1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ стандарди за крводарувањето во Македонија

Свето Тоевски14 декември 2014

Крводарувањето во РМ е во постојан пораст во последниве години и има 55.000 крводарувања годишно. Институтот за трансфузиона медицина вгодина ќе премине на европските стандарди за здрава и безбедна крв и крвни деривати.

https://p.dw.com/p/1E3jI
Фотографија: DW/S. Toevski

- „Луѓе, ве молам, да спасиме човечки живот, се работи за М.И., кој е во критична состојба и губи многу крв. Ако сакате да помогнете, потребна е крвна група „АБ позитив“ и „АБ Негатив“. Телефон 076/ ...“

- „Итно! Потребна е крвна група 0 негатив во Државната болница во Скопје за Ч.М.! Сите вие, кои што ја имате таа крвна група, ве молиме, дарувајте!„

- „Потребна ми е постојано крвна група „О негатив“ за татко ми, кој има карцином и кој ја губи крвта од се уште непознати причини. Се додека не го откриеме тоа, ќе ни биде потребна оваа крвна група и затоа ве молам помогнете. Контакт на телефон 072/ ...“

„Регионалните центри и службите за трансфузија во земјата самите имаат систем за повикување на дарителите на крв“

Во изминативе месеци од оваа 2014 година апели со ваква содржина повремено можеа да се сретнат на профилот на Фејсбук на Здружението на крводарители на Македонија, на други профили на оваа социјална мрежа, како и низ одделни средства за јавно информирање. Во врска со таквите огласувања низ општествените мрежи и медиуми магистер Емилија Велкова, вршителка на должноста директорка на Институтот за трансфузиона медицина на РМ вели: „По ваквите апели се здобива погрешен впечаток дека има постојан недостиг на крв, па и оти е, наводно, потребно таа да се обезбеди преку апелирања. Станува збор за произволни апели од семејствата и нивните пријатели, со желба да му се помогне на пациентот. Но, тие воопшто не се информираат во Институтот за состојбата со крв, па затоа ние сме принудени да даваме деманти и се обидуваме да ги сопреме таквите апели. Тоа не само што не ни помага во врска со обезбедувањето крв, туку и ни го попречува остварувањето на планот за крводарување. Нашата институција располага со оптимални количества на крв и крвни преработки.“

Blutspende Mazedonien
Фотографија: DW/S. Toevski

Како единствена државна установа што врши преработка на крв во земјава и која ги снабдува со крв сите државни и приватни здравствени установи, Институтот за трансфузиона медицина на РМ во повеќе наврати преку информативните медиуми се огласуваше во јавноста со соопштенија и изјави на неговите раководни лица дека во минатата и во оваа година ниту еднаш не се случило од семејство да се побара само да си обезбеди крв, за да се заврши потребната медицинска интервенција.

„Секогаш кога ќе се укаже потреба за крв за определен пациент, ако во определен момент нема од потребната крвна компонента, никој не треба да талка и да ја бара, туку најпрвин треба да се обрати во регионалните центри и службите за трансфузиона медицина во градовите, кои работат непрекинато 24 часа во текот на деноноќието. Самата установа во соработка со Црвениот крст на Македонија има усовршено шема и ја обезбедува потребната крв. На пример, ако институтот во моментот нема потребна компонента на крвта, најчесто тромбофереза, потребна за болните од леукемија, самиот институт располага со систем, во кој ги има контактите на доброволните донатори, па од самата институција ги повикуваат по телефон за да даруваат тромбоцити“ - нагласуваа повеќе пати од оваа медицинска институција.

Крводарување – анонимно, без надомест и врз доброволна основа

Институтот за трансфузиона медицина на РМ во својата организациона структура ги опфаќа трите регионални центри за трансфузиона медицина во Тетово, Битола и Штип, како и 18 – те служби за трансфузиона медицина. Како што велат во оваа медицинска институција. Планот за собирање крв и во 2014 година се остварува со 100 проценти, односно, и во изминативе 12 месеци е стасано до нивото од 55 илјади крводарувања. Според изјавите од институтот, тоа придонесло во 2014 – та да не дојде до пролонгирање на некои оперативни зафати во одделни болници во земјата, поради недостиг на крв од определени крвни групи. Во контекст на ова д-р Велкова истакнува: „Во оваа година не се случило да се откаже операција, поради недостиг на крв. Дарувањата на ’црвената течност’ во градовите се според очекувањата. Бројката на крводарувања е сосема доволна да ги задоволиме потребите на македонското здравство. Имаме доволно крводарувања годишно, немаме потреба од повеќе. Дури, оваа година го ограничивме бројот на крводарувања во одредени периоди, затоа што имавме премногу крв: таа не стои неограничено, со оглед дека еритроцитите имаат рок на траење од 42 дена. Дури 98 проценти од дарителите доброволно ја даваат својата крв без надомест, а другите случаи се семејни крводарувања. Во RM не постои платено крводарување.“

Blutkonserven
Фотографија: Fotolia/Gina Sanders

Кон овие податоци од институтот, кои укажуваат дека македонските граѓани не се воздржуваат да ја пројават својата хуманост кога треба да се помогне немоку и да се спаси нечиј живот, анонимно и без надомест, се надоврзуваат и резултатите од специјалистичкиот труд на Ристе Делипетров под наслов „Развојот на крводарителството во изминатите 58 години во општина Штип“, одбранет во 2012 година во Високата здравствена школа при Медицинскиот факултет на Универзитетот „Гоце делчев“ од Штип. Во изработката на овој труд е вклучен и анкетен прашалник, со кој биле опфатени 200 испитаници од кои половината се дарители, а другата половина се луѓе кои не дарувале крв. Според резултатите на анкетата, 47,6 отсто од дарителите ја даваат својата крв од хуманост, 36 проценти од општествена солидарноста, а само 4 проценти поради од љубопитност. Како причини поради кои не даруваат крв 28 испитаници навеле дека тоа се недостигот на време и страв, 11 отсто кажале дека причина е болест, а 9 отсто споменале други причини поради кои не се дарители на крв: недоволна информираност, невнимание и недоволна телесна тежина. Во анкетата биле опфатени 58 отсто мажи и 42 прценти жени, сите на возраст од 18 – 65 години, како и различни профили на професии: работници во производството, административни работници, војници, полицајци, но и пензионери, невработени, ученици и студенти.

Во контекст на унапредувањето на работата на Институтот за трансфузиона медицина на РМ, заради следење и на европските и светските трендови, д-р Велкова истакнува: „Во текот на 2015 година планираме да воведеме и електронски национален систем за регистрирање дарители, преработка и дистрибуција на крв и крвни состојки,како и за нивна дистрибуција. Започнавме со кампања за изработка на регистер и за потенцијални дарители на матични клетки, како и на регистер за аферезно дарување тромбоцити (издвојување само на тромбоцитите – ситните крвни ’плочки“, кои учествуваат во запирањето на крвавењето, за да им се помогне на оние болни лица, кај кои бројот на тромбоцити е толку намален и е недоволен да спречи крвавење, што може да го загрози нивниот живот).

Blutspende
Фотографија: picture-alliance/dpa

Овој институт има набавено нова опрема во регионалните центри за преработка и чување на сите крвни компоненти. Во сите станици за трансфузиона медицина се инсталирани фрижидери за соодветно чување на еротроцитните концентрати (концентрати на црвените крвни зрнца). Во самиот институт во Скопје се набавени опрема за преработка и чување на крвта и крвните состојки, опрема за автоматизирано тестирање на дарителската крв и крвта од пациенти, како и нова опрема за одделот за трансплантациона имунологија. Целта е со ова да се придонесе кон стандардизацијата на работа во сите трансфузиолошки центри, како и за побрз и подобар квалитет на тестирањата, кои се извршуваат кај пациентите. Годинава институтот го издаде и преводот на „Водичот за подготовка, употреба и обезбедување на квалитетот на крвните компоненти“, објавен од Директоратот за квалитет во медицината и здравствената грижа при Советот на Европа, како и други прирачници за контрола на квалитетот и за стандардни оперативни постапки. Со тоа крводарителството и трансфузионата медицина во оваа држава конечно се усогласуваат со со европските препораки за здрава и безбедна крв и крвни производи.