1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ не е блокирана од проширувањето

Марина Максимовиќ/ Симе Недевски22 октомври 2014

Барозо на својот наследник на чело на Еврокомисијата во аманет му ги остава економските реформи и штедењето, подлабоките интеграции, но и проширувањето на ЕУ. Јункер, барем за наредните 5 години, го прецрта последното.

https://p.dw.com/p/1DZec
Фотографија: Reuters

По 10 години на чело на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо вели дека зад себе остава обединета, отворена и посилна Европа, подготвена да се соочи со предизвиците на денешницата. Во духот на евроентузијазмот, токму на начин на кој и ја водеше политиката во претходните два состава во една од најважните европски институции, Барозо во своето последно обраќање пред Европскиот парламент нагласи оти ЕУ, наспроти времето на константни кризи, успеа да се отвори, консолидира и обедини на речиси целиот европски континент околу вредностите како што се мир, слобода и правдина.

Осврнувајќи се на фактот дека за време на неговиот мандат, ЕУ „речиси двојно се зголеми“ по бројот на членки (од 15 на 28) Барозо порача: „Многумина предвидуваа дека ЕУ нема да може да функционира со 25, 27 или 28 членки, и оти ќе биде блокирана. Реалност е дека ЕУ не е блокирана со проширувањето. Реалност е оти некогаш всушност беше многу потешко меѓусебно да се усогласат некои од земјите-основачи на ЕУ, отколку сите 28 членки.“

Заминувајќи, претседателот на Европската комисија токму проширувањето го гледа како маханизам кој ја зголеми политичката моќ и економскиот потенцијал на ЕУ, но и овозможи слободен живот за половина милијарда луѓе. Во момент кога неговиот наследник, Жан-Клод Јункер, кој од 1. ноември го презема местото претседател на Европската комисија, најавува консолидација на ЕУ без нови членки во наредните 5 години, Барозо речиси гордо го нагласува фактот дека ширењето на Унијата и нејзината подлабока интеграција беа компатибилни процеси во последните 10 години.

Belgien Brüssel EU-Gipfel Oktober 2011
Фотографија: dapd

Да се продолжи по патот на Барозо или да се смени насоката на ЕУ?

Кризите, без разлика дали е таа уставната криза од почетокот на првиот мандат на Барозо (кога Франција и Холандија на референдумот во 2005. година одбија да го ратификуваат Европскиот устав), потоа финансиската криза која за време на неговиот втор мандат на чело на Комисијата од темел ја потресе ЕУ, но и голем број геополитички кризи, завршно со украинската на самиот крај на преседателството на Барозо, беа заеднички именител на европската, но и на глобалната реалност во последните 10 години.

Финансиската и економската криза, како најголема криза во историјата на европскиот проект, ја покажаа, според зборовите на Барозо, способноста и отпорноста на Унијата, не само да се прилагоди и стабилизира, туку и да стане и остане најсилен глобален играч во трговијата, борбата против климатските промени, хуманитарна и развојна помош и вложувањето во културата и иновациите. Иако признава дека моменталниот економски раст во ЕУ, и покрај „стабилизацијата“ , е „помал од очекуваниот“, Жозе Мануел Барозо го повикува својот „наследник и пријател“, Жан-Клод Јункер, да продолжи да ја води ЕУ кон веќе зацртаната политика и да продолжи со веќе започнатите реформи. „Во Европа проблемите не се решаваат со револуција или, полошо, со контрареволуција, туку со компромис, реформи и еволуција“, порача Барозо.

И додека европските конзервативци, кои победија и на последните европски избори и од чии редови доаѓаат Барозо и Јункер, ја поздравуваат таквата „сигурна и глобална тактика“, европските социјалдемократи и либерали на големо повикуваат на „промени поради спас на Европа“. Тие го потсетуваат Барозо на фактот дека зад себе ја остава ЕУ со огромна стапка на невработеност, никогаш посилно антиевропско движење и модел на политика за штедење, кои, според зборовите на критичарите на политиката и Барозо и владејачките европски конзервативци, се „почетен европски грев“ и извор на сите проблеми.