1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еурофајтер за ограничена употреба

Христијан Тилес/ Тагесшау/дв/Жана Ацеска 2 октомври 2014

Само што се појавија написи за дотраената и застарена опрема на германската војска, откриено е и дека најновите борбени авиони имаат сериозни технички недостатоци.

https://p.dw.com/p/1DOsY
Фотографија: AFP/Getty Images

Кога станува збор за транспортните авиони од типот Ц-160 Трансал, едвај некого го изненади што еден од нив „цркнал“ кога требаше да ја транспортира германската помош во Ирак. Поради проблемите со испораката на новите транспортни авиони Ербас А400М, речиси сите авиони се постари од пилотите кои треба да ги управуваат.

Но, борбените авиони од типот Еурофајтер се практично целосно нови и уште не се ни стигнати сите кои се порачани. Моментно во составот на германското воздухопловство има 109 авиони од овој тип и при цена од околу 134 милиони евра по парче, би се очекувал и беспрекорен квалитет.

Но, дополнителната проверка на квалитетот на производството открила сериозни грешки и „голем број дупки на задниот дел од авионот“, како што е објавено на страницата на Бундесверот. Производителот се обратил со предупредувања до купувачите-очекуваниот работен век на овие авиони е намален драстично од 3.000 часа лет на само 1.500.

Кобни дупки во опашката на авионот

Производителот не навлегувал во детали за грешките кои се настанати, туку признал дека британската фабрика БАЕ Системс недоволно прецизно ги обработила издупчените отвори во металната структура на авионот, така што во нив има метални остатоци. Всушност, Еурофајтер е заеднички проект на Велика Британија, Германија, Италија и Шпанија, а првично во него учествуваше и Франција, која подоцна се реши на сопствен модел-Рафал.

Производителот на Еурофајтер тврди дека уште се вршат дополнителни тестови на оптоварувањето, но и дека грешката во производството, барем за време на 1.500-те часови работен век, нема да има влијание врз сигурноста на летот и ефикасноста на авионот. Со оглед на цела низа скандали кои ја потресуваат германската војска со нејзината опрема, и Бундесверот и министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен го признаваат „лошиот момент“ во кој стигна веста. Конечно, според спецификацијата на порачката, од производителот не се бараше авион со работен век од 3.000, туку од 6.000 часа лет, а сега испаѓа-се гарантира сигурноста само за една четвртина од тоа време.

Германското министерство за одбрана затоа реши да не презема ниеден нов Еурофајтер додека не се реши овој проблем. Министерката Фон дер Лајен најави „темелно преиспитување“ на големите нарачки на оружје и воена опрема, како и пристигнување на извештајот на консултантската фирма КПМГ околу тоа во следната недела.

Phantom F4F wird in Wittmund verabschiedet
Еурофајтер се користи однеодамна, зашто дури оваа година и последниот Фантом замина во музејФотографија: picture-alliance/dpa

Еурофајтерите и онака остануваат во хангарот

Иако не се знае каде точно се наоѓаат дупките на опашката на авионот Еурофајтер и дали со помош на адаптација (по правило-многу скапа), може да се продолжи неговиот работен век, всушност оваа вест нема речиси никакви непосредни последици по германското воено воздухопловство. Зашто од 109 авиони кои теоретски ги има, само 42 се воопшто спремни за извршување задачи.

Згора на тоа, во време на општо штедење, се вршат само мал број летови. Горивото е скапо, а борбените авиони „голтаат“ речиси неверојатни количини гориво. Исто така, слично како што и (ретко искрените) сопственици на Ферари признаваат дека е помал проблем да се купи, но многу поголем проблем е одржувањето на таков автомобил, куповната цена е „ситница“ во однос на трошоците на одржувањето на еден модерен борбен авион. Се‘ на се‘, тие четириесетина германски Еурофајтери во просек се во воздух само по 140 часа годишно!

Затоа и не чуди што имаат така околу 800 часа лет. Германскиот авион кој летал најмногу во воздух поминал само околу 1100 часа. Затоа не се ни загрозени мисиите кои се извршуваат со овие борбени авион, како на пример надзор над воздушниот простор над Балтикот.

Зашто, во целата серија скандали со застарена и неисправна опрема на германската војска е откриен многу поголем проблем кој го мачи Бундесверот, посебно кога се во прашање мисиите во странство-луѓето. На пример, Германија во 2012 година широкоградо испрати во Турција свои системи за проиввоздушна одбрана Патриот, поради опасност од ракетни напади од среден дострел од соседна Сирија, кои би можеле да содржат и боеви отрови. #bbig

Што вреди опремата ако нема луѓе?

За среќа, арсеналот на боевите отрови на режимот на Асад е главно уништен, а досега не дојде ни до ракетен напад врз Турција. Зашто, иако има опрема, во германската војска има само рака луѓе кои знаат да ракуваат со сложените системи. Затоа, тие постојано се испраќани во Турција, а кај третина од нив не е исполнета гаранцијата да останат дома барем 20 месеци меѓу две мисии.

Вкупно земено, според истрагата по налог од германскиот Бундестаг, повеќе од 100 германски војници во мисија се подолго од 200 дена. Бундесверот едноставно не знае што да прави, па наместо да ги испраќа дома, на војниците им нуди семинари по рекреација за да научат да се одмораат далеку од роднините и пријателите.

Сличен проблем имаше и Холандија. Таа го реши на единствен можен начин: владата реши веќе да не учествува во противвоздушната одбрана на Турција од почетокот на следната година и сите војниции опрема ги враќа дома.