1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ подготвена да преговара со Русија за гасот

БГ/бета/ртр17 април 2014

Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо денеска (17.04) одговори на писмото на рускиот претседател Владимир Путин, потенцирајќи дека ЕУ е подготвена за преговори за гасот.

https://p.dw.com/p/1BkBs
Фотографија: AP

Европската унија прифати да отвори преговори со Москва за безбедноста на снабдувањето со гас, одговорајќи на тој начин на заканите на рускиот претседател Владимир Путин дека испораките би можеле да бидат сопрени поради големиот долг на Украина.

„ЕУ се согласува со предлогот за консултации со Руската Федерација и Украина во однос на безбедноста на снабдувањето со гас и неговиот транзит”, пишува во писмото кое Жозе Мануел Барозо му го испратил на Путин.

Претседателот на Европската комисија наведува дека е во заеднички интерес што побрзо да почнат разговори во кои ќе биде вклучена и Украина.

Рускиот претседател минатата недела упати писмо до група од 18 европски лидери, од кои 13 од земјите-членки на ЕУ, во кое наведе дека Русија би можела да ја прекине испораката на гас кон Украина поради нејзиниот заостанат долг.

Барозо во одговорот наведува дека европскиот комесар за енергетика Гинтер Етингер е подготвен веднаш да се состане со своите руски и украински колеги и да разговара за сите прашања поврзани со испораката на гас кон Европа.