1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: Како да се биде хуман и реален?

Бернд Ригерт/ превод: Жана Ацеска25 декември 2014

Во 2014 година бројот на бегалци силно порасна, а така ќе продолжи и во 2015 година. Европа не смее да стане тврдина, но не може ниту комплетно да ги отвори своите граници, смета Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/1E9zL
Фотографија: picture-alliance/dpa/Italian Navy/Handout

Толку многу бегалци и баратели на азил колку оваа година, во Европа немало уште од 1945 година. Стотици илјади луѓе бегаат од областите зафатени со војна во Сирија, Еритреја, Пакистан и Авганистан кон Европа. Илјадници луѓе гинат во обид да преминат преку Средоземното Море или преку копнената граница на ЕУ. Оној кој нема среќа да влезе во дозволениот контингент бегалци со признат статус, а тоа се само малкумина, е принуден да бара азил. Барање за него може да се поднесе само на територијата на ЕУ. Правно гледано, значи, оној кој бара заштита мора прво нелегално да влезе во ЕУ, за да почне проверка на неговото право на азил. Апсурдна положба во која луѓето мора да се стават.

Илегалниот влез најчесто го организираат шверцерски банди, црн бизнис кој само на криминалците од Либија, кои испраќаат чамци преку Средоземното Море кон север, им носи добивка од милијарди евра. Се‘ на се‘, неподнослива ситуација која не постои само од годинава. Медитеранот не смее да се претвори во гробишта, предупреди папата Франциско пред Европскиот парламент. Се разбира, тој е во право, но што може вистински да се направи?

Крај на „утврдувањето на Европа“?

Познати организации за заштита на бегалците предлагаат да се прекине со „утврдувањето на Европа“ и доселувањето комплетно да се отвори. Тоа е оправдано од хуман аспект, но политички неспроведливо. Кај населението во Европа не постои подготвеност секоја година да се примат веројатно милиони луѓе и на некаков начин да се интегрираат. Веќе сега во некои држави во Унијата постои отпор против перцепираниот висок број баратели на азил. Во некои земји групите кои се непријателски настроени кон странците добиваат загрижувачки прилив приврзеници. Тука не помага укажувањето дека Европа, во споредба на пример со директните соседи на актуелното кризно жариште Сирија, прима само мал број бегалци. Во Либан наскоро секој четврт жител ќе биде бегалец. Пресметано споредбено со ЕУ, тоа би биле 125 милиони бегалци, наместо сегашните 500.000. Но, јасно е - игрите со бројки се сосема нереални. Едноставно, не постои политичка желба за прифаќање растечки бројки бегалци или барем нивно трајно одржување на сегашното ниво.

Deutsche Welle Bernd Riegert
Бернд Ригерт

ЕУ веќе согледа - за луѓето да бидат ослободени од рацете на криминалните шверцерски банди и да бидат поштедени од опасните бегства, мора да постојат повеќе легални патишта за доселување во Европа. Но, ако постојат побројни легални начини, реално е да се очекува зголемување на бројот на луѓе од Блискиот Исток, Африка или Русија, Украина и Србија, кои ќе се обидат да влезат во ЕУ. Според желбата на Европејците, вкупниот број на оние кои илегално или легално доаѓаат во Европа, не смее да се качува споредено со сегашното ниво. Како да се реши оваа дилема, останува отворено прашање. Тоа и натаму ќе ги преокупира министрите за внатрешни работи и во 2015 година. Тие можеа да воведат стриктни доселенички квоти за одредени земји на потекло, слично на она што го пркактикуваат САД. Сите други, кои сепак ќе дојдат, би морале ригорозно да бидат протерувани. Дали тоа би било поправично?

Проблематичен избор - кој би смеел да остане?

Според европскиот просек, само на половина од подносителите на барања за азил им се признава таквиот статус. Процентот на признат бегалски статус за различни земји на потекло драстично се разликува. Моментно, се прифаќаат речиси сите бараза за азил од Сиријци. Извесен шарм има идејата за проверка на изгледите да се добие бегалски статус уште пред илегалното влегување, надвор од Европа. Неа повторно ја заговара германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие. Но, како би биле организирани овие предложени центри во африканските транзитни земји, без истовремено да станат интернирачки логори, тешко е да се одговори. Вредно е барем да се проба, ако ништо друго, за да се поштедат луѓето од опасниот пат преку Средоземното Море.

ЕУ-членките, ако бидат меѓусебно солидарни и се придржуваат на денес важечките правила, би можеле и да ја подобрат состојбата на бегалците. Според важечките т.н. Даблински правила, за бегалецот се грижи државата во која тој прво пристигнал. Во секоја земја потоа следува постапка за добивање азил. Но, Италија, Грција, Унгарија и други не се придржуваат на овие правила. Европските судови постојано ги критикуваат неиздржливите услови во бегалските сместувалишта или фаличните постапки. На пример, само оваа година Италија воопшто не регистрирала илјадници бегалци, туку веднаш по спасувањето од морето ги пуштила илегално да заминат на север, преку Алпите. Петте држави, кои денес примаат посебно голем дел бегалци, меѓу кои и Германија, бараат нивно правично прераспоредување на сите 28 членки. Оние држави кои моментно имаат помалку баратели на азил, тоа го одбиваат. Прашање е според кои критериуми и кои баратели на азил да бидат препратени во друга ЕУ-држава? И дали смеат да бидат сместувани некаде и против нивна желба? Дали при следна прилика нема повторно да сакаат да отпатуваат во посакуваната земја?

ЕУ мора конечно да најде решенија

Многу прашања за исклучително комплексен и тежок проблем, кому ЕУ во новата година треба засилено да се посвети. Не смее да се чека додека напролет повторно да се појават слики со превртени бегалски бротчиња пред италијанскиот брег. Умирањето пред надворешните граници на ЕУ продолжува речиси секојдневно. Официјалните статистики ги опфаќаат само оние кои ќе бидат најдени, регистрирани или за кои се води азилантска постапка. Црната бројка на илегално стигнатите, без да бидат регистрирани, е голема. Таа е трипати до четирипати поголема од официјалната бројка на бегалци и баратели на азил, проценува Европскиот совет за бегалци. ЕУ, по две децении напори, мора конечно да понуди решенија. Зашто, едно е сигурно - притисокот ќе расте со оглед на растечките кризи на Блискиот Исток, во Африка и источна Европа. Ќе доаѓаат уште повеќе бегалци. Европа, за да остане хумана, мора да биде подготвена.