1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕЦБ и‘ помага на Левицата на југот на Европа

Барбара Везел/превод:БГ23 јануари 2015

Економско-политичките реформи се тешки и веројатно премногу болни за некои кризни земји. Но свежите пари од Европската централна банка би можеле да им го подигнат духот, смета Барбара Везел

https://p.dw.com/p/1EPNK
Фотографија: Reuters/R. Orlowski

Веднаш да разјасниме: шефот на ЕЦБ Марио Драги сигурно не посакуваше ваков ефект. Но, со недели наназад беше јасно дека тајмингот на неговата најава за мега-паричната инјекција, во најмала рака, ќе биде деликатен за еврозоната: ваквата финансиско-политичка одлука на три дена пред парламентарните избори во Грција нема да мине без последици. Исто така со недели беше јасно кому му оди од рака оваа одлука: од кампот на шефот на Сириза Алексис Ципрас веќе се насетува еуфоријата дека конечно Европската централна банка им доаѓа на помош на сиромашните Грци. Сега е шансата тие да се ослободат од долговите, да и стават крај на уништувачката политика на штедење, и да ја поведат грчката економија кон нов раст.
А Ципрас веќе објасни како тоа си го замислува: можно е преку откупот на обврзниците, долговите на државата преку технички методи практично да исчезнат, а притоа товарот да не падне врз грбот на европските даночни обврзници.

Свежите пари даваат надеж

Како во пракса ќе функционира овој магионичарски трик, не е баш јасно. Но самата најава дека Централната банка „печати пари“ во Атина носи радост. Сега треба да и дојде крајот на омразената политика на штедење, која ја доведе земјата на работ на очајот. Наместо тоа, веднаш може да се инвестираат 11 милијарди евра, за да се поништат мерките на претходната влада: враќање на работа на дел од отпуштените од јавната администрација или укинување на високиот данок на недвижности кој требаше да донесе дополнителни средства во буџетот. Сириза се надева дека финансирањето на државата сега ќе доаѓа од Франкфурт, од каде веќе во март се очекува наплив на пари. Таквиот план, партијата им го „продава“ и на гласачите: крај за штедењето, наскоро доаѓаат свежи пари. Марио Драги сега може уште трипати да објаснува дека тоа не било така замислено за да се откупуваат грчките државни обврзници. Гласачите во Грција веќе веруваат во решение, а тоа го покажуваат и последните анкети.

Barbara Wesel Porträt
Барбара ВезелФотографија: Georg Matthes

Владата во Берлин и Европската Комисија во Брисел навреме се спротивставија на овој план: еврозоната може да продолжи и без Грција, склучените договори мора да се почитуваат и слично. Но заканите исчезнаа во облакот од речиси илјада милијарди евра кои треба да завршат во еврозоната до 2016 година. И веќе не се работи само за Грција. Еуфоријата на грчката Левица во меѓувреме се шири и во Шпанија, каде зајакнува партијата Подемос. И тие бараат крај за мерките за штедење и нови инвестиции. Но, досега никој од младите левичарски херои во Атина или Мадрид не понуди план за економски подем од кој јасно ќе се види на што планираат да го градат растот.

Новата Левица се уште нема економска програма

Декларираната цел е пресвртот во Европа да започне од југот, каде една по друга левичарска влада ќе се етаблираат и ќе му стават крај на германскиот диктат за штедење. Исходот од демократските избори можеби ќе биде таков, но засега недостасуваат планови, како ќе бидат санирани уништените економии, кога германската канцеларка Ангела Меркел повеќе нема да служи како плашило.

Станува уште поопасно за еврозоната кога ќе се прочита реакцијата по одлуката на ЕЦБ на италијанскиот премиер Матео Ренци: тоа е важен сигнал за поинаков правец во еврозоната и курс насочен кон поголем раст. Италијанците досега ветуваа спроведување на неопходните реформи, но досега речиси ништо од тоа не исполнија. Не толку драматична, но слично неуспешна е и приказната во Франција: претседателот Франсоа Оланд покажа волја но не и моќ да ги реформира пазарот на трудот и социјалните закони.

И токму тука лежи големата опасност за еврозоната: владите во јужните европски држави и Франција ќе добијат чувство дека најлошото е зад нив. Ќе добијат пари за инвестиции, ќе постигнат некој мал раст и ќе продолжат по старо. Марио Драги може уште десет пати да протестира поради тоа: повеќе од веројатно е дека токму и ќе се случи.