шааф/ Жана Ацеска 23 ноември 2014

Во пристаништето на шпанскиот град Мелиља секој ден доаѓаат бродови натоварени со стока, која потоа носачи од соседниот град Надор, во Мароко, преку граница ја носат на грбот-мачна амалска работа за неколку евра на ден.

https://p.dw.com/p/1Daz3
Фотографија: WDR

Хакима на плеќите носи 40 килограми: облека, ќебиња или храна. Сето тоа 30-годишната жена ќе го пренесе од Шпанија преку границата во Мароко.

„Вака ние сиромашните мора да ги заработуваме парите, немилосрдно е. Секој мисли само на себе, работата е чисто мачење“, вели жената.

Стотици луѓе се туркаат на граничниот премин кој поради нив е затворен. Старици, млади мажи, сите надничарат како носачи, тука важи правото на посилниот. А нови количини стигнуваат безмилосно. Властите го третираат товарот како рачен багаж, па стоката не мора да се царини, тоа го овозможува договорот меѓу пограничните градови Мелиља и Надор. Така на трговците бизнисот им носи висок профит.

Исцрпената Хакима за момент го симнува товарот. Пауза за да здивне. Оние кои работат овде, се од Мароко, од соседниот град Надор - за неговите жители не е потребна виза. Мачно ринтање за само четири евра на ден, ни вели Хакима; потоа ја снемува.

Поглед на другата страна од границата: Мароко, Африка. Таму се врши претовар - многу од стоката е шверцувана, како на пример алкохол.

Во оваа куќа живее Хакима, нејзиниот маж неодамна починал, тагата уште се чувствува. Како неа на границата ринта и нејзината пријателка Марија, двете сами се грижат за своите деца. Но, самохраните жени во Мароко се безмилосно отфрлени. Кога ја прашуваме Хакима за нејзината иднина, почнува да плаче.

„Јас и мојот мал син само вака можеме да преживееме, инаку не добивам никаква друга работа. За нас никој не се грижи“.

Работата на границата и‘ е единствената шанса.

Melilla spanische Exklave Flüchtlingsansturm 17.5.2014
Преку високата ограда во Мелиља Африканците се обидуваат да стигнат во ЕвропаФотографија: REUTERS

Се враќаме на шпанската страна, кон Мелиља, градот што е на лош глас во светски рамки, но не поради амалите. Овде поминува границата меѓу Европа и Африка. Речиси секоја недела очајни луѓе се обидуваат да ја прескокнат високата ограда и да се најдат во Европа. Истовремено, пак, секое утро други тргнуваат во спротивна насока. За носачите работата започнува во седум часот наутро. Секојдневно до осум илјади луѓе носат тежок товар преку границата. Трговците, кои профитираат од ова аргатување, немаат грижа на совеста.

„Видете, ние на илјадници луѓе од мароканската страна им даваме работа, не е наша одговорноста за односите овде“, вели еден трговец.

Властите во Мароко и во Шпанија не сакаа да дадат никакво објаснување зошто не преземаат ништо против овој хаос.

Се среќаваме со Хесус Баранко од шпанскиот синдикат на полицијата. Тој ни објаснува дека трговијата е многу исплатлива за двете страни - затоа ништо не се менува: „Оваа работа ја сметаме за нечовечка, амалите често на грбот носат над 50 килограми, немаат никакви договори за работа и добиваат можеби пет евра дневно. Тоа е нехумано“.

Во пристаништето на Мелиља секој ден доаѓаат бродови и траекти натоварени со стока за амалите: облека од Европа и Кина, гуми и делови за автомобили, прехранбени производи - трговијата овде достигнува обем од над 500 милиони евра годишно. Стоката се складира во големите стоваришта во Мелиља, додека да ја однесат носачите од Мароко. Оваа трговија стана најважен економски фактор за шпанскиот град. А Хакима и натаму ќе стенка носејќи го тешкиот товар долж строго обезбедената граница; таа нема друг избор.

„Не гледам друга иднина, ова овде отсега ќе биде мојот живот“, шепоти младата жена.