1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ останува непопустлива кон Русија

Барбара Везел/Превод: Жана Ацеска19 декември 2014

Економската криза во Русија не ја омекна ни малку ЕУ. И германската канцеларка Ангела Меркел останува на нејзината цврста линија. Со право, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/1E7K2
Фотографија: AFP/Getty Images/S. Loeb

Полјакот Доналд Туск, новиот претседател на Европскиот совет, синоќа веднаш по вечерата ги испрати насобраните шефови на држави или влади по самитот во Брисел на божиќна пауза. Притоа, тие дома си ги зедоа нерешени најопасните политички проблеми во Европа.

Но, освен повторувањето на основната определба за натамошен цврст став кон Русија, синоќа повеќе не можеше да се постигне. Уште еднаш се покажа колку се различни ставовите на учесниците, и покрај истакнувањето на заедништво.

Кај литванската претседателка Далиа Грубаскаите можеше да се констатира извесна злорадост кога констатираше дека санкциите против Русија веќе покажуваат ефекти. Нејзините чувства, како граѓанка на балтичка држава, се разбирливи, но нивната манифестација не е политички умна. Зашто, ваквите изјави на европски политичари само го јакнат рускиот претседател Путин во искривеното претставување на причините за руската економска криза.

Европската претставничка за надворешна политика Федерика Могерини беше малку подипломатска од литванската претседателка: падот на руското стопанство не е добра новост ни за Европа, ни за остатокот од светот, а сигурно ниту за руските граѓани. Познато е дека Италијанката на почетокот беше противник на санкции кон Русија, со што го навлече гневот на Ангела Меркел. Но, Могерини има право во својата проценка.

Ангела Меркел останува непопустлива

Германската канцеларка меѓутоа остана недопрена од развојот на состојбата во минатите денови, застапувајќи непроменета цврста линија кон Путин. По подолготрајни обиди за посредување, кои рускиот претседател Путин ги отфрли, таа сега го соочува со резултати. Од Минскиот договор не е реализирано досега ништо освен првата точка-примирје. Но, мора да биде направено многу повеќе за да може да дојде до средба на Контакт групата и партнерите да можат да се вратат на преговарачка маса. Меркел јасно покажа-со неа не може да се смета на никаков аванс кон Москва. Санкциите можат да бидат укинати само ако се напредне, на пример во поглед на територијалниот интегритет на Украина. Меркел, малку импресионирана од економските хорор-вести од Москва, во вид веќе има продолжување на санкциите идната пролет.

Porträt - Barbara Wesel
Барбара ВезелФотографија: DW/B. Riegert

Во прашање се принципите на ЕУ

Со тоа Меркел демонстрира бескомпромисност и принципиелност. Европејците се единствени дека мора да биде заштитено правото на самоопределување на народите и дека не сакаат враќање кон политиката на сфери на влијание.

Прашање е само сега како да се комуницира политички со Путин. Зашто, санкциите имаат извесни економски последици, иако не се причината за сегашната руска стопанска криза. Но, тие досега не ја променија политиката на Москва. А ситуацијата е деликатна: ако се направат отстапки кон Путин, тоа може да ја цементира состојбата во источна Украина. Ако не се направат отстапки, кај него ќе победат инаетот и големодржавничката желба над разумот и тој се‘ повеќе ќе ја лизга својата земја кон бездна.

Државен банкрот на Русија би имал драстични последици по ЕУ и би предизвикал огромни штети. Сепак, заедничките принципи, за кои повторно се изјасни Меркел, треба да важат и натаму. Ситауцијата е како во микадо, кој прв ќе „киксне“, загубил.